Проф. Лазар М. Кескинов, 1939...

Проф. Лазар М. Кескинов

Проф. Лазар М. Кескинов е роден на 15 март 1920 година во Штип. Потекнува од многудетно занаетчиско семејство. Во родниот град го завршил основното образование до мала матура, а средното образование го завршил во Призрен, во Православната богословија, во генерацијата 1934/41.

По завршувањето на Богословијата, во 1941 година се запишал на Богословскиот факултет во Софија. По војната, во 1945/46 година се обидел да ги продолжи студиите во Белград, но поради материјални и здравствени причини не можел да опстане во Белград. Во 1946 година бил назначен за вероучител во Скопје. Предавал во повеќе скопски основни школи и раководел со ученичкиот црковен хор во црквата „Свети Георги“ во Чаир.

Во 1946 година се запишал на Философскиот факултет во Скопје, група философија, а по дипломирањето во 1953 година, бил назначен за професор по предметот Философија во Гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп, каде што останал до крајот на својот живот.

Како гимназиски професор, Лазар М. Кескинов оставал впечаток на многу сериозен и набљудателен човек. Лицето му оддавало замислен вид, на моменти изгледал недостапен, но штом ќе проговорел, во него се откривал ведар дух со јасна мисла, природност и срдечност.

Неуморно читал каде и да се најдел и притоа секогаш запишувал интересни мисли и подолги текстови. Во тетратките што ги пишувал уште како ученик, меѓу листовите ставал исечоци од весници со одделни статии. Во друштвото секогаш умеел да каже нешто ново, интересно и духовито. Речиси за секоја пригода тој наведувал некој интересен и поучен пример и секогаш го привлекувал вниманието на аудоториумот. Со слични примери успевал да го држи будно вниманието на своите ученици на часовите. Нив ги нарекувал ангели, а тие се натпреварувале кој да биде поблиску до него.

Како професор во прилепската Гимназија, се до пензионирањето во 1980 година, предавал Философија, Психологија со логика, Социологија и Латински јазик. Наставата ја изведувал совесно и успешно. Неговите ученици и ден-денес со респект и восхит говорат за неговите интересни и содржајни предавања, како и за неговата објективност и родителскиот однос кон нив. Раководел со Друштвото на трезвењаци и преку ученички реферати водел борба против пушењето и алкохолизмот. Со учениците организирал групни посети на болни и други добротворни акции.

Проф. Лазар М. Кескинов е автор на повеќе дела од областа на Философијата, Психологијата и Библиската историја. За жал, до денес се публикувани само две негови дела: „Историја на античката философија до елинизмот“ (1991) и „Духовен семафор“ (1994).

Проф. Лазар М. Кескинов почина на 69-годишна возраст, на 9 јуни 1989 година.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc