Козма Георгиев Чуранов

Козма Георгиев Чуранов

Козма Георгиев Чуранов
(…. – 1903 )

Името на еромонахот Козма претставува еден куриозитет во протоколите за крстени и венчани при храмот „Свето Благовештение“ во Прилеп.

Тој немал парохиска должност, ниту парохиски задолженија. Според сведоштвата на протоереј-ставрофор Борис Талески, во еден „Посен триод“, кој бил во сопственост на црквата, има запис со оваа содржина: „Еромонах Козма од Кадина Река, Скопско“.

Според јазикот на оваа книга, кој е украинско-словенски, најверојатно авторот на записот студирал во Киевската духовна академија. Според сведоштвата на протоерејот Милан Смичкоски, еромонахот Козма е роден во село Смилево, богословското училиште го завршил во Самоков, Бугарија. Иако со завршено богословско образование предава математика во Солунската машка гимназија а потоа доаѓа во Прилеп како учител по веронаука во тогашното прилепско училиште, во периодот кога учителствувале и Димитар Сливјанов, Тале Христов и А. К. Спирков. Можеби зачудува податокот како, една високо образована и интелигентна личност, дошла токму во Прилеп, а не останала во поголемите градски центри од тоа време. Но, не треба да го заборавиме фактот дека во прилепското училиште имало и други учители со високо образование, како што биле Јосиф Ковачев во 1860 година, или, пак, во учебната 1898/99 година, кога директор бил Стефан Димитров, кој исто така имал високо образование.

Еромонахот Козма во Прилеп дошол во 1892 година заедно со Пере Тошев. Во учебната 1892/93 година, во учителскиот персонал на третокласното народно училиште во Прилеп, меѓу 16-те учители, како прв е спомнат „свештеникот Козма Георгиев“. Во материјалната книга на црковно-училишната општина во Прилеп од 1893-1901 година, во месец ноември 1898 година, „под разно“ за еромонахот Козма е расходувано 10 гроша, а во декември 218 гроша. За другите негови приходи како учител не постои материјална книга. Во јули 1903 година бил поставен за псалт при црквата. Како псалт се раководел од книгата „Обиход церковнаго пенија“ која била издадена од Руската Православна Црква во Москва во 1900 година и која претставувала преглед на црковното пеење на руско-словенски ритам и со руска музичка нотација. Според кажувањата на отец Борис, токму од еромонахот Козма браќата свештеници Смичкоски (Никола и Милан) го научиле и руското црковно пеење. Според нивното кажување, пак, кое отец Борис го запишал, еромонахот Козма бил оној свештеник, пред кого полагале заклетва сите новопримени членови на ОВМОРО.

Еромонахот Козма бил и член на Комитетот на градската организација на ОВМОРО во Прилеп и како таков повеќе не можел легално да остане во Прилеп, па во почетокот на јули 1903 година морал да го напушти Прилеп и да се придружи на четата на Петар Ацев и Никола Пешков.

Прота Борис Талевски се потрудил да ги запише кажувањата на прота Милан Смичкоски, зашто тој бил долгогодишен и искрен пријател со еромонахот Козма. Нивното пријателство особено се зацврстило кога Козма станал псалт во црквата, па токму тоа било причина тие постојано да бидат заедно, а и двајцата имале прекрасни и мелодични гласови. Прота Милан го опишувал еромонахот Козма како многу стабилен човек, со цврст карактер и човек од збор. Надворешниот изглед му бил како човек на средна возраст, со тркалезна глава и со израстена брада и мустаќи. При излегувањето во илегала, во јули 1903 година, Козма му се доверил на прота Милан за својата одлука да замине во четите, па го поканил и него да заминат заедно. Прота Милан добро ја знаел положбата на подготовката за востание како многу слаба, па во прво време го одвраќал од таа негова намера, а подоцна, кога еромонахот повторно го потврдил својот став за заминување, прота Милан и званично одбил да замине во една таква неподготвена ситуација.

По кусо време се случил вооружен судир меѓу четите и турскиот аскер. Четите на Петар Ацев и Никола Пешков биле составени од 52 комити, меѓу кои биле и новодојдените доброволци од прилепско. Со турскиот аскер се сретнале на врвот Студенец, Беловодичко. Иако многумина од војниците вршеле притисок да отворат оган врз турскиот аскер, Петар Ацев се противел и настојувал да отстапат. Во меѓувреме некој пукнал и започнале поединечни истрели. Турскиот аскер се покажал како посилен, па четата на Петар Ацев почнала да бега, без да даде било каков отпор. Четата загубила 17 војници, а повеќето од ранетите умреле од срцев удар. Прилепскиот црковен хроничар, свештеникот Анастас Налетоски, во своите записи во црковните книги, за смртта на еромонахот Козма запишал: „1903 година, ијулија 9, папа Кузман калогеро се упокои во недела, го отепаа на Лигураса, Вепрчко и прочии, и дружина“. Овој запис се наоѓал во книгата „Четвороевангелие“, печатена во Москва во 1797 година, а во тоа време се чувала во музејското депо на црквата. Датумот е напишан според јулијанскиот календар и, според историските податоци, не се сложува за три дена. Најверојатно, судирот со турскиот аскер бил на 6 јули според јулијанскиот календар, а Козма умрел од срцев удар, заедно со прилепскиот учител Тале Христов, на 9 јули 1903 година на местото Лигураса (премин од прилепско за Мариово и се наоѓа во близина на местото Студенец, Беловодичко).

Долго време по неговата смрт, кај прилепчани останал споменот за еромонахот Козма, како за „калуѓерот“ кој падна како жртва за слободата на Македонија.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc