Примариус Д-р Христо Брашнаров е роден во Прилеп во 1919 година.
Гимназиското образование го завршил во Битола, во 1938 година. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Белград во 1946 година и веднаш потоа ја започнал специјализацијата по гинекологија и акушерство.
Бил учесник во НОВ во 1944 година. На Сремскиот фронт бил заменик командант на санитетот на ХV Македонски ударен корпус. Тој бил активно вклучен не само во лекувањето на жените и донесување на свет многу нови животи, туку и во менувањето на застарените навики на жените, во поглед на носењето на бременоста и породувањето во домашни услови, што тогаш било вообичаена пракса.
Тој бил еден од првите професори по гинекологија и акушерство и еден од основачите на Средното медицинско училиште во Скопје.
Бил асистент и професор на првата генерација студенти на Медицинскиот факултет во Скопје. За таа цел, уште во 1951 година, го превел на македонски јазик учебникот „Акушерство“ од рускиот гинеколог и акушер Каплан, кој долго време се користел како единствен учебник на македонски јазик од таа област.
Тој е еден од основачите на Гинеколошко-акушерските одделенија во болницата во Струмица и Прилеп.
Прилепското Гинеколошко-акушерско одделение под негово раководство прераснува во модерно одделение и станува едно од најсовремените во Југославија.
Во 1964 година прв во Македонија воведува анестезија во оперативните зафати на гинекологијата и акушерството.
Благодарение на Примариус Д-р Брашнаров, во Прилеп за прв пат во Македонија се воведува една нова метода при породувањето „вакум-екстрактор“, како и примена на анестезија при гинеколошките оперативни зафати.
Примариус Д-р Христо Брашнаров во Прилеп останал 18 години и за тоа време учествувал во отворањето на голем број гинеколошко-акушерски амбуланти по селата. Исто така, тој е еден од основачите на Медицинско-акушерското училиште во Прилеп, каде бил прв директор и професор.
Пензионирањето го дочекал како началник на диспанзерот за жени во поликлиниката Центар – Идадија во Скопје.
Починал на 7 декември 1992 година во Скопје.
Коментирај