Додола (додоле, перперуна, пеперуга, преперуга, перуница, дудула, дудулејка, дудулица, дидиља, дудуле, росоманка) e битие од словенската митологија која предствува божица на дождот, а се поврзува со врховниот бог на молњата Перун и е традиционален ритуал на Балканскиот полуостров, типичен во Македонија, Бугарија, некои делови на Грција, Албанија, Србија, Романија, Хрватска, Словенија и Германија како обредна практика која се изведува при големите суши за да се предизвика дожд.
РИТУАЛИ
Додолските ритуали се обредни пагански игри поврзани со пролетта и летото со чии магиски елементи требало да се предизвика дожд. Се одржувале од Велигден до Спасовден обично во четврток, ден кој според некои етнолози бил денот на громовникот Перун.
Во играта учествуваат само девојки, најчесто млади девојчиња (5-12 години) бидејќи обредните правила барале потполна невиност.
Девојките, наречени Додолчиња оделе облечени во стара облека, најчесто испокината, на главата носеле венци од трева, папрат, жито и цвеќе и дабови и врбови гранчиња, а во рацете букети цвеќе со кои прскале вода по дворовите.
Меѓу девојките избраната главната додола, се соблекувала и врз себе фрлала цвеќе и трева. Главната Додола морала да биде сираче (без татко и мајка) или родена после татковата смрт (посмртче), со тоа што после нејзиното раѓање не смеело да се роди друго дете.
Додолата играла пред секоја куќа, а останатите девојки кои оделе поредени две по две пееле додолски песни:
Дарувајте додолето,
додолето сирачето,
да попадне темна магла,
да зароси ситна роса,
да наводи рамно поле,
да си роди бериќетот!
Обраќањето на додолките најчесто се однесувало на бога кому му била упатена молитвата:
додолица бога моли,
ој додоле, мили боже,
дај ни, боже ситна роса, да нароси редом поле…
Додола заедно со нејзините придружнички одела слободно од куќа по куќа. Кога ќе пристигнеле пред некоја куќа ритуалот започнувал така што, главната Додолка пеела песна стих по стих, а девојките во еден глас пееле „ој додо, ој додоле“. Во текот на пеењето таа играла и се вртела во круг.
По пеењето домаќинот или домаќинката ги прскале девојките со вода и им дарувале брашно, волна, сланина, пари, но никогаш јајца, бидејќи се верувало дека тогаш би паѓал град. Некаде добиеното брашно го носеле кај вдовица која правела бакрдан (качамак) кој го јаделе врз чинија свртена наопаку, а од која претходно е истурена вода, некаде вдовицата правела обреден леб кој додолките го кршеле врз главата на главната додолка.
По завршување на обредот со заедничкиот ручек на додолките, тие ги фрлале венците и букетите во река. Во некои краеви додолките го изведувале обредот по нивите, а некаде се капеле во реката по што, по завршениот обред оделе во црква.
На почетокот од ХХ век носители на лазарската (Лазарки) и додолската традиција главно биле Еѓупците (Ромите).
Коментирај