По трагите на историските (не) вистини
ДАЛИ КРАЛЕ МАРКО БИЛ ПРИЛЕПЧАНЕЦ?
СЕ ТВРДИ ДЕКА ДУШАНОВИОТ ЗАКОНИК БИЛ НАПИШАН НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК
Во народните песни Крале Марко е опеан фантастично и чудесно. Тоа е општиот заклучок за секој што ги чул песните за Крале Марко. А народот никогаш не сакал да го види својот јунак мртов. Можеби затоа и песните добиле таков „вечен“ тон.
Едно утро Крале Марко излегол да прошета од својот раскошен дворец. Некаде од карпите, во близината, слушнал пукање. Слегол да види што се случува. На една чистинка околу карпите забележал некое Турче како пука од некаква цевка. Грмежот од истрелите бил така јак што дури и Крале Марко се изненадил. Се доближил до него и му рекол:
- Де, стрелај во мојава рака, да видам што сила е тоа!
Турчето, без да се предомислува, го запалило кубурот со трат, нанишанило и му ја продупчило раката на Крале Марко. Кога Крале Марко ја видел силата на непознатото оружје си рекол:
- Ништо не е моево јунаштво! Ништо не ми помага ни мојава снага, ниту пак мојот убав и силен коњ. Мојот буздован е најобична играчка, а копјево детска прачка наспрам оваа цевка на Турчево. Таа може да убие на стотина метри…
Тогаш Крале Марко го потковал својот коњ наопаку со потковиците и тргнал по светот. Оттогаш никој не знае каде отишол.
Ова предание сосема разбирливо ја поткрепувало народната надеж дека тогаш кога е во опасност Крале Марко ќе се појави однекаде и ќе му помогне.
Се тврди дека сите славјански народи го сакале Крале Марко, Бугарите, Србите, па дури и Романците. Според некои писмени документи, што се наоѓаат во белградските музеи, Душановиот законик бил напишан на македонски јазик.
- За да постои еден јазик треба да има говорна маса – вели еминентниот француски лингвист Десосир. Затоа, кога овој Законик е напишан на македонски јазик може да се толкува дека сите соседни народи на денешна Македонија се служеле со овој јазик. Оттука и фактот што говори дека пред 200 години македонскиот јазик се говорел дури и до Ниш! За ова сведочат и драмите на српскиот комедиограф Јован Стерија Поповиќ, Бранислав Нушиќ… Вук Караџиќ ако го зел македонското наречје што тогаш доста било проширено, тогаш се доаѓа до заклучок дека и Босанците и Далматинците зборувале македонски. Но Вук Караџиќ го зел јазикот на Петар Кочиќ и затоа македонскиот јазик се ограничил само на територијата на која живееле исклучиво Македонци.
Сите документи зборуваат дека Крали Марко е роден во Прилеп. Како што е познато од историјата, првиот целосен универзитет во светот бил организиран во Охрид пред илјада години. Оваа писменост морала да влијае и на соседните народи кои преку легендарните јунаци од Македонија сакале да овековечат свој национален јунак. Оттука Крале Марко, иако е Македонец, роден во Прилеп, го среќаваме како национален јунак и на сите блиски словенски народи.
В. Н.
(Објавено во дневвниот весник „Вечер“ во 1967 година)
Коментирај