- Домашен бивол (Bubalus bubalis) или Медитерански бивол, води потекло од дивиот азиски речен бивол. Возрасниот примерок достигнува тежина до 1200 килограми кај машките и 800 килограми кај женките. Просечна висина кај возрасен мажјак е околу 1,7 метри.Според податоците од 40-тите и 50-тите години од минатиот век, во македонските села бил застапен со над 5000 грла. Ова доста силно и издржливо животно најмногу се користело за обработка на земјоделските површини и за транспорт, но индустријализацијата на земјата придонела во 60-тите години на минатиот век нивниот број значително да се намали. Историчарите се поделени околу потеклото на Балканскиот бивол. Според некои податоци, биволите во Македонија ги донеле војските на Александар Македонски по враќањето од Индија и Пакистан, а според други податоци, биволите во Македонија се донесени за време на османлиското освојување на Балканот.Огромното значење на биволот во секојдневието на нашите предци е изразено преку библиската легенда за неговото потекло: „Кога Ное ги сместил сите животни во ковчегот, на брегот останале една свиња, една овца, еден стар коњ и едно куче. Ное, несакајќи да ги остави животните, ги ставил во еден голем кош, кој откако го протресил од него излегле еден чифт биволи“. Оваа приказна точно го опишува карактерот на биволот… Може да лежи по цел ден во калта како свињата, приврзан е кон стадото како овцата, му служи на човекот како коњот и е верен како кучето.
Во 2009 година вкупниот број на домашни биволи во Македонија е проценет на 55 грла.
Во прилепско биволите се застапени во помал број, главно концентрирани во Дебреште, во кое во минатото имало околу 400 биволи, од кои сега се останати само десетина.
18 март 2006 година, „Дневник“
ПРИЛЕПСКОТО СЕЛО ДЕБРЕШТЕ Е МЕЃУ РЕТКИТЕ ШТО ЧУВААТ БИВОЛИ
„Млекото од биволица е многу вкусно. Киселото е како тесто, како павлака. Сирењето е најквалитетно. Нема никаква миризба, а мрсно е како кајмак – со апетит раскажува Мефмедалија Даутоски, од прилепското село Дебреште.
Тој е еден од се поретките домаќини што чува биволица, вид добиток што е пред исчезнување во Македонија. А, Дебреште е едно од ретките села, во кое сеуште живее вербата дека биволиците се бериќетни. Селското стадо, кое до неодамна имало 120, сега има само 20 грла.
Даутоски, 65-годишен земјоделски пензионер, сеуште ја турка традицијата и наоѓа есап во одгледувањето на својата Билинка. Според него, биволиците не се неисплатливи. Напротив. Не барале голем мукает. Неговото десетчлено семејство ја одгледува биволицата поради маста, бидејќи не користат масло за јадење. Сите потреби за готвење со мрснотија ги задоволуваат со квалитетна млечна маст од својата Билинка.
- Биволицата дава многу мрсно млеко, со повеќе од седум маслени единици. Ниту овците не даваат толку. Киселото е како тесто, небаре е кравја павлака. Сирењето од биволското млеко е најквалитетно. Без посебна миризба, а вкусно е како кајмак – тврди Даутовски.
Тој со љубов зборува за животното, а со внимание и ја одгледувал.
- Ако домаќинот е со ниет да вади квалитет, биволицата треба да се зоба, да и се дава јачмен, пченка, концентрат, а не да ја остави небаре е пусто говедо. Многу се корисни, и не можам да разберам зошто ги забаталија – продолжува Даутоски.
Неговата Билинка давала по десет литри млеко дневно. Порано чувале десетина. Тој вели дека биволите во неговата фамилија се одгледувале уште од дедо-прадедо.
- Сега ја имам само Билинка и очекувам принова. Порано биволиците ни ја ранеа фамилијата, ни градеа куќи и со нив ги растевме децата. Незаменливи беа за тешка работа. За орање во полето, а ги спрегнуваме во коли. Тие пренесуваа тони и тони кошеви со тутун, сено, слама, камења, дрва од планините… Дури по свадби и сунети не возеа впрегнати во колите. А не се пребирливи. Јадат се што ќе им фрлиш. И слама, и сено и разни треви, кои другата стока не ги мириса – вели Даутоски.
Дебрештани велат дека се откажуваат од услугите на биволите оти бил скап говедарот. Сопствениците на дваесетината биволици плаќале по 500 денари за грло за пасење. Даутоски објаснува дека никој не чувал машко грло и мака мачеле да најдат некое за приплод.
- Тракторите ги заменија биволите во транспортната работа. Сега машките треба да се гледаат само за размножување, а тоа е скапо. Килограм жива мера е половина евро. И ако при природното оплодување, Господ даде машко, тоа е жив зијан. Биволиците ги носат малите 11 месеци, а во последните три не се молзат. Потоа уште шест недели млекото се остава да го цица биволчето – објаснува Даутоски.
Тој вели дека покрај млекото, од овој вид добиток се користи и месото, а последниве неколку години биле заклани стотици грла.“
Коментирај