Цртежи на карпа на локалитетот Маркови кули
Ридот Маркови Кули се издига од север и североисток над прилепската населба Варош. Станува збор за карпесто возвишение, ракав на средновисоката планина Златоврв која, пак, претставува западен огранок на масивот на Бабуна. Изграден е од разнообразни масивни карпи, гнајсеви, гранити, гранодиорити кои
му даваат монументален и величенствен изглед. Во 2006 година, од владата на Република Македонија е прогласен за Споменик на природата додека, пак, како огранок на Златоврв се наоѓа на привремената листа на Унеско за заштита на природното наследство. Разиграните карпести форми образуваат стрмен и впечатлив рид кој поради позитивните дефанзивни карактеристики бил предмет на рано населување додека, пак, поради самиот изглед и богатото културно наследство, денес е на мета на бројни посетители.
Од археолошки аспект, Маркови Кули со непосредното подножје, во својата хронолошка секвенца рефлектира голем дел од културолошките процеси кои се одвивале во Северна Пелагонија. Како археолошки локалитет се истражува, со прекини, во последниве четири децении. Најраното евидентирано човечко присуство на ридот, се поврзува со т.н. карпесто живеалиште, истражено во рамки на Југословенскополската мисија (1977-1983).
Се наоѓа на северната страна од ридот и широко е датирано, од крајот на
неолитот до почетокот на раното бронзено време.Сепак, треба да се напомене дека голем дел од материјалот објавен во извештајот, најсилни аналогии наоѓа кај локалитетот Трештена Стена, Мариовско, од времето на доцниот енеолит, сè уште непознат кога се истражува ова живеалиште.
Во продолжение, откриени се траги од човечка присутност од сите наредни периоди, бронзеното и железното време, раната и доцната антика и особено средниот век, кога тврдината на Маркови Кули и населбата во подножјето на ридот доживуваат вистински процут. Подигнати се повеќе цркви и манастири, а во еден од нив („Св. Архангел Михаил“) е сочуван кирилски натпис од 996 година, со што се вбројува помеѓу најстарите познати кирилски натписи. Со распадот на српското средновековно царство на Стефан Душан, Прилеп станува седиште на кралството на Волкашин, а подоцна и на неговиот син Марко.
По смртта на Марко, во битката кај Ровине, во 1395, Марковите Кули потпаѓаат
во целосно османско владеење.
Карпесто сликарство на Маркови Кули
Средновековен Прилеп, со околината, покрај економски и административен, претставувал и силен духовен центар, каде биле подигнати невообичаено голем број цркви и манастири во коишто се одвивала континуирана циркулација на градителски и сликарски тајфи, а покрај тоа се развивале и силни локални
зографски и резбарски школи.Често, христијанското сликарство излегувало од црковните кругови, па на повеќе локации на стрмниот рид и неговото подножје
се наидува на карпи, живописани со претстави на христијански светители.
Но, покрај ваквата карпеста уметност, со христијанско сиже, се сочувани и претстави и композиции кои немаат црковна тематика.
Такви примери се регистрирани на повеќе локации. Тука, опфатени се претставите на јужната и северната страна на врвот Чардак, т.е. највисокиот
дел на овој локалитет, потоа на потегот Кукуделица и т.н. Варосан Камен. Повеќето од овие примери на сликање врз карпите на Маркови Кули, не се
познати за стручната јавност. Поради ова, се направи релативно позиционирање и фото-документирање на овие загaдочни сликарства, а беше опфатена и една,
досега, непубликувана претстава која оддава впечаток на христијанска матрица. Притоа, треба да се истакне дека наменски и детални опсервации за детектирање
на вакви појави на просторот на Маркови Кули не се вршени, така што можно е да постојат и други, неоткриени примери на сликање врз карпа на овој рид.
Три од регистрираните позиции се наоѓаат во т.н. Дел А/Двориште А, под самиот врв Чардак, во рамки на најнепристапната зона на ридот, а со тоа и на утврдувањето. Останатите две локации, се наоѓаат надвор од тврдината, во подножјето на ридот.
Позиционирањето и номенклатурата на претставите од првата група се изведени во сооднос со планот на утврдувањето, изработен во рамки на југословенскополската мисија, додека за останатите две се искористени локалните називи и позиционирани се врз основа на достапните сателитски снимки.
Чардак – Север (ил. 1.1)
Во рамки на Дел А или Двориште А на тврдината, на северната страна на врвот Чардак, вертикално, до самиот врв, се издига карпа која го затвора двориштето од југ. Во извесен период, од карпата се откршиле некои делови при што се формирале вертикални мазни површини над кои, како настрешница, надвиснуваат
деловите од карпата кои не се отцепиле, па така, заедно со пукнатините и помалите ниши ѝ даваат доста впечатлив изглед на карпата (ил. 2).
Во една од овие ниши се наоѓа лошо сочувана, стилизирана човечка фигура (ил. 2. А). Десната рака на фигурата хоризонтално е испружена кон напред, во висина на рамото, така што многу наликува на фигурата на стрелец од другата, јужна, страна на врвот. Пред стрелецот се сочувани нејасни траги од сликање, можеби животно кон кое цели стрелецот.
На левиот ѕид од нишата е изведен некаков крстовиден симбол или стилизирана
птица. Над оваа, условно речено, композиција се наоѓа подобро сочувана претстава на животно, но и покрај тоа, во моментов, тешко може да се каже од кој вид е (ил. 2. Б).
Нејаснo е дали овие претстави се изведени во еден потесен временски период, во еден замав или, пак, датираат од различно време. Во секој случај, сличноста помеѓу човечката фигура и стрелецот од јужната страна на Чардак, но и на животинската претстава со оние од југ, навестуваат дека овие цртежи имаат блиска хронологија со цртежите од јужната страна на Чардак.
Чардак – Југ 1 (ил. 1.2)
Најпознатото карпесто сликарство на Маркови Кули кое нема христијанска тематика се наоѓа под самиот врв, од неговата јужна страна. Во литературата е забележано од Ј. Хан уште во 1868 год. Следните осврнувања се од страна на К. J. Јиречек во 1876 и Јован Хаџи-Васиљевиќ во 1902 год., кој хронолошки го поставува во „трачко-илирско време“.
Ова сликарство, за време на Југословенско-полската мисија (1977-1983), е објавено како сензационално откритие и повеќе весници во тогашна Југославија ја пренесуваат веста (Политика, 1978, 14.; Новости, 1978, 8.; Вечер, 1978, 3). Цртежите биле документирани и објавени во извештајот од оваа „мисија“, во 1985 год.
Хронолошки, се поставени кон крајот на бронзеното или почетокот на железното време, а како аналогни, наведени се цртежите од Трен во југо-источна Албанија. Била предвидена и засебна публикација, посветена на овие цртежи која, за жал, не се реализирала. Цртежите се изведени под една природна карпеста стреа, која можеби била предмет и на човечка интервенција (ил.3).
Димензиите на оваа впечатлива творба се следните: должина од околу 4,50 м, ширина од околу 2,0 м до 2,30 м и висина од околу 1,50 м во делот на сликите и околу 2,40 м во крајниот надворешен дел. Претставите се на некој начин групирании и оддаваат впечаток на засебни композиции. Интересно е што групите
соодветствуваат на природната поделба на карпата, изразена преку напукнувања. Сепак, со подетални проучувања, можеби ќе се потврди дека сите се дел од една поголема композиција со соодветна нарација, односно во служба на пренесување на заедничка идеја.
На внатрешноста од карпестото испакнување кое, одлево ја оградува вертикалната, рамна површина по која се изведени претставите, се сочувани траги од сликање, оштетени до непрепознатливост (ил. 3.1)
Во првата зона (според природните напукнувања на карпата), е насликана човечка претстава која јава на коњ или магаре, во едната рака држи некаков издолжен предмет, додека во другата нешто налик на штит (ил.3.2.).
Во целост, оваа претстава има димензии од 0,50 м ширина и 0,50 м висина. Пред неа била изведена претстава која не е препознатлива, а можеби се работи
за уште еден јавач, со видно помали димензии. Следува претставата со најголеми димензии. Се работи за четириножно животно, веројатно прободено со една или повеќе стрели или копја (ил. 3.3).
Заедно со нив, има должина од 1,00 м, додека само животното има должина од околу 0,45 м и висина од околу 0,35 м. По целата површина на полето, издвоено со природните пукнатини на карпата, сочувани се траги од сликање.
Десно, и нешто повисоко од оваа претстава е изведена група од неколку животни, а во средината меѓу нив, е насликан крајно стилизиран стрелец кој во раката држи лак (ил. 3.4).
Стрелецот има висина од околу 0,15 м и стилски, потсетува на човечката фигура, насликана на северната страна од врвот Чардак. Позади стрелецот е насликано животно, веројатно магаре, со должина од 0,27 м и висина од 0,23м. Веднаш зад него е претставено животно кое доста наликува на срна, а има должина од ок. 0,27 м. и висина од 0,18 м. Под стрелецот е насликано животно од непознат вид, со доста издолжен врат, со што има висина од ок. 0,45 м и должина од 0,30 м.
Пред стрелецот, исто така е изведено поголемо четириножно животно, нажалост, многу лошо сочувано. И во оваа зона, по површината, сочувани се траги од боја од некакви претстави кои денес не се распознаваат. Особено интересна е претставата на коњаник, во горната зона на вертикалата.
Коњот на кој јава човечката фигура е претставен во галоп, додека коњаникот држи некаков издолжен предмет, најверојатно копје и предмет со овална форма, веројатно штит (ил. 3.5).
Како се чини, се работи за најдобро и највнимателно изведената претстава. Десно од неа, исто така во горната зона на нишата се изведени две нејасни форми, од кои едната, е можеби стилизирана претстава на птица.
Сите фигури се изведени со бела боја. Денес, на одредени површини се забележува црвеникава боја, но не е јасно дали станува збор за втор слој на намерно боење или, пак, едноставно, реакција на самата бела боја. Ова, се разбира, треба да се потврди или отфрли со соодветни хемиски анализи, во иднина.
Иако, како што се спомена досега, цртежите се сместувани во крајот на бронзеното или почетокот на железното време, во археолошките кругови е застапено и мислењето дека тие датираат од средниот век.
Во моментов, во недостаток на подетални истражувања, подеднакво блиски и подеднакво далечни, се чинат и двете гледишта. Исто така тешко е да се каже
дали претставите се изведени во еден замав или пак внатрешноста на оваа карпеста стреа била предмет на сликање во еден подолг временски период, од
различни автори.
Чардак – Југ 2 (ил. 1.3)
Во близина на познатата композиција и во рамки на истото двориште (А), на една помала јужна тераса, под врвот Чардак, на карпата која ја оградува терасата од запад, со бела боја се насликани две претстави.
Првата е претстава на птица со висина од околу 0,40 м, изведена во една вдлабнатина на левата страна на карпата. (ил. 4. А).
Во средишниот дел на карпата, пак, формирана е природна ниша, а во неа се изведени три човечки лика (глави), широки околу 0.10 м и наредени еден до друг со што прават низа долга ок. 0.30 м (ил.4. Б). И ликовите и претставата на птица се крајно стилизирани. Во моментов, тешко е да се каже нешто
поконкретно околу нивното прецизно временско определување.
Кукуделица (ил. 1.4)
Месноста Кукуделица се наоѓа во подножјето на ридот.
Низ просторот се разместени повеќе одронати карпи. На една од нив, во природно оформена ниша, е изведен машки лик, до појасот,со висина од околу 0,60 м и ширина околу 0,35 м (ил. 5.1/5.1.А).
Претставениот лик има кадрава коса, а во пределот на грлото има детаљ кој тешко се распознава, дали во случајов се работи за брада или некаков накит, тешко е да се каже.
Интересен атрибут на претставата е меч/сабја, со завиен крај, кој ликот не го држи во левата рака, туку е левитациски претставен, прекривајќи дел од неговата лева страна. Наместо да го држи мечот, левата рака на ликот е отворена и положена на неговиот стомак. Десната рака на ликот е многу слабо сочувана, но се чини дека е завиена во лактот и крената до висина на
градите.
На прв поглед, претставата оддава впечаток на христијански светител од категоријата на свети воини. Меѓутоа, позицијата на мечот, не е типична
при изведбата на овие светители, така што е потребна подлабока анализа или осврнување кон други средства за попрецизно датирање на овој лик.
Варосан Камен (ил. 1.5)
Локалниот назив, „Варосан Камен“, директно се однесува на еден поголем камен, откршок од некогашна карпа,на кој е насликана композиција од два лика, жена
и “воин“.
Се наоѓа 50 м северозападно од Кукуделица. Композицијата е изведена во една ниша на каменот, која покрај природното вдлабнување, можеби била предмет и на човечка дообработка, со цел, создавање на погодна површина за зафатот (ил. 5.2/5.2. А).
И двата карактери се сочувани до половината, но според димензиите на поединечните делови од телата и траги на боја, се чини дека биле претставени
и нозете. Женскиот лик има висина од околу 0,35 м, претставен е во амфас, со поглед насочен кон воинот пред неа. Иако изведен со само неколку црти, изразот на лицето дава гротескен впечаток, особено преку високо подигнатите веѓи и полно изведените очи.
Ликот има бујна коса што го надвишува челото, каде е нејасно дали ликот носи и некаков обрач, односно украс на главата. Кај вратот, сочувана е одредена “V“ форма, која повеќе наликува на накит отколку на дел од облеката на ликот. Под неа се нагласените гради, според што и ликот е детерминиран како женски.
Нејасно е дали се тоа самите гради или нешто што се носи врз нив.
Под градите, во пределот на колковите, кон нозете, е изведено сликање кое не е сосема јасно, сепак, тука може да стане збор за некакво здолниште.
Рацете на ликот не се распознаваат, можеби тие биле поставени врз здолништето. Се забележува и одредена овална форма, на местото каде што природно би бил десниот лакот, иако асоцира на штит, во моментов е тешко да се потврди истото.
Машкиот лик, тука наречен “воин“, свртен е кон женскиот карактер, а со 3/4 од телото и лицето, кон гледачот. Едната рака му е подигната и испружена во правец на женскиот лик. Иако трагите од боја се оскудни, повеќе од извесно е дека нозете на оваа фигура биле претставени. Особено интересен е шлемот кој ликот го носи на главата, поради што е и наречен “воин“.
Се работи за шлем со перјаница. Ваквите шлемови, на овие простори се користат во времето на антиката. Доколку ваквата изведба на шлемот е рефлексија на
времето кога е изведена оваа композиција, тоа упатува на нејзино датирање во антиката.
Резиме
Прикажаните претстави откриваат еден поинаков аспект од животот на ридот Маркови Кули.
Покрај познатите естетски форми, населението кое го населувало овој простор прибегнувало и кон карпестото сликарство, нетипично за територијата на
Република Македонија. Уште повеќе, документираните примери, веројатно, со исклучок на оној од месноста Кукуделица, немаат христијанска содржина, што ги прави вистински раритет помеѓу културното наследство во земјава.
За смислата и значењето на прикажаните претстави, во моментов, не може да стане збор, пред сè, поради самата хронологија која, досега не била предмет на посериозни истражувања и како таква не е сигурно определена. За крај, ќе се истакне и тоа дека на просторот на Маркови Кули не се вршени детални
теренски проспекции со цел откривање на вакви појави, со што се допушта можноста за постоење и на други примери на карпесто сликарство, непознати за
стручната јавност.
Александар Миткоски
Александар Мургоски
Извор: Археолошки информатор бр. 2, Прилеп, 2018 година
Коментирај