Учебна 1892-1893: Дасакали при централно машко училиште во Прилеп

Даскали

Даскали

Руско-турската војна и интернирањето на раководителите на прилепските училишта, Јосиф Ковачев и Никола Ганчев Еничерев, само привремено го сопреле напредокот на прилепските училишта, зашто солидната методско-педагошка подготовка, која ја поставил Ковачев со отворањето на еден вид учителска школа во Прилеп и понатаму послужила како база за проѓирувањето на училишната мрежа во градот и околината. Извесно осовременување во наставата на прилепските училишта, внесле и некои завршени македонски ученици од американскиот „Роберт колеџ“ во Цариград, кои станале учители во Прилеп и ги пренесле новините од своите учители, кои имале завршено низ европските универзитети. Исто така, новини внесле и некои од дипломираните студенти на европските универзитети. Така, тројцата поставени воспитаници од „Роберт колеџ“, покрај предметната настава, внесле уште и таканаречени „орации“, односно, декламирање на одбрани стихотворби или излагања на некои научни прашања или извадоци од историјата. Орациите биле јавни и се одржувале пред граѓаните еднаш неделно.

Покрај отворањето на нови класови четирикласното машко училиште, како и во женското, истовремено биле ставени и основите физичкиот, хемискиот и природно-историскиот кабинет во Гимназијата. Битолчанецот Атанас Наумов, како воспитаник на Загребската препарандија и во својство на директор на Прилепската гимназија од 1888-1891 година, уште повеќе ја усовршил наставата во прилепските училишта.

Зголемениот број на ученици наложил да се подигне нова зграда за Гимназијата во Прилеп. Со доброволни прилози на ученољубивите Прилепчани, во 1893 година биле ставени темелите за новата зграда, која во 1894 година била довршена во дворот на црквата „Свето Благовештение“.

Во учебната 1885/86 година, егзархијата во Прилеп отворила и едно богословско училиште од интернатски тип, но поради неговиот нерегуларен правен статус пред турските власти, по една година било затворено, односно префрлено во Одрин.

Меѓу многуте даскали, кои продефилирале низ Прилеп, вреди да се потсетиме на: Штипјанецот Јосиф Ковачев, кој своето богато педагошко искуство го пренесол во прилепските училишта, а извршил и реорганизација со воведувањето на нови наставни планови, нови учебни помагала и вовел нова гласовна метода. Потоа, Никола Ганчев Еничерев, кој го одделил главното училиште од заемното и создал гласно училиште. Димитар Миладинов, кој бил учител во грчкото училиште. Учителот Јордан Хаџи Константинов – Џинот вовел нови световни предмети и ги поделил учениците по групи, а на крајот од секоја учебна година организирал и јавни настапи со учениците, со што се здобил со големи симпатии во градот. Неговиот наследник Васил Алексиев Курдалов од Маврово го продолжил реформирањето на прилепските училишта.


Учебна 1892-1893 година
Дасакали при централно машко училиште:
Прв ред од лево кон десно: Антон Поп Стоилков, Јордан Анчулев, Спиро Мирче, Свештеник Козма Георгиев, Др. Јордан Бомболов (директор), Пере Тошев, Даме Груев, Ѓорѓи Трајчев и Никола Смичков.

Втор ред од лево кон десно: Јордан Поп Константинов, Неделко Дамјанов, Илија Тошев, Илија Иванов, Никола Радославов, Константин Трифунов, Стојче Димев и Ангеле Воденичаров

Овој албум им е посветен на сите овие родоначалници на прилепскиот даскалук, но и на сите оние, кои несебично го продолжиле нивното дело до денешни дни.

1 коментар

  • Методи December 22, 2011

    Йосиф Ковачев е бил голема личност. Помегу другото, и кмет на София и потпредседател на Върховния македонски комитет. Издал ценно помагало – „Български буквар“ (1875).

    Respond

Коментирај

© 2011/12 dbmc