1961: Дарко Дамески во филмот „Мирно лето“

Дарко Дамески

Дарко Дамески е роден на 12 мај 1932 година во Прилеп.

На 17-годишна возраст се запишал на школување во тогашната Државна театарска школа во Скопје, која успешно ја завршил во 1952 година. Уште во текот на школувањето пројавил многу голем интерес за глума.

Настапувал во Македонскиот народен театар, каде што во самиот почеток дошла до израз неговата приврзаност кон театарот и глумата. Во Македонскиот народен театар, каде што имал многу голем удел во неговото основање, има остварено повеќе настапи со значајни улоги. Исто така, има оставено свој белег и во повеќе филмски дела.

Дамески својот прв филмски ангажман го забележал со епизодната улога во првиот македонски филм „Фросина“. По успешниот настап во првиот македонски филм, настапувал скоро во сите македонски филмови. Во повеќето од тие филмови има настапувано во главната улога или споредна улога.

Ликот на Дарко Дамески беше присутен и на малиот екран, почнувајќи од првите ТВ драми на ТВ Скопје, до речиси сите телевизиски серии и други позначајни емисии и проекти. Неговиот физички изглед, односно неговата физиономија, ги одредила и ликовите кои што ги има интерпретирано. Тие ликови се, воглавно, негативци, со одредени исклучоци.

Во својот живот има остварено многу значајни и успешни улоги, за коишто добил повеќе награди и признанија. Едно од неговите најголеми достигнувања беше глумата во филмот „Црно семе”, филм со кој на фестивалот во Пула станал добитник на наградата „Златна Арена”. Дамески бил активен во полето на актерстовото се до неговата смрт.

Последните години од животот ги посвети на монодрамата, преку која остваруваше најширок контакт со публиката.

Почина на 12 декември 1983 година во Скопје.

Филмски остварувања:
1952 – Фросина
1955 – Волча ноќ
1958 – Мис Стон
1959 – Виза на злото
1961 – Мирно лето
1961 – Солунските атентатори
1964 – Ароматично злато
1964 – Под исто небо
1965 – Денови на искушение
1966 – До победата и по неа
1967 – Лифт горе, лифт долу
1967 – Македонска крвава свадба
1968 – Планината на гневот
1968 – Споменик
1969 – Време без војна
1970 – Цената на градот
1971 – Жед
1971 – Македонски дел од пеколот
1971 – Црно семе
1972 – Истрел
1975 – Јад
1976 – Најдолгиот пат
1977 – Исправи се, Делфина
1980 – Оловна бригада
_____________________________________________________________

4 Септември 1971 година
„Екран“
Автор: Васил Пујовски

ЗЛАТОТО СЕ ВИКА ДАРКО ДАМЕСКИ

„Колку разговорот и натаму тече не наметнато, самиот од себе, толку впечатокот дека ниедно признание, позначаен успех, ниедна награда, па ни „златото“ од Пула не можат да го изменат – е непоколеблив.
Можеби му е само по малку непријатно што за сето време мора да зборува за самиот себе…
Сега се присетува за првите училишни денови, првиот учител. во тие сеќавања има по нешто и како тага и како благодарност.
Првата средба со клупата е нешто навистина несекојдневно. И првата буква, азбуката, првиот прочитан ред, страна.
Сега е и тој дел од вревата на училишниот двор. Само кога би имало малку повеќе книги и кога би биле се почести грмушките на Маркукуле што можат да се избројат на прсти. Тој пак ги води козата и Кривоколка, но тие веќе не се неговата единствена грижа.
Тој сака да биде најдобар.
Пред него се отвораат, непознати нешта, слики и соништа и сака да знае се…
Наместо парталавата топка сега го сонува училишното ѕвонче.
Ѕвончето ѕвони, го довикува, а тој трча сеуште онака смешно, трча…“

 

Првиот час почна. Даре е пресреќен. Само нешто сепак не му е јасно. Учителот зборува, зборува, а тој никако да го разбере. Тука-тамуќе му се стори познат само по некој збор и повеќе ништо…

  • Пред војнатаучилиштата беа српски. Првото и второто одделение ги завршив во српско училиште. Третото, четвртото, првиот клас (денес петто одделение) во бугарско училиште. Со војната дојдоа бугарите…
    Нашиот збор го слушнав дури во вториот клас, по ослободувањето.

ДА СЕ ПАТУВА, ДА СЕ ОТКРИВА…

Првиот учител Дарко Дамески не можеше да го разбере само на почетокот. Вистинската светлина се открива подоцна.

  • Беше кроток човек, Прилепчанец. Се викаше Ѓорѓија. Презимето му го заборавив. Со него беше полесно. Тој не можеше да избега од себе и српски зборуваше само тогаш кога мораше. Го засакавме. Не бодреше, умееше да се пошегува. Со доаѓањето на бугарскиот учител мораше да не напушти, но ние уште долго се сеќававме на него, го молевме да ни се врати. Со неговото заминување, замина и нашиот збор и имаше зошто да ни недостига. Неколку пати се среќававме по ослободувањето, никогаш не престануваше да ме потпрашува до каде сум. веруваше во мене, очекуваше многу повеќе отколку што очекував јас самиот и ако имав со што да го израдувам, радоста беше неизмерна. Не ја криеше, а и не умееше да ја сокрие…

Три години по ослободувањето Дарко Дамески доаѓа во Скопје.
Немирот вриежот во него е нескротлив.
Светот не е само уличката на неговото детство, Алајбеговата ливада…
Сака да се открие и доживее вистински колку се може повеќе.

Го полага приемниот испит во поморската школа, се зачленува водрамската група на Кирил Ќортошев – „Благој Шошолчев“.
Неколку средби со неа и одлуката е конечна.
Пред него наместо бескраите на непознатите мориња, се отвора театарската завеса, бесконечноста на сцената. Поморската школа станува само желба на еден миг, театарската за секогаш.

Неговите сеуште за тоа не знаат ништо. Она што го преокупира не го открива се додека не го покрене. Ќе рече дури има што.
Таков е и денес. Обврските ги прифаќа, како им приоѓа знае самиот, а наизглед како да не се случува ништо, а ќе се случи и за другите – кога ќе биде сигурен.

Заедно со него театарската школа ја посетуваат Ацо Јованоски, Вукан Диневски.
Ја посетуваат школата, настапуваат и на сцената на Македонскиот народен театар. Се разбира на почетокот во помалите улоги.

ЗАВЕСАТА Е КРЕНАТА

Вриежот што го носи во себе Дарко Дамески не останува незабележан.
Од него прилично се очекуваи тој тоа мора да го оправда.
Наместо надворешниот ќе го открива светот на човекот, карактерите, внатрешните спокојства, немири, се она што го носат во себе сите оние ликови што како да го довикуваат.
Сознанието дека има нешто нераскинливо меѓу него и сцената се врежува се подлабоко, трае и ќе трае…

Животот почнува со кревањето на завесата.
Се што и претходи на улогата на Огне во Драмата „Гоце“ е само навестување. дарко Дамески својот вистински почеток го смета во неа.
Драмата ја режираше Димитар Ќостаров, улогата на Гоце ја толкуваше Илија Џувалекоски.

  • Огне за мене беше првото вистинско вдахнување. Младото жетварче не може да ја поднесе беговата неправда, ударите на камшикот… Го убива и се придружува на четата од Гице и станува негов курир. Ако Огне беше навистина успех, тогаш ништо помалку не е заслужен и нашиот доајен Тодор Николовски, кој прилично ми помогна. Неговите совети ми значеа многу и јас му сум неизмерно благодарен.  Премиерата на оваа драма беше дадена на 11 октомври 1951 година

Театарската школа, со одличен успех Дарко Дамески ја завршува наредната година.
Од Огне до денес, тој повеќе ни самиот не го знае точниот број на одиграни улоги.
За улогата на Сид во истоимената драма на Пјер Корнеј во 1962 година, му беше доделена наградата „13 ноември“. Нешто подоцна тој го напушта Македонскиот народен театар и преминува во драмскиот…
За неговите артистички квалитети нема многу што да се рече. Тие се видливи, осведочени одамна и секое инсистирање на кажување во таа смисла би било само преповторување.
Всушност „Златната арена“ тоа тоа го илустрира посликовито.

Нема Коментари

Коментирај