Прв дел

Демонот од Бело Брдо

Демонот од Бело Брдо

Непознати страници за Прилеп 1920-1941

Ова е вистинската приказна за Василие Трбиќ, човек што меѓу двете војни, повеќе од две децении, палеше и гаснеше низ прилепската чаршија.

Незадоволен со учителскиот позив, Василие Трбиќ заминува во Света Гора, каде што се закалуѓерува. Зошто токму во Света Гора и зошто се закалуѓерува, тоа е тајна што треба да се одгатне… Еден ден, тој ја симнува мантијата, зема пушка в раце и станува четнички војвода во прилепскиот крај: крвави траги остануваа каде што минуваше неговата чета… По 1918 година, тој се настанува во Прилеп, каде што со години е пратеник, доверливо лице на полицијата, феудален самодржец во прилепското село Браилово, голем производител на тутун. и над сѐ – демагог и политикант, корав експонент на големосрпскиот хегемонизам и забележана фигура во интригантските игри на дворот на Караѓорѓевиќевците… А едно време беше и министер за аграрна реформа.

Постарите прилепчани уште го паметат: пргав, забележлив човек, брз на јазикот, уште побрз во постапките – кога тоа ќе му одговараше, но итер како лисица и претпазлив како змија, што никогаш не си ги покажува нозете во друга прилика. Можеше човек со него да говори со часови и часови, и пак да не дознае што овој човек, секогаш педантно облечен и со шапка на главата, мисли и што, всушност, сака да постигне.

Василие Трбиќ е роден во Бело Брдо, каде што го завршил основното училиште. Потоа, завршил учителска школа и станал учител во градот Алексинац, во Србија. Таму не му било лошо; во тоа време, Алексинац бил еден од поживите градови на Србија. Некој друг можеби, би останал цел живот да учителствува таму, и таму да ја дочека пензијата. Но, за овој немирен дух, учителскиот позив беше тежок товар: го полазуваа морници при самата помисла дека цел еден човечки век ќе треба да се занимава со деца и со нивното воспитување. Велат, оние што го познаваат, дека тој, всушност, и не сакаше деца, уште помалу да се расправа со педагогија. Иако тој самиот, во друштвото, често, не без извесна самофалба, говореше:

- Да сакав, и да имав трпение, ќе бев еден од најдобрите педагози во земјава… А да не зборувам дека, вака способен и со вакво образование, можев да завршам и факултет, та да станам професор на некоја висока школа… Kaj ќе ми беше крајот… меѓутоа, – додаваше тој, божем скромно, од љубов кон народот и сочувство кон неговите патила, го оставив тој благороден учителски позив и се зафатив со политика, од која јас лично никаква корист немам, освен главоболија… Но, што да се прави, така е кога е некој вистински народен човек, пријател на народот…

Но, Василие Трбиќ на секој начин гледаше да го избегне во разговорот оној период од неговиот живот, што доаѓа непосредно по неговто учителствување во Алексинац. Тој период беше и остана прекриен со седум црни превези на тајната и, се знаеше само толку, дека од Алексинац отишол во Грција, во Света Гора, и таму се закалуѓерил. Дури ни неговите најдобри пријатели, кога директно ќе го прашаа кои беа побудите за неговото заминување во Света Гора и закалуѓерување, не можеа да искорнат од него никаков одговор.

- Хм, – велеше тој, наместо одговор, – не можете тоа вие да го разберете, тешко е да се објасни…

Во секој случај, по тоа негово богоугодно престојување во калуѓерска риза во Света Гора, тој одненадеж се наоѓа во прилепскиот крај, некаде пред Првата светска војна, каде што, како четнички војвода, предводи чета српски комити, кои со збор, со злато и со силата на оружјето се обидуваа луѓето да ги убедат дека не се Македонци, туку Срби.

Еднаш, по Првата војна, во кафеанчето на Панчета Маџара, во Прилеп, се беше собрало поголемо друштво. И, во разговор, Цако мајтапчијата го праша Трбиќа за неговиот комитлак.

- Бре, луѓе, – извика Трбиќ, – колку сте неблагодарни. Додека вие продававте стока во магази и спиевте дома со вашите жени, јас војував и крвавав за вашта слобода…

- Така, така, – рече Цако, а каква е таа слобода…

- Онаква, каква што ја разбирам јас, – заврши Трбиќ цинично.

Но, да се вратиме на неговиот животен пат. По четувањето прилепскиот крај и по завршувањето на Првата светска војна, Трбиќ се настани во Прилеп и повеќе од две децении не се помрдна од овој град. Сé до почетокот на Втората светска војна, тој беше човек, кој во вистинска смисла на зборот палеше и гаснеше низ прилепската чаршија.

Инаку, неговата приватна тврдина беше селото Браилово, каде што тој се однесуваше како феудален самодржец. Порано, по време на Отоманската империја, беговски чифлик, сега Браилово работеше за Василие Трбиќ. Затоа прилепчани, не без иронија, често го наречуваа и „бег“.

Ако мислите, дека тоа него го лутеше, се лажете. Стар итрец и вешт политикант, тој многу добро ја знаеше природата на прилепчани и нивната несовладлива склоност да се шегуваат со сѐ и сешто. Затоа, тој позволуваше да се шегуваат и за негова сметка, знаејќи дека тоа е вентил за нивното незадоволство и дека така само ќе добие во нивните очи, како човек што, ете, не се лути ако се шегуваат и со него, иако е големец и прв човек во градот, режимлија и главен советник на началникот на полицијата Милан Каличанин.

(Втор дел)

Значи, човек што може во секој момент, ако се назаби на некого, да го земе на врат и да го прати таму, од каде веќе не се доаѓа.
Колку за илустрација, каков вешт демагог беше овој човек, ќе наведеме само еден пример.

Дејствието се случува пак во кафеането на Панчета Маџара. Претстоеја избори за пратеници, а Трбиќ имаше голема желба пак да се кандидира за пратеник, но немаше желба за таа работа да потроши ни динар од своите пари. Во друштво со него седеа повеќемина видни прилепски трговци.

- Господа, – говореше Василие Трбиќ, – гласале вие или не гласале, јас ќе се кандидирам и пак ќе станам пратеник… Само, да не ве лаже умот тогаш пак да доаѓате кај мене во врска со данокот… Сакам да речам, ако не бидете со мене… Знаете, јас умеам да го завртам тевтерот.

Трговците само се погледнаа, во очекување што ќе рече натаму.

- Де, де, што сте се препалиле, – продолжи тој насмеано. – Па јас само за ваше добро… Ете, криза е, мака мачите, стоката не се продава… Голема скапотија, а народот нема пари… Но, знаете ли вие што златоносен рудник е слободната зона во Солун?

- Вие сте денеска, – се поднасмевна тој, – обични кепеци, полуотворени. Божем некакви трговци… Кога ќе станам пратеник, ќе ве поврзам со грчките трговци, па ќе видите што е трговија. Да речеме, нема повеќе памукот да го откупувате од Битола, од битолските Евреи. Транзит ќе стига од Солун, и поевтино ќе ве чини.

- Така е, така е, – почна Цако да се додворува.

- Еве, ти, Гугуче, – му се обрати Трбиќ направо на Гугуче бакалот, – ти шеќерот го купуваш по 13 динари килограм, а го продаваш педесет пари поскапо. Сто килограми шеќер треба да продадеш, за да спечалиш педест динари… Странски бродови деноноќно се растоваруваат во нашата Слободна зона во Солун. Имам податоци, дека шеќерот таму се продава по седум динари килограм. Е, пресметајте сега, што печалба би имале, ако го купувате таму, а продавате тука, по оваа цена од 13 динари и педесет пари.

- Ay! – извиква сите.

Некои почнаа да потстануваат, еден почна на Трбиќ да му го чисти ракавот од прав, иако прав немаше…

- Ти, Цане, и ти Бутле, – продолжи Трбиќ, – ќе ве запознам со Мијала Дервишот од Штавица. Тој ќе ви продаде на булјуци овци, без претходно да му дадете стопари. Само на збор. Но, што ќе правите со тие овци, кога ќе ги купите? На кого ќе му ги продадете?

- На кого, де? – не издржа и викна Бутле касапот, триејќи си ги рацете.

- На Грците, ете на кого, – рече Трбиќ триумфално. Јас ќе ви дадам дозвола да извозите во Солун и таму овците за скапи пари да ги продавате.

Низ друштвото мина мрморење, се слушнаа издишки, полни со несокриена желба за печалба. Василие почувствува дека дошол моментот и дека може дизгините да ги земе во свои раце.

- Велам јас, – почна пак да се додворува Цако, – дека ти си најумниот човек во Прилеп… Рампо Толгото, демократскиот кандидат, има да се откаже од кандидатурата… Јас ќе му речам.

Гугуче бакалот се топеше: Ќе му речам, ами како… Некакви сватовштини сме…

- Браво, Гугуче, така треба, – извикаа сите. Што му треба на Рампо Долгото да биде пратеник! Тој како трговец е еден од најспособните во градот. На штофовите грчки и на памукот, ако биде онака како што ветува госпо дин Трбиќ, може со тенекии злато да заработува.

- Злато, ами што, рече Трбиќ. И не само тој. Сите вие, ако станам пратеник, ќе можете со злато дуќаните да ги постелите. Скопје не ќе може да застане пред вашето богатство.

- Еј, море, како Десоецот од Битола да е, на сите умот ни го заврти, – прошепоти еден трговец.

- Многу добар човек овој господин Трбиќ, – говореше Гугуче бакалот. Душата да ми ја побара, би му ја дал, па макар во шише со оцет да ја стави… Шеќер – по седум динари килограм! Да земам пет вагони, па половината да гопродадам, имам сметка. Со другата половина, патот од дуќанот до дома со шеќер ќе го постелам…

Василие Трбиќ почна да додава бензин врз огнот:

- Целиот град ќе може врз памук и врз шеќер да гази.

Гугуче бакалот стана и го бакна Трбиќ.

Бутле касапот божем да го гледаше Мијала Дервишот од Штавица како го крстува Мариово и цели булуци овци купува за него, за Бутлета… А то], Бутле, композиција цела закупил, локомотива со педесет вагони, ги товари овците во вагоните и лепи врз нив етикети Прилеп-Солун…

- Што ме гледаш така вџашено, – го праша Трбиќ Бутлета. Долари, долари и драхми, како дожд ќе врнат. Вие ќе треба само да ги собирате.

Бутле, како ја држеше цигарата запалена, ја втера в уста и не сети дека го пече, така беше воодушевен. Едно време ја изџвака и ја исплука во пепелникот.

(Трет дел)

- А ти, бре, неранимајко, – му се сврте Трбиќ на Гого Капка. Зарем не ти е срам. Низ цело Дабјани и низ Прилеп раскажуваш како чивликот во Браилово сум му го зел на бегот бадијала… Море, со суво злато го имам купено, слушаш… И уште сум ѝ должен на хипотекарната банка… А ти само се фалиш: 28.000 наполеони си имал…

Бутле касапот скрца со забите, го извади ножот и почна да му се заканува на Гога, дека ќе го коле.

И навистина, Гога Капка ќе беше заклан како јагне, ако Трбиќ навремено не го фатеше за рака разлутениот Бутле. Зашто, Бутле не само што беше најсилно мажиште во Прилеп и околијата, здрав како мечка, туку и брз беше на ножот.

- Ти, бре, за господин Трбиќ така да зборуваш… – му се извинуваше тој на Гого Капка. Како да не те знаеме каков непрокопсаник си. Зарем ти не го запре возот, возот во Солун, само заради некоја убава Гркинка! Кажи, кажи тука, пред сите… колку грстови злато си му дал за Гркинката на возоводачот, за да рече дека локомотивата се расипала и дека цели два часа не ќе може да се поправи, а за тоа време ти, со Гркинката, в хотел… Ти си ми некаков маж, домаќин… само ни го срамиш градот. Ајде, стани, и поклони се пред господин Трбиќ, зашто Прилеп нема да те собере.

- Остави го, остави го човекот, – рече Трбиќ помирливо…

Потоа, го позеде синџирчето врз елекот на Гого Капка, му го извади часовникот од џепот, и му рече:

- Што е ова, часовник ли е? Е, да знаеш што часовници се јапонските… А тие, Јапонците, со бродови надонесле часовници во Солун, со килограми ги продаваат… Децата на секоја рака по еден часовник носат…

- А не е само тоа, – продолжи Трбиќ, кога јас ќе станам пратеник, баждарницата на оној ќе му се даде, на кој jac ќe peчам… Пазаришната инспекција ќе игра, како што јас ќе свирам… Ете, тоа е. И многу други работи. Војската месо од каде ќе купува, алишта и кондури, а? Вие сте ми некои трговци! Вие сте преметари. Купи ден – помини… Ти, господин Гого Капка, каде мислиш да го продаваш житото од своите чифлици?

- Па, во Грција…

- Во Грција, ама јас уште не сум избран за пратеник… За тоа се нужни пари…

- Лесна работа за тоа, – рече Гого Капка, и, се фати за кесето. Еве, колку сакате, на заем ќe ви дадам.

Василие Трбиќ се направи дека не го гледа кесето на Капка.

Другите трговци, исто така, за да не останат поназад, ги извадија кесињата и почнаа да му туткаат на Трбиќ илјадарки во џеповите. Тие добро знаеја, дека Василие Трбиќ, кога ќе земе од некого пари, не ги враќа но, се правеа оти се восхитени, што можат да му „појазмат некоја илјадарка“ за претстојната предизборна кампања.

-Ама, не, не, господа… не сакам пари… Трбиќ божем се бранеше, но при тоа задоволно под мустак се подсмевнуваше. Најпосле, наполно задоволен што итрата игра вроди со плод, стана и рече:

- Бидете, господа, уште од денес сигурни дека сум јас ваш пратеник… А сега, морам да одам… Треба некои важни работи да посвршам… Инаку, од денес, на секој муштерија што ќе дојде кај вас в дуќан, речете му за кого треба да гласа.

- Останете уште малу, господин Трбиќ, – викаа трговците, – толку ни е мило кога сте со нас.

- Пак ќе се собереме, не грижете се… Сега продолжете, пијте за моја сметка…

На излегување, Василие Трбиќ му рече на Бутле касапот:

- Ти опијани се утре и удри го тапанот пред твојот дуќан… Знаеш што мислам.

А што значеше тоа, Бутле да се испијани и да го удри тапанот пред својот дуќан?

…На другиот ден, пред дуќанот на Бутле, под стреата, беа наредени неколку маси. На масите – касапски ѓувечи, тави со полнети шидрени, карти вино и шишиња ракија.

Ги викна Бутле своите пријатели на ручек, на отворено.

Гоштевањето почна на пладне. Сите јадеа и пиеја, Бутле најмногу. А се знаеше, и тоа во градот се расправаше, дека Бутле треба да испие петнаесет стари оки вино, па пијанството да го фати. Такво мажиште беше.

Стојан Крпачот го почна старското… Играше така, што најдобар играорец би можел да му позавиди. Тапаните бувтаа, зурлите пиштеа. Тој се виеше ту на една страна, ту на друга, клекни, стани чинеше.

Бутле ја дигна полокарницата вино (нему чаша му се чинеше напрсток), ја исипа в уста, потоа, извика:

- Да живее Василие Трбиќ!

Сите што беа на софрата, ја прифатија паролата и почна едно непрекинато извикување:

- Да живее Трбиќ!

Блажо касапчето, еден од најдобрите пеачи во еснафот, ја почна песната:

- Натоварил Дончо три товари ориз…

Такво грло имаше Блажо, што гласот му се слушаше од дуќанот на Бутлета дури до Саат кула.

На Коло Пилјакот и Дано Кожарот толку им требаше, па и тие да излезат и да почнат да пијат пред своите дуќани.

(Четврт дел)

Колјо Пилјакот беше гродомасен маж, калеш, со големи црни мустаци, нагоре засукани. Тој, исто така, почна да пее, но неговата песна не беше како онаа на Блажета. А песната за Дончо штипјанчето беше македонска народна, револуционерна песна. A Колјо Пилјакот беше анархистички настроен. Затоа, тој запеа:

- Ако сакаш правда,
ако сакаш ред,
извади го ножот
па коли сѐ на ред…

За чудо, на пеачите никој не им пречеше. Инаку, во градот беше позволено да се пеат по улици само македонски свадбарски песни, кога ќе се одеше по невеста. Ако некој сакаше да пее некоја друга песна, тој требаше да се затвори дома, па да пее во четирите ѕида, и тоа така никој да не го чуе.

Овојпат, чаршијата ечеше од песна. Навистина, се појавија неколку полицајци, но тие беа испратени да внимаваат, на пеачите некој да не им пречи..

А еве и зошто Василие Трбиќ претходно беше отишол кај началникот Каличанин и му објаснил дека денешнава веселба кај Бутлета влегува во рамките на неговата предизборна агитација. Нека пеат луѓето, нека мислат дека, кога го имаат Трбиќ со себе – никој ништо не им може… А потем, кога ќе го изберат – ќе ја видиме таа работа…

Василие Трбиќ не губеше време. Додека неговите приврзаници и другите неупатени се веселеа во чаршијата, тој отиде кај Бојан чешитот в кафеане, и уште од вратата викна:

- Веднаш да ми го најдете селанинот Џемо, Камчета и Коле Крстечанецот… Трговците ги ставив в џеп. Веќе и оглав им ставив…

ТАКТИКА И СТРАТЕГИЈА

Интересно е да се види, како Василие Трбиќ ги придобиваше луѓето да гласаат за него. Еве, од тоа време, една епизода.

…Не мина многу, Џемо, Камче и Коле Крстевчанецот се најдоа пред него.

- Прво, – им рече Василие, – еве ви по некоја илјадарка, да ви се најде. Потоа, да го скроиме нашиот предизборен план. Треба да се има тактика и стратегија, да се знае, што се сака и што ќе им се вели на народот…

Шушнаа илјадарките и се најдоа во џеповите на неговите тројца кортеши. Тие беа задоволни, очите им се вџашија а околу срцето им стана некако топло. Не беше тоа мала пара.

Трбиќ продолжи:

- Ти, Џемо, ќе потплатиш неколку од оние чаршиски безделници и неранимајковци, на секој собир со гласачите да извикуваат пароли и да ме носат на раце. Тоа е многу важно за убав впечаток… Да видат луѓето колку сум омилен. Што се однесува до Камче, и тој има задача; да ангажира чалгии и дваесеттина луѓе, што постојано ќе кружат низ градот; нека тапаат тапаните, нека пиштат зурлите, нека се вие оро… Се разбира, сето тоа во чест и слава на кандидатот Василие Трбиќ, – додаде тој и се поднасмевна под мустаци.

- А јас, што ќе правам јас? – праша Коле Крстевчанецот.

- Има и за тебе работа. Ти, со Бојан Чешето и Димо Гавранот ќе агитирате меѓу граѓаните.

Да ви објаснам, како стојат работите.

Со Цветко докторот, претседателот на општината ја наредив работата, да прими на привремена работа околу петстотини души. И така, општината има намера да го пошумува прилепскиот рид. Ќe треба да се копаат дупки за садници .. Исто така, ќе треба да се поправаат разни патишта. Ваше е да расправате, дека тоа е моја заслуга, што во време на ваква безработица, јас на бедните им отворам работа.

- Затоа, – продолжи Трбиќ, – штом ќе сретнете некого од оние што попусто бараат работа, пратете го кај мене. Речете му: само Трбиќ може да ти помогне. Тој е татко и мајка за бедните. А јас веќе со претседателот се договорив, да не прима никого, без моја препорака… Ха, како ви ce допаѓа пленот?

- Многу добар, господин Василие, – рече Камче восхитено.

ПЕКОЛНИ ПЛАНОВИ

- Но, не е тоа сé, – рече Трбиќ триумфално. – На шумарите им е наредено, да ги гонат селаните што сечат дрва, да ги казнуваат од ред, без оглед имаат ли дозвола за сечење или не, и да им ги одземаат и дрвата и коњите… Исто, така, финансите ќе отворат четири очи и ќе ги апсат сите, кај кои ќе најдат качак – тутун. Полицијата пак, ќе биде строга: и за најмал прекршок ќе изречува големи казни… Е, ваше е сега, тие луѓе, гонети и казнувани, да ги праќате кај мене… Jac ќe им дадам малу помош… потоа ќе ја наредам работата, да не ги казнуваат. Впрочем таа работа веќе е договорена со Каличанин и другите. Важно е, граѓаните да ги убедите, дека само јас можам да им ја свршам работата, дека јас сум секогаш со оние, што се бедни што страдаат, и дека се борам за правдината и законот.

(Петти дел)

Во Прилеп тогаш се кандидираше, на радикалската листа, Јован Кирковиќ. Трбиќ не сакаше ништо да му остави на случај, нити да дозволи, Кирковиќ да му ги мати водите. Затоа, тој на Џемо му нареди, да купи сандаци со јајца и да најде луѓе што, кога ќе говори Кирковиќ, ќе фрлаат врз него јајца, извикнувајќи: – Долу Кирковиќ, не го сакаме! Да живее Василие Трбиќ, народна мајка!

Иако до детал ги имаше предвидено сите работи, Трбиќ знаеше дека не сите така лесно ќе се фатат на јадиците од неговата агитација.
За него многумина знаеја, дека е близок со власта, и не само тоа, дека тој е кралски човек, кој не ретко можеше да се види на дворецот на диктаторот Александар, секогаш кога се ковеа планови, како на народот да му се стават што потешки вериги од разни давачки и експлоатација.

Дури, се провлекуваа информации, дека при тие дворски седенки, Трбиќ учествувал во разни гозби со дворските луѓе, при што имало и скандалозни сцени во стилот на „сладок живот”.

ТАЈНА КОЛОНА

Ако фашистите ја измислиле петтата колона, Трбиќ си имаше своја тајна колона. Тој, во сите свои планови и комбинации, освен власта и неговите кортеши, сметаше и со таа тајна колона.

Што беше таа тајна колона, кој ја сочинуваше, што задачи имаше во целиот склоп од неговите предизборни махинации?

Неговиот пријател Бојан Чешитот имаше кафеане. Но, тоа не беше обично кафеане, тоа беше таканаречен шантан, јавна куќа во која секогаш имаше по неколку убави, млади проститутки. Ете, и со нив сметаше Трбиќ, кога го имаше предвид исполнувањето на своите планови.

Затоа, еден ден, дојде тој кај Бојан Чешитот да ги утврдат поединостите.

- Знаеш, Бојане, рече Трбиќ, – овие твои кукли ќе треба голема работа да свршат… И младите и постарите стануваат „пекмез“ кога се со нив… А тие веќе знаат како треба со муштериите. Малу шепотење, малу топли погледи, потоа милување.. Па нека извлечат од нив сѐ што мислат тие за изборите и, патем, нека говорат дека единствен човек штоа заслужува да биде избран, тоа сум јас… И дека ќе им се налутат, ако не гласаат за мене. Разбра?

- Како да не разберам, господин Трбиќ, – рече Чешитот. Не е тоа првпат, тие да работат за вас. Има тие околу прстот да ги свиткаат своите клиенти, ќе играат како тие ќе им свират. Знаеш, веќе какви се мажите, кога се во прашање жени… Уште кога ќе се вљубат во нив… А овие моиве, како бедевии – тенки, па убави, па си ја знаат работата…

- Туку, господин Трбиќ, – продолжи Бојан потивко, – кога веќе говориме за убавина, да знаеш што имам една нова… Ирена… умот на човек да му штукне: нозете како шишиња од бира, па градите… оф, оф сладеше Бојан. Петнаесет-шеснаесет години има, капка… Ако сакате, господин Трбиќ, вечерва кафеането ќе го затворам, само за вас… Малу да ве расположи, пее како славеј, а извива со колковите како од везирски харем да е… А мека како памук…

ВО КУЌАТА НА ВАСИЛИЕ ТРБИЌ

По неколку дена пред Василие Трбиќ, во широкиот двор толку се насобраа луѓе, за помош, за работа што бараа, за судски поплаки и жалби, права еврејска авра. Василие Трбиќ се разбуди го крена пердето ѕирна низ прозорецот, радосен почна да прави фискултура. Народот го чекаше Василие кога ќе се смилува за да ги прими. Позив да имаш во џебот за на суд, тоа е како сите несреќи да ти се истуриле врз главата, понекогаш паметот да ти штукне, илјадници мисли летаат. Ти како ќе се браниш, дали е вака подобро, да не згрешам па колку ќе ме осудат, па каква казна ќе платам, лудница права.

Не толку од затворот и од казните страв, но повеќе од милицијата се плашеа. Извесни луѓе вршеа пропаганда врз народот кој беше собран во дворот оти само Василие можеше да ги спаси, тој е најдобриот човек, тој е за сиромаштијата и татко и мајка. За тоа сите за него треба да гласаме. Народецот везден седеше исчучурен гледаше во вратата кога ќе се појави Василие да прима странки.

Ете кога ќе се измешаш со триците и кокошките има да те колваат. Сите овие гаргачи беа трици, што го фалеа Василие. Се јавија веќе луѓе кои даваа белешки за ред по нумер кој кога ќе влезе. Народот мораше да се умилкува, дома го чекаа работи, на дуќан, на нива и каде човек не работи, а тука е време чекање.

Човекот што чека и кој е зависен од нешто некогаш и на прасето ќе му рече повели. И овде имаше поклонување, благодарност за белешката дадена. Василие се јави на вратата со едно љубезно добро утро ја климна главата се поклони пред народот и рече: Каква мака имате народе? Да не е ова демонстрација. – Не е господине Трбиќ, мака народна, мака. – Добро, добро прво нека влезат селаните а после од градот.

(Шести дел)

Како Василија што рече така стана, влезе еден селанец од селото Заполжани и уште од далеку ја извади шапката, си ги избриша мустаќите и устата, го извади парталавото ќесе од пазова зборувајќи: Господине Трбиќ, господине Трбиќ, господине Василие Трбиќ, како сега да се сети и името да го погоди, сето ова со страв го велеше пред оваа крупна мажештина, која гореше сета од црвенило и задоволство. Овој ситен селанец испиен со опинците од каде му се гледаа прстите милно му рече: – позив за на суд има, позив за в полиција, а зошто господине Василие Трбиќ. Оти волот мој ја тресел главата. Па ќе ја тресе, болен е, дамлосан, остарен е веќе и татко ми со него орал.

Полицаецот дојде пред една недела ме виде и рече: – јаремот е тесен и го удавило имањето, ќор си не гледаш како ја тресе главата и дал позив за на суд. Се расплака кутриот селанец и појде раката да му ја бакне на Трбиќ. Се потпиша на позивот Василие Трбиќ и свика срамота. Другиот селанец плачејќи влезе, мене, мене голема мака господине коњот ми го зедоа со сé дрва, со сé секира, несреќа од тоа коњче, од тие дрва ја ранев куќата.

Трбиќ се бурична во џебот извади триесет динари, еве ти бре, јас ти ја плаќам секирата и дрвата. Појди кај шумарот понеси го овоа писулче и нема повеќе да те брка и казни. Откако завршија селаните почна Василие Трбиќ да ги прима од градот, како прв се јави тепкајќи Илија Тастата. Јас… господин… Трбиќ… сум на ред. Тој како што дткаше покроце почна да зборува: Го… спо… дин Трбиќ. Јас сум сиромав човек, немам пари да купам часовник, па ете мајка ми оди многу рано на тутун, па да не се успивам купив од женскиот пазар еден петел. Многу убаво пее. На секој час.

Почна да плаче исплашен од позивот, правдајќи се – јас немам татко, јас, мајка ми и брат ми живееме, сиромашни луѓе на крајот од градот седиме до гробиштата. Вратата моја оди право во гробишта, односно гледа во гробиштата. Позив имам за на суд. Петелот мој ги будел соседите во градот. Верувајте ми господине не пее многу, точен е како часовник, секој час по еднаш пее, али кога пее тој тегни. Сите прилепчани треба мене да ми благодарат, што мојот петел пее на гробиштата, а мене ме тужат. Василие Трбиќ знаејќи за овој случај Илија Тастата и ако тепкаше тој ретко убаво пееше, го викаа по сите свадби. Целевци и Аплевци. Василие Трбиќ на Илија му рече позивов ќе го искинам ако запееш една песна.

Тастата тоа црнопуресто момче со усните подебелки, застана на прагот пред Василие, тој почна да дтка и едно време ја истегна песната Дазна зора, дазна зора… Се разнесе мелодичниот глас и на сите здивот им застана. Од како се допеа песната господинот Василие долго се смееше. Илија Тастата поклонувајќи се, господине Трбиќ не треба петелот да ми го колат, верувајте ми убаво пее. Василие Трбиќ извади педесет динари пред сите присутни, твојот петел треба со локум да се рани, со овие педесет динари да купиш локум за петелот.

Илија Тастата тепкајќи, петелот не јади локум, царевка, пшеница, трошки. Василија рече – сѐ што е убаво јаде локум за гласот да му се пушти. Како славејчињата на Димто берберон со локум ги рани. Од една страна кога ќе се гледаат сите овие работи изгледаат смешни и наивни. Но за пеколниот план на Трбиќа е високо фрекфентен. Тој мудрец секогаш велеше за успешен собир за избори и митинг да има, сите средства се оправдани што ги чинам.

Да се добие претстава за ситуацијата во Прилеп, посебно политичката, во која дејствуваше Василие Трбиќ, треба малу да се вратиме назад, во првите години по Првата светска војна.

ДВОЕН ШПИОН

Главен збор во политичкиот живот во Прилеп тогаш водеа Јован Кирковиќ, учител, кој беше корав радикал, потоа Новица Ѓорѓевиќ, приврзаник на демократската странка, како и Димитрие Чичевиќ. Војо Дамјановиќ беше претседник на Земјоделската комора и, исто така, играше одредена улога во политичкиот живот во градот, како и претседателот на месниот клуб на радикалите Ицко Димитриевиќ.

Во тие години, и комунистите развија голема дејност и нагло се ширеше кругот на оние што ce приклучуваа кон напредно работничко движење. Истакнат комунист беше Атанасие Илиќ. Власта преземаше разни акции за сопирање на ширењето на движењето на работниците, ги прогонуваше комунистите, и како први жртви на тие мерки на власта беа Коста Циривири, кројачки работник, Дано Топчија, чевларски работник, Рампо Топличанец, и многу други. Тие беа уапсени и испратени во затворот во Пожаревац.

Радикалите, во тоа време, имаа упориште меѓу побогатите граѓани, како Бомболовци, Сапунџиевци и други.

Меѓутоа, освен таа политичка дејност, што можеше да се види и што се одвиваше јавно, во тоа време стапуваа и некои мистериозни работи, од кои многу ќе останат неодгатнати, а кои ги монтираше власта, со цел да го сузбие работничкото движење и да ја спроведе големосрпската политика на дворот и буржоазијата.

(Седми дел)

Од 1920 година, во манастирот Трескавец, кај Прилеп, илегално живееше некој си Ѓурулкот, таинствена фигура кој, божем работеше против тогавашниот ненароден режим. Меѓутоа, подоцна се откри дека тој бил мошне цврсто поврзан со власта, дека од манастирот создал еден вид шпионски центар и дека ја известувал полицијата за сите акции на напредното движење, и слично.

Ѓурулкот сѐ до 1923 година живее таков двоен живот и води двојна игра. Таа година, забележувајќи дека Ѓурулкот веќе е компромитиран (а откако ги искористи неговите услуги до максимум), власта го ликвидира во селото Пашино Рувци, според она – црнецот ја исполни својата улога и треба да се симне од сцената, дотолку повеќе што беше упатен во многу тајни, за кои власта беше заинтересирана никогаш да не излезат на бела виделина.

Така и стана, зашто Ѓурулкот ги понесе тие тајни со себе в гроб, во најсигурно засолниште.

МИСТЕРИОЗНО УБИСТВО

Во тоа време Прилеп го потресе едно мистериозно убиство, кое и денешен ден остана докрај нерасветлено. Всушност, имаше индиции, кои упатуваа на тоа, дека мотивите беа политички, но ништо повеќе.

… Една вечер, Лазар Балабанов со жена му, отиде на првиче. Домаќините, каде што отиде, беа малу подалеку, и тој со фенер во едната рака и стап во другата, бавно се движеше низ мрачните прилепски улици, кои беа, речиси, секогаш поплавени, зашто канализација не постоеше. На гости се беше задржа до доцна во ноќта. Беше весело, домаќините имаа приготвено богата вечера, и целото друштво беше во вонредно расположение…

Сепак, Лазар Балабанов не остана до крај, зашто дома ги имаше ставено сами децата, поголемиот Благоја, ученик, и помалото тригодишно галениче.

Кога се врати дома, во дневната соба забележа на масата чинии и чаши, но тоа воопшто не му беше сомнително.

- Сигурно – ѝ рекол на жена му, – дошле некои другари на Благојчета, па децата се провеселиле.

Беше топло, па Лазар ги отвори прозорците. Надвор, во дворот се слушаше шуркањето на мермерната чешма, инаку владееше штама. Ни глас не се слушаше. Прилеп имаше потонато во тежок полноќен сон.

Исто така, ништо не се слушаше ни од собата, каде што спиеја децата.

- Да легнуваме, жено – рече Лазо, и по обичај, пред да оди на спиење, влезе во собата кај децата, да види, да не се има некое од нив откриено.

Ја отвори полека вратата, и влезе на прсти за да не ги разбуди. Погледна во креветите и – застана вчудовиден. Ги iстри очите, но еден миг му се пристори дека сонува лош сон, но за жал, кога повторно погледна, грозната сцена остана иста. Тоа беше крвава стварност: врз јорганот, сиот попрскан со крв, помешечки лежеше постариот Благоја. Грлото му беше пресечено со нож, а градите му без издупчени со неколку револверски куршуми… Помалото дете лежеше настрана, исто така мртво. Тоа беше умрело во најголеми маки, од страв, зашто непознатите убијци го извршија овој грозен злочин пред негови очи.

Отпрвин Лазо не можеше да се помрдне. Потоа почувствува како го полазуваат морници по целата снага, нозете му одрвенеа и не можеше ни збор да рече… Кога малу се созеде, успеа да викне:

- Жено, децата ни се мртви… Потоа јурна надвор, во ноќта, и почна да вика:

Луѓе, пријатели, соседи, некој децата ми ги уби… Викнете полиција…

Луѓето, онака како што спиеја, со по некоја наметка нафрлена врз плеќите, истрчуваа од своите домови и вџашено се распрашуваа што станало…

Во меѓувреме, стигна Дамче аптекарот, сосед на Лазара, и констатира дека и двете деца се мртви, што подоцна лекарот што стигна со полицијата, го потврди.

Уште долго во Прилеп се прераскажуваше за ова мистериозно убиство, луѓето просто не можеа да веруваат дека тоа е вистина, а Лазар од тој ден можеше да се види на прилепските улици секогаш во длабока црнина.

Во врска со ова убиство, за кое, како што рековме, се сметаше дека има политичка позадина, ce спомнуваше една жена, убавицата Јулија Тренеска, но ништо конкретно не можеше да се открие и остана тајна каква беше нејзината улога и место во сето ова.

ИСТУРЕН ИНВЕСТИТЕЛЕН ПУНКТ

Ете, во едно такво време и во една таква клима, живееше и ги остваруваше своите комбинации Василие Трбиќ.

Всушност, тој во овој крај четуваше уште за време на отоманската империја, и не еднаш служел служба во Зрзескиот манастир по некоја аскерска потера.

(Деветти дел)

Чаршијата беше на ноѕе. Bo движење.

Пајтонот полека тргна по главната улица, коњите ситно тупотеа, бели, одгледани, со вратовите како лебеди. Василие Трбиќ и Цветко докторот делеа насмевки и лево и десно и му се јавуваа на секој минувач.

- Гледаш, – рече Цветко, – луѓето и овојпат ќе гласаат за тебе. Може Ќирковиќ уште од сега да си го спреми изборниот некролог…

Василие се насмеа. Но, зад тој негов осмев сѐ уште не стоеше и добро расположение. Тој понекогаш умееше да биде циник, па дури и спрема себе си.

- Му се јавуваат, – рече, – на моето министерско бомбе… А кој знае, што носат во себе и што мислат… Со овие прилепски мајтапчии човек никогаш не е сигурен…

Последните зборови му ги задуши писокот на зурлите и ечењето на тапаните. Низ улицата минаа група негови приврзаници, со чалгии на челото. Веднаш по чалгиите, се виеше оро.

- Да живее Василие Трбиќ – извика некој од групата.

- Да живее! – прифатија другите.

Трбиќ стана во пајтонот и почна да мавта со раката. Коњите во тој момент се исплашија, нагло потрчаа, Трбиќ се занесе и, малу требаше, да падне од пајтонот. Среќа, што тука беше Цветко, кој го задржа.

- Не е убав знак ова, – помисли Трбиќ. Но, веднаш потоа, како да не било ништо, тој пак ја рашири устата во осмев и почна да мавта со бомбето.

ЛОШИ СЕЌАВАЊА

Можеби, Трбиќ и немаше толкава доверба во оние што извикуваа за него, уште помалу во оние што стоеја покрај своите дуќани и љубезно му се јавува, знаејќи дека не еднаш и не со еден направиле шега. Меѓутоа, не беше шегата единственото, што го вознемируваше… Му текнуваше по нешто од подалечното и поблиското минато и тоа беше она што го смутуваше.

Којзнае зошто, се сети за еден настан од првите години по војната, во кој на извесен начин беше замешан и тој.

…Властите беа исплашени. Напредното движење земаше сѐ поголем замав, Комунистичката партија имаше сѐ повеќе приврзаници по масите, а вистината за Големиот октомври не можеше да се сокрие…

Тогаш, како и во цела Македонија, властите решија да преземат гонење на сѐ што е напредно, под изговор дека станува збор за луѓе што работат против државата и што се поврзани со разни непријателски групи во странство.

Меѓу другото, на обвинителна клупа, како антидржавни слементи, се најдоа Дано Тафчија, Рампо Топличанец, Коста Циривири, Веле Денев и Даме Барба.

Процесот беше рафинирано замислен, во договор со тогашниот кралски министер за Внатрешни работи Драшковиќ. Дури, Драшковиќ се изложи на патување и дојде лично во Прилеп да присуствува на состанокот на месната власт во Прилеп, во врска со конструирањето на овој процес.

За тоа сите знаеја, но никој не смееше глас да пушти, зашто полицијата и жандармеријата, и нивните агенти, деноноќно дебнеа, очекувајќи некој само збор да рече, па веднаш да го стават зад решетки. Особено ревносен беше жандармерискиот поручник Миодраг Јовановиќ, кој не избираше средства за да ги задоволи желбите на своите претпоставени и да и обезбеди што побрз успех во кариерата. За него, на пример, се знае, дека ја запалил џамијата „Чемерлија мост“, за да ги исплаши побогатите Турци, тие наглавечки да ја напуштат земјата и имотот да го продадат бадијава. Во врска со тоа и беа прикажувањата на Капка, дека Трбиќ се добрал до беговскиот чифлик во Браилово, речи си, без петпари.

Како што е познато, обвинетите во овој монструозен процес беа осудени и испратени на повеќегодишна робија во Пожаревац, каде што веќе се наоѓаа затворени многу истакнати комунисти од цела Југославија.

Некако во тоа време, преку тајни јавки, дојдоа во овој крај и истакнатите македонски револуционери Петре Чауле, Ордан Марунчето и син му на Питу Гули. Меѓутоа, тие, поради жестоките прогонства на власта, не можеа да останат во земјата и емигрираа во странство, каде што станаа жртва на атентати, од страна на непријателите на македонскиот народ.

Ете, сето тоа, и многу други работи, го смутуваа Трбиќ и му ја расипуваа расположбата, додека во пајтонот со бели коњи се доближуваше до местото, каде што требаше да се одржи предизборниот собир. Зашто, не веруваше дека многумина ги заборавиле тие трагични настани и неговото место и улога во сето тоа.

КОЈ МИСЛИ ПОИНАКУ?

Кога дојде на местото на митингот, таму веќе се беше насобрале доста луѓе. Некои поради чалгиите, некои од љубопитство, некои што поверувале на доверливите луѓе на Трбиќ, дека тој ќе им ги реши проблемите со безработноста, а многумина од страв, не сакајќи полицијата да забележи дека не присуствувале на говорот на нејзиниот човек.

(Десетти дел)

Стар демагог, Трбиќ знаеше како да почне и како да го продолжи говорот. Дури, често имаше обичај да рече дека работите се вакви и ако има некој поинаку да мисли, нека го изнесе тоз свое мислење. Се разбира, луѓето, гледајќи ги многуте униформирани и неуниформирани полицајци, што со пиштоли под палтата, маваа во масата, и не помислуваа да речат дека мислат поинаку.

„Драги браќа, господо и госпоѓи, не обзирајќи се на повиците на народот, – рече Взсилие Трбиќ

- Почитувани граѓани прилепчани…

Не давајќи му повеќе да говори, разбранетата маса извикуваше „Долу демагози!„, „Долу Трбиќ!“

Налутен како рис, застрашувајќи ги присутните со полицијата, Василие Трбиќ им даде знак на вооружените приврзаници да газат по прилепската калдрма. Да газат сѐ: луѓе, жени, деца.

Мирот беше воспоставен. Полицијата го сврши своето. Демагогот Трбиќ продолжи да говори:

- …Ако ме изберете, ќе се позапре силата. Јас не сум банкротиран политичар. Јас сакам да се борам за народот…

Пак извици против говорникот.

Меѓутоa, Василие Трбиќ не ce обѕираше на извиците и повторуваше дека тој, а не Јован Ќирковиќ, ќе го спаси народот. Целиот вџашен започна нешто да се лути на полицијата.

Полицискиот писар, кој му служеше како заштита, го опомена да не ја навредува власта – барем не на еден ваков збор.

И Василие Трбиќ се скара со својот неистомисленик. Пред очите на народот на балконот настана тепачка. Двајцата демагози започнаа взаемно да си доделуваат шлаканици.

- Народе, гледате ли дури дека и полицијата се кара со мене, – викаше Трбиќ, за да ја „докаже“ својата намера.

Љубопитливите прилепчани шеретски си свиркаа и го гледаа политичкиот циркус. Уживаа да гледаат како двајца изедници се расправаат пред очите на стотината граѓани.

ЌЕ ВИ ДОВЕДАМ ГЕОЛОЗИ…

По шлаканиците, масата се смири, очекувајќи нови спектакли од говорницата.

Чекаше да види дали еден војвода и понатаму ќе се тепа со еден политички писар. Меѓутоа, како најитер лисец, Трбиќ се смири и го продолжи својот кортешки говор:

- Народе, јас знам дека уште смрдлива вода пиете. Во вашиот град водовод ќе направам. Специјални геолози ќе доведам „жива вода“ од земјата да извадат. Таква ладна и убава вода, каква човечко око досега нема видено. Не caмo вие што ќе пиете, туку и мртвите ќе станат да се напијат…

Целиот собир се смееше. Во своите ветувања Трбиќ започна глупости да расправа. Зашто, „жива вода“ никој уште не беше пил. И уште никој не беше чул дека геолози жива вода ќе вадат.

По кратко време смеата престана. Трбиќ го споменуваше Солунскиот фронт, споменуваше дека тој е „мајка на народот“, дека калдрмата со кралски асфалт треба да се замени и дека со инженери ќе ги скроти рекичките Дамничица и Оревоечка и дека наместо некултурна, ќе доведе „културна“ жандармерија во градот. Во својот говор толку многу се заборави, што почна и против даноците да говори. Дури откако некој од трибината го свести со даноците, Трбиќ рече дека само кралски данок ќе се плаќа. И ништо повеќе.

ВРСКИ СО ЦЕЛИОТ СВЕТ

Овој демагог дури и се заборави. Рече дека Прилеп ќе стане голем град, дека странци ќе дошле и дека дури фабрики за тутун ќе гради. И дека мед и млеко ќе се пие.

Намуртени прилепчаните не издржаа да ги слушаат сите лаги. Полека го напуштаа местото на митингот, велејќи дека таков лажов досега немаат чуено. И кога заврши говорот, дури тогаш Трбиќ се свести дека малку претерал вo „изборното навивање…“

(Единаесетти дел)

Во годините меѓу двете војни такви и слични случки не беа ретки. Дури и подрастични.

На пример, познат е случајот со некој Богољуб, за што агитирал владиниот кандидат.

Во една кафанска сала, владиниот кандидат закажал предизборен собир, на кој говорел. Се разбира, при тоа ветувал дека низ градот ќе потече мед и млеко – ако го изберат него. Луѓето го слушале, иако знаеле дека сето тоа е лага. Очите му ги гледаа само од избори до избори – тој и порано, како режимски човек, бил кандидиран и со разни махинации избиран за пратеник. Но, и не му текнувало да отиде меѓу избирачите, да се заинтересира за нивните желби и проблеми, да им помогне, таму каде што би имало потреба и место за помош. А поактивен не бил, ни во тогашната скупштина. Токму за тој празник се расправаше една анегдота, која мошне добро ја илустрираше таа негова неактивност.

По време на некоја дебата, која била доста жестока ја подигнал раката и односниот пратеник.

Сите се вчудоневиделе:

- Што треба тоа да значи, па тој десет години во оваа зграда збор не прозборил во дискусија. Додека другите говореле, тој спокојно дремел, кога се гласало, секогаш гласал за владините ставови, и некое поголемо интересирање пројавувал единствено кога требало да се подигнат дијурните од скупштинската благајна.

Претседавачот, исто така, бил изненаден. Но, му дал збор.

Во салата завладеа штама. Сите се претвориле во уво: што ли така значајно ќе рече човекот.

А тој спокојно станал, погледнал лево и десно врз главите на другите пратеници, и без вознемирување, рекол:

Ве молам, наредете да се затворат прозорците… Има продув.

Потоа мирно седнал и почнал во ушите да тутка куглички од фата.

Значи, по говорот на овој човек, влезен во неславна анегдота, зеде збор и тој Богољуб.

Неговото излагање беше мошне кусо, но и мошне делотворно. Тој од задниот џеб на пантолоните извлекол некое огромно пиштолиште, го ставил на маса пред себе, и потоа рекол:

- Го чувте човекот… Има ли некој да не се согласува со она што тој ви го рече?

Таков не се најде. Но, затоа, луѓето неколку минути аплаудираа, гледајќи под око во пиштолот.

„УБЕДУВАЊА“ ЗАД АГОЛОТ

Трбиќ знаеше што најмногу ги притиснува прилепчани и кои прашања најмногу ги интересираат.

Во тие години на голема криза и безработица, тутунот беше единствена надеж на градот. Но, што стануваше со тутунот.

Луѓето уште од темни зори доаѓаа со тутунот, натоварен на коњи или во коли, и чекаа да дојдат оценувачите, да го оценат и да го откупат.
Оценувачите ќе дојдеа по некое време и набрзина, ќе ѕирнеа во секоја бала и како со нож ќе пресечеа: не чини, чини, динар, најмногу два…

Оној тутун, за кој тие ќе речеа дека не чини, беше веднаш спалуван, како на ломача. Тој пред очите, што оние, што снагата и животот ги оставаа по нивите, додека го одгледуваа, ce претворуваше во гаревина и чад. Луѓето, исплашени да не им се замерат на оценувачите, се согласуваа и со најмала цена. На таков начин, тие најбрутално беа експлоатирани

Затоа, Трбиќ поголемиот дел од својот говор му го посвети на тутунот.

Тој ветуваше, дека таму во Белград, ако треба во самиот двор, ќе ургира прилепскиот тутун подобро да се плаќа. Дека нема да се спалуваат огромни количества, туку сето производство ќе се откупува.

- Од време навреме, неговите пријатели, растурени низ масата, ќе го прекинеа и ќе почнеа да извикуваат:

- Така е… Има право… Да живее Василие Трбиќ.

А тој пак, Трбиќ, како овеан демагог, ќе замолчеше за час, потоа ќе почнеше да се клања, да поздравува со раката и да повторува:

- Благодарам, браќа… благодарам…

Тогаш со уште посилен глас ќе го продолжеше говорот со нови ветувања претставувајќи им го на прилепчани животот, по неговото избирање за пратеник, во розови бон.

- Ех верувам дека нешто ќe направи, – му рече еден од масата на човекот што стоеше до него… Ќе направи, но за својот тутун, оној што го производат чифчиите на неговиот чифлик во Браилово…

Го рече тоа човекот, и се касна за јазикот. Зашто, токму зад него стоеше еден од полициските агенти, од оние што без во цивилни алишта.

И уште веднаш, по завршувањето на митингот, непретпазливиот граѓанин, зад првиот агол, неколку агенти со тупаници и шлаканици го убедуваа дека нема право и дека она што Трбиќ го говори е чиста вистина.

(Дванаесетти дел)

АЛИЈА „СЕНАТОРОТ“

Пред самите избори, Трбиќ ја засили агитацијата. При тоа, тој даваше секакви ветувања, дури и комични. Така, еден ден дојде во брашнарницата на Алија, кај Саат – кулата.

- Господин Трбиќ, – го пречека Алија, – јас, врз основа на твои белешки, сум им дал досега на разни луѓе педесет вреќи брашно…

- Добро, добро, – одговори Трбиќ, – ако треба, и сто ќе дадеш… Штом ќе дојде некој со белешка од мене, веднаш да му дадеш брашно. Тие луѓе ќе гласаат за мене.

- Убаво е тоа, господин Трбиќ, само – кој ќе го плати брашното?

- Кој ќе го плати брашното, Народецот, братче, ете, тој ќе го плати брашното.

- Како: народот? – почна да пелтечи Алија.

- Ете, така, ќе те направам сенатор, па ќе ги извадиш парите. Само, треба да сошиеш црн костум и да купиш бастун. Сенаторите така одат, во црни костими и со бастуни. Само, не ќе биде доста брашното, ќе треба да заминеш во турските села, па да агитираш за мене, говори да држиш…

- Море, какви говори, господин Трбиќ, ќе му речам на оџата и сѐ ќе биде вред…

- Е, така, така, – рече задоволно Трбиќ – само, не заборави на костим и бастун.

Поверува Алија во ова ветување, и соши црн костим, купи бастун, и така наконтен тргна еден ден низ чаршија. Прво намина кај Думбалот в бакалница и се пофали дека Трбиќ му вели оти ќе го направи сенатор.

Думбалот разбра колку е саатот, и во шега, го испрати кај Ицко Дупецот кој, исто така, држеше бакалница. Ицко ја прифати шегата и, откако му честита, го препрати кај Миновци, бакалите, тие пак кај Бојан Чешитот. И така, цел ден чаршијата правеше шега со кутриот Алија, кој сосема сериозно примаше честитања и се топореше во костимот и со бастунот.

Се разбира. Алија не стана сенатор, но испрати глас во турските села – сите до еден да гласаат за Василие Трбиќ.

Мариово за Трбиќ остануваше проблем. Се плашеше, дека тука може да загуби. Затоа, со триста итрини, успеа да го придобие попот, татко му на Трајчета учитеот. Овој поп. за разлика од другите селски попови, што беа несмаспи, нечисти и измрсени, беше чист и педантен и се облекуваше како прилепскиот прота. Дури, во тој поглед ги надминуваше градскиот поп Бацидевојче и ѓаконот од Смичковци. Инаку, попот беше голем авторитет во мариовскиот крај.

УЧИТЕЛОТ СИ ГО БАРА ГЛАСОТ

Непосредно пред изборите, низ градот се јадеше и пиеше за сметка на Василие Трбиќ. Тапаните ечеа, зурлите пиштеа, луѓето се веселеа.

Кортешите на Трбиќ се беа размравулиле низ сите села, агитирајќи за него.

На самиот ден на изборите, кандидатите ги обзеде нервоза. Василие Трбиќ не можеше да ги сочека резултатите, иако знаеше, дека работата е наредена и дека тој мора да стане пратеник.

И, навистина, кога вечерта ce објавија резултатите, се виде дека тој добил и дека сите избирачи гласале за него.

Но, како?

На пример, учителот од Слепче, некој Глануша, дојде при изборната комисија и протестираше:

- Како може – сите да гласале за Трбиќ, кога, ете, јас не сум гласал за него…

Тука случајно се најде и Трбиќ. Тој се насмеа, и рече:

- Де, море, што се грижиш, каде се сите гласови, таму е и твојот.

- Не може тоа така, господин Трбиќ. Којзнае колку гласови дадени за опозицијата се префрлени во вашата кутија… Тоа е измама. Јас си го барам гласот назад…

Гласот не го доби назад, но само неколку дена по изборите, училишниот прислужник го тужи – дека му го украл бричот!

Учителот мораше да ја напушти работата и да се врати во своето родно место.

„ЖИВА ВОДА“

Едно ветување, Трбиќ сепак исполни. Извесно време по изборите, дојдоа стручњаци и почнаа да дупчат на ридот, во потрага по „жива пода“. А вода – тоа беше голем проблем за градот. Особено летно време, чешите секнуваа, оние градските, и луѓето мораа по вода да одат дури во Ѓумушица. Затоа, пет-шест дена, луѓето се веселеа – поблиските до ридот, како Настевци, Кукевци, па и Климе гробарот, правеа цели гоштевања.

Но, сето тоа траеше неколку дена. Потоа, стручњаците се собраа и си отидоа, и никогаш повеќе не се вратија. Рекоа – сврделот им се скршил.

Всушност, и тоа беше еден од маневрите на Трбиќ – да се види, како божем се интересира за градот и неговите потреби.

(Tринаесетти дел)

КОЈА БЕШЕ УБАВАТА ЈУЛИЈА

Секој град си има малечка историја. Населението се гордее со таа историја. Така и Прилеп ги обврзува своите граѓани да ја почитуваат таа историја. Секој човек треба да ја познава историјата на својот град и да биде објективен спрема настаните.

* * *

Во 1926 година Ордан Тренко убил 44 невини граѓани, прилепчани. Тој омразен злосторник ги истепал невините луѓе и ги закопал во „Ѓупско Долче”. Убавата Јулија Тренеска била од семејството на Ордан Тренко – внука од брат. Но, ете професорот Симовиќ, кој бил истеран од Комунистичката партија како центроман, се вљубил во Јулија. Тој секој момент и во секоја прилика кога ќе ја начекал ѝ предлагал љубов. Тоа веќе го забележале и учениците. Службеникот во судот Живановиќ го забележал ова и како напреден младинец и комунист почнал да ја организира младината.

Овие младинци спрема судскиот процес донеле решение на другиот таен состанок да ја запалат гимназијата. Според доказите на власта, жребката му паднала на Благоја Балабанов. Тој долго време се колебал и не сакал да ја изврши задачата.

А вистината е сосема поинаква.

Благоја Балабанов една недела излегол кај бутката да купи весник. И на насловната страница прочитал дека кралот Александар ќе се жени за кралицата Марија. Кога го прочитал насловот за женидбата на кралот се изразил со некои погруби зборови. Зад него бил Војо Дамјановиќ, големосрбин, кој го слушнал и веднаш го однел во полицијата. Другиот ден го наклеветил и кај директорот на училиштето. На третиот ден Благоја Балабанов бил убиен.

ПИСМОТО ВО ПОЖАРЕВАЦ

Како што е познато, по Обзнаната, први под удар се најдоа комунистите.

Во Пожаревац, меѓу другите напредни луѓе на издржување строги казни, се нашле Филип Филиповиќ, Ѓуро Салај, Сима Макониќ, Владимир Ќопиќ, Никола Ковачевиќ и многу други.

Во затворот во Пожаревац, еден ден пристигнало едно писмо, напишано лично до Јован Ќирковиќ.

Писмото било адресирано до прилепските затвореници. Во него пишувало:

„Вие ја знаете мојата сила и власт и што можам да направам за вас. Ете јас се сожалив. Зошто како младинци да гинете в затвор? Можам веднаш да ве ослободам. Но, само едно барам од вас: да потпишете декларација и да се откажете од Комунистичката и да се зачлените во Радикалната партија.“

Ова писмо дошло во рацете на секретарот на Централниот комитет Филип Филиповиќ кој свикал состанок. На состанокот се видела важноста на писмото. Се донесло решение да се проверат сите прилепчани – дали се напредни. Се испратило писмо до Прилеп и тоа лично до Танасие Илиќ, за да се даде мислење за овие луѓе. По неколку дена Танасие Илиќ одговорил поволно.

Филип Филиповиќ, кој се увеил дека овие луѓе се напредни и добри младинци, една вечер ги собрал сите прилепчани и одржал состанок во Централниот комитет, каде изјавил:

- Другари, ние располагаме со еден прекрасен документ. Овој документ е многу важен за сите нас кои сме затворени. Исто така, со овој документ можеме да ја собориме Скупштината и да ѝ покажаме со какви лаги се служат.

Прилепчаните, кога слушнале за овој документ, се изненадиле. Филип Филиповиќ рекол:

- Многу зависи од вас како ќе се однесувате. Во ова писмо ве тераат да се откажете од партијата да станете ќортоши на Јован Ќирковиќ. Тој ќе ви даде пари и власт, но треба да плукнете на својата совест.

Сите членови на ЦК го поддржале Филип Филиповиќ. Прилепчаните и сите други комунисти се сложиле со ставот на Централниот комитет и му дале полно овластување овој документ да се искористи во полза на партијата.

Филип Филиповиќ го умножил писмото и со едно пропратно писмо го испратил до Скупштината. Исто така, едно копие му испратил на министерот за внатрешни работи Милорад Драшковиќ. Друго писмо испратил и до некои комунистички пратеници кои се запознале со текстот и говорат пред Скупштината. Овој документ бил печатен и во „Радничке новине“ и го читале работниците по фабриките и домовите.

* * *

Секој град си има една малечка историја, па така и Прилеп си имаше своја историја. Дали со овие страници е изнесена вистината, ќе кажат историчарите.

(Фељтонот е објавуван во дневниот весник „Вечер“ во 1967 година. Автор на текстот е Волче Наумчески)

Нема Коментари

Коментирај