Да не исчезне делото
Жените за своите популарни мажи
Убаво е кога двајца можат да се вратат назад и видат дека изминатиот пат ги довел некаде, дека нeшто почнале и – многу постигнале.
Властимир Николовски, композитор, директор на Високата музичка школа во Скопје и неговата сопруга Вера Талевска Николовска, специјалист педијатер во Одделението за детска туберкулоза и белодробни заболувања во Козле, се познати имиња во својата област.
Како што велат, се запознале многу одамна, уште како деца, а заедничкиот живот го делат од 1955 година. Разговорот со нашата домаќинка Вера, на кој присуствуваше и Властимир, претежно се одвиваше околу музиката, она што го сакаат, што го работат.
- Неговиот живот се врти околу музиката, компонирањето, вели таа. Мислам дека музиката е дел од него, дел без кој не може. Иако е зафатен со предавања, секогаш наоѓа време за својата љубов – компонирањето.
• Има ли некој одреден ритам во компонирањето?
- Компонира обично навечер, па сѐ до 3-4 часот наутро, а се случува и цела ноќ. За да го постигне тоа потребни се многу одрекнувања како од негова, така и од наша страна. Викендите за нас се обични работни денови. Но тоа не ни е тешко, зошто кај двајцата постојат работни навики и го сакаме она што го работиме,
Талент и инспирација
Како што веќе е познато, Властимир Николовски ја подготвува cвojaтa прва опера „Демагогија“ на текст од Илија Попоски, која всушност е сатира на општеството. Потребни се уште 7-8 месеци постојана работа за нејзиното конечно завршување. Неговата творечка работа не се концентрирала само на операта. Во меѓувреме напиша уште неколку творби: симфонијата „Борбата“, ораториумот „Кирилу”, една сатирична кантата хорски циклуси Сакавме да дознаеме што претставува за него инспирацијата и талентот.
- Мислам, тоа се романтичарски сфаќања кога се вели дека композиторот пишува кога ќе го вдахне инспирацијата. Инспирација за него е работата, а талентот го носи во себе. Тој живее со текстот, да речам го „прежвакува“ текстот, психологијата на личностите, а потоа пишува, лесно наоѓајќи музичка потка.
- Што најмногу цените во неговото творештво?
- Тоа што фолклорот зазеде примарно место и што има една специфична нота: проверување на македонска нишка.
• Кој е негов најголем дострел како композитор?
- Да остави нешто после себе, нешто што ќе живее по него.
• Која негова музичка творба најмногу ви се допаѓа?
- Според мене „Сердарот“ е музичка творба што може најмногу да возбуди, да ги покрене чувствата.
• Како е односот на релацијата музика – медицина?
- Најважно е разбирањето. Ако едниот ја сака својата професија ќе има потполно разбирање и за работата на другиот. Од друга страна, детето, бракот, не ни пречат во извршувањето на работата.
Освен љубовта кон музиката и медицината, двојката Николовски има нешто поголемо: љубовта кон 16-годишната ќерка Дафина. Ако се направи некаков редослед на суштинските нешта во животот, секогаш на прво место е таа. Според нивните зборови таа е најголем заеднички успех „Опус бр. 1“, како што вели таткото.
Табланет
- Двајцата имаме еден мал хоби, продолжува Вера. Тоа е таблaнeтот. Кога сме уморни или имаме проблеми, најдобро се релаксираме играјќи табланет. Освен тоа, многу го сакаме хуморот и шегата. Ги сакаме децата и младинците и на секој начин гледаме да им помогнеме, не жалејќи го своето време.
Разговорот се расплинуваше, допирнуваше разни теми, од обични, секојдневни, до уметнички. На поаѓањето од нивниот дом посетителот излегува со убав впечаток за една работна, творечка атмосфера.
(Објавено во „Починка“ – прилог на Нова Македонија, год. II, бр. 62 од 8. VII. 1972)
Коментирај