Димитар Гешоски...

Димитар Гешоски

Димитар Гешоски е роден на 14 септември 1928 година во Прилеп.

Димитар Гешоски учествувал во формирањето на првиот професионален драмски ансамбл во Прилеп во 1950 година. Професионалната кариера ја продолжил во Скопје, како член на Драмата при Македонскиот народен театар од 1958-1964 година, кога станал член на Драмски театар.

Бил член на првиот изведувачки состав на Градскиот народен театар во Прилеп и еден од неговите најангажирани, најамбициозни и најталентирани актери. На сцената на професионалната театарска куќа во родниот град играл скоро една деценија, а потоа својата кариера ја продолжил во Скопје (Македонски народен театар, Драмски театар, а пред тоа и „Естрада-59“).

Во следните проекти на прилепскиот театар, најуспешно се изрази чувствителниот темперамент и сензибилитет на Димитар Гешовски: „Кралот на Бретањова“ од Иван Цанкар, „Без вина виновник“ од Островски, „Ружа на ветровите“ од Шпак, „Вујко Вања“ од Чехов, „Вејка на ветрот“ од Коле Чашуле, „Како Џими“,„Случајот Форестер“ од Брикли, „Заеднички стан“ од Добричанин и многу други.

Како еден од водечките актери на Народниот театар во Прилеп во првата негова деценија, Гешовски повремено се занимавал и со режија. Ја поставил комедијата „Роднини од Америка“, реализирал и една куклена претстава. Откако преминал на работа во Скопје, активно бил вклучен и во некои други медиуми (филмот, радиото, телевизијата).

Добитник е на неколку признанија, меѓу кои и на наградата „13 Ноември“.

Почина во Скопје на 28 октомври 1989 година.

Филмографија:
1965: Денови на искушение (главна улога)
1967: Каде по дождот (споредна улога)
1967: Македонска крвава свадба (споредна улога)
1967: Мементо (споредна улога)
1968: Планината на гневот (споредна улога)
1969: Време без војна (споредна улога)
1972: Истрел (споредна улога)
1976: Најдолгиот пат (споредна улога)
1980: Оловна бригада (споредна улога)
1981: Црвениот коњ (споредна улога)
1984: Нели ти реков (главна улога)
1989: Време, живот (споредна улога).

Во ресторанот „Јоле“, во зградата на Друштвото на писателите на Македонија во центарот на Скопје, во чест на обележување на денот на актерот Тодор Николовски (1902-1999) (чичко Тошо), кој со години приредувал грав со пастрма, поставена е спомен плоча, посветена на актерот Димитар Гешоски (1928-1989). Плочата е дело на сопственикот на ресторанот Јован Новаковиќ-Јоле, кој е и иницијатор на поставување на обележја за гостите актери, писатели, сликари, во просторот каде можат да се видат познати личности од македонската општествена и политичка сцена: поранешниот претседател Киро Глигоров, академикот Гане Тодоровски, актерката Милица Стојанова, професорот Кирил Темков и др.

„Впечатлив актер и штедар човекољубец. Му придодаде и втисна на својот позив и на македонскиот дух, белези и својства на самосвојна питомина и финотија. Во високата школа на скопската боемија ја основа Катедрата за елеганција и благородство”.

Оваа мисла вечно ќе остане забележана во кафеаната „Јоле“, лоцирана под канцеларијата на Друштвото на писателите на Македонија, каде постојан „жител“ бил големиот македонски актер, Димитар Гешоски (1928-1989).

Нема Коментари

Коментирај