ДОЛГО ЧЕКАЊЕ СО БРАДА
27 јануари 1973 година
„Екран“
Луѓето што набрзина станаа граѓани, боемот не го сметаат за боем, туку за обично пијаничиште – вели Димитар Гешоски
Димитар Гешоски, зборуваат, отсекогаш бил таков – и слаб, и достоинствен, малку по природа, малку по линија на театарот, и не многу разговорлив, со навики поради кои го нарекоа боем.
Само на сцената секогаш бил друг – низ улогите што ги остварил во прилепскиот и двата скопски театри, чија бројка е над 70.
Секогаш бил друг и поинаков, и во филмовите што ги снимил, во тв драмите и радио драмите.
Секогаш бил присутен секаде, но евиденцијата му е слаба страна.
Биографите ќе забележат дека Гешоски најпрво бил Незнамо во „Без вина виновни“ на прилепската сцена, а пред тоа бил испратен на театарската академија во Белград каде воопшто не стигнал.
Се смеша чаршијата со разни пресказанија за неговата иднина – „Ќе стане развратник, ќе се црви и бели“, и што уште не.
И главата на семејството Гешоски, по советувањето со учителот и еснафот, рече дека „нема син за фрлање“.
За „приватните биографи“, кои кариерата ќе ја сврзат со животот, на Гешоски во првата улога најлесна му била репликата: „Ајде шмаг, нам местото ни е во бифето“, за во неа да побараат пророштво.
ТЕТАР
Пак седиме во бифе. Не е виновно само пророштвото, што таму, сепак, може најспокојно да се разговара.
Но Гешо се држи на „животниот принцип“ – денот кога има претстава, во бифето за него има само кафе.
Брадата што ја пуштил е повод за разговор што не може да се прескокне.
Ја чува за еден од филмовите што треба да ги оствари нашата кинематографија, а интеграцијата е виновна што порасна толку долга.
- „Прво ми рекоа дека ќе ја носам до септември, минатиот, па до ноември, па декември. Сега го споменуваат април“.
Во интервјуата артистите обично се прашуваат која улога, од оние што ги оствариле им е најдрага.
На истото прашање Гешоски нема одговор – подеднакво му е драга и улогата во која бил јунак на Чехов, на Достоевски, на Молиер, Булгаков, Андреевски, Иљоски…
- „Би требало да кажам дека најдрага ми е улогата на Козарко во „Свадба“, која ми ја донесе единствената награда, единственото признание досега“.
Сепак тој не е задоволен од себе – како артист.
- „Се уште ја чекам шансата. Не, не е тоа некоја улога во која ќе „блеснам“. И во младите денови човек може да „блесне. Мислам на нешто друго, на овој мој период од 45 години, па некаде до 60-та година, кога се чувствувам најподготвен за работа. Тоа го крстиле период за уметничка зрелост, нели? За артистите е многу важно животното искуство, затоа што театарот е животот, но истиот подигнат на едно скалило“.
ЖИВОТ
Ако спрема Гешоски судбината, да ја земеме неа, била шкрта во однос на официјалните признанија и награди, едно „признание“, навистина неофицијално, одамна го придружува.
Го крстија боем. Што е тоа?
- „Зошто ме сметаат за боем, нека објаснат другите. Јас можам да кажам дека сакам се во животот. сакам по преставата или репетецијата, да поседам со пријателите и да поразговараме. Така откривам и нови моменти на ликот, мој и туѓ. Најлесно и најпразно се чувствувам кога водиме секојдневни разговори. Но многу често, место виното да не облагороди и да запееме, ние расчистуваме лични сметки, или ги решаваме проблемите во театарот“.
Но…?
- „Луѓето што набрзина станаа граѓани, боемот не го сметаат за боем, туку за обично пијаничиште, затоа што спрема нивните сфаќања целиот живот се движи околу нивните лични и семејни интереси. Од тоа потаму за нив нема. „Правдината“ со чаршијата не би ја истерале на видело, а и не треба, затоа што тоа се два света.“
Кај третото кафе го викнаа да биде Голе, односно Полоние во „Хамлет од Долно Дивјаци“, а ние отидовме во салата да видиме уште еден негов лик.
Н. ПЕЈОВСКА
Благодарност до Ристески Горан за отстапениот материјал
Коментирај