Димитар Наумов Чакрев или Диме Чакре е македонски револуционер, учесник во Руско-турската војна (1877-1878).
Димитар Чакрев е роден во Прилеп, но по потекло е од селото Витолиште. Заедно со брат му Михаил (Мијајле), Тоде Бочварчето и брат му Илија, Ѓорѓи Лажот, Стојан Рушан, Илија Ќајата, Илија Радобилец со својот син и Мицко Мариовчето, организирал чета во Прилепско, која останала позната како „Чакревци“. Четата участвувала во Руско-турската војна (1877-1878), заради што Димитар Чакрев бил награден со орден за храброст. Потоа се стационирал во Ќустендил, но по задушувањето на Кресненско-Разловечкото востание се вратил во Македонија.
Четата ликвидирала неколку турски престапници, по што избувнала Никодинската афера и тие се префрлиле во Крушево. Таму Димитар Чакрев, заедно со својот брат, поп Христо, Никола Ковачот и Ицо Карев, таткото на Ташко Карев, започнале со организирање на Демирхисарскиот заговор. Димитар Чакрев се сретнал со Пере Тошев и ги разгледале идните планови за револуционерна дејност. На Велигден 1881 година, Димитар Чакрев и четата отседнале во куќата на Дамјан Кондов во Прилеп, но биле предадени на турските власти од Никола Крапчев, па во престрелката со турските војници, Димитар и неговите четници загинале.
Коментирај