2016: „Кросроуд блуз-бенд“

Кросроуд блуз бенд

КРОСРОУД БЛУЗ БЕНД

АКО БЛУЗОТ ТИ ВЛЕЗЕ ВО ДУШАТА, ТАА САМА ЌЕ НАУЧИ ДА СВИРИ

(Интервју со членовите на Кросроуд блуз бенд)

16 јуни 2000 година
„Антена“

Прилепската група Кросроуд блуз бенд на 9. јуни во Скопје го презентираше својот прв ЦД-сингл, „Каде е крајот“.
По тој повод групата приреди свирка, на која освен авторски песни, момците свиреа и обработки на легендарни блуз стандарди.
Сале-вокал, усна хармоника и ударалки, Бане-гитара, Гриша-гитара, Гоце-бас гитара и Емил-тапани, потпомогнати од придружните вокали Јованка, Жане и Мери одржаа концерт на каков ретко се присуствува и кој на посетителите им пружи ретка можност да уживаат во мајсториите на пет извонредни музичари. Членовите на составот покажаа дека се вистински виртуози на своите инструменти. Ова е дефинитивен доказ дека, освен во Скопје, и во другите градови сé свири квалитетна музика!

Од кога постои вашата група?
Бане: Кросроуд блуз бенд постои три години, а настана сосем случајно. Ние сме големи вљубеници во блузот. Сале Своевремено пушташе музика во еден клуб во Прилеп и тоа исклучително блуз. Јас бев редовен посетител на тие блуз-вечери и така со Сале спонтано дојдовме до идеја да направиме бенд. Имавме идеја да направиме голема група, со виолина, хармоника, саксафон, труби, т.е. бенд кој ќе создава повеќеслоен звук. И сметам дека делумно успеавме во тоа. Мене ми е жал што вечерва не е со нас нашиот саксофонист Борче, за да слушнете како сето ова оригинално звучи.

• Кога и каде го реализиравте синглот?
Бане: Синглот е сниман во април 2000 во студиото Вијагра. Со ЦД-то сакаме да се афирмираме на поширокиот македонски простор. Ние во изминативе три години многу свиревме по нашите градови и луѓето слушнаа за нас, но бевме свесни дека пошироката афирмација доаѓа со издавање носач на звук. Песната која ја снимивме е римејк на една композиција на големиот американски блузер Бади Гај. Го препеавме и го адаптиравме текстот, а и музиката и аранжманот се сменети во голема мера. Иако имаме голем број авторски песни, кои можевме да ги исфрлиме како синглови, сметаме дека не направивме грев со тоа што оваа песна ја објавивме прва. Нашата примарна цел е да го прераскажуваме блузот, да ги приспособиме тие стандарди на нашите музички можности и на нашите животни приказни. Ако блузот еднаш ти влезе во душата, потоа таа самата ќе научи да го свири!

• Каде ги гледате допирните точки меѓу ритмот и блузот, како автентичен музички израз на американскиот југ, и Македонија?
Сале: Во памукот во Америка и тутунот во Македонија! А и во принципот “колку е појужно, толку е потажно”. Блузот е музика настаната од маката на американските црнци, а бидејќи маката била доминанта во животот на нашиот народ со векови, мислам дека воопшто не ни претставува проблем да ја восприемиме таа музика.

• Планови за концерти?
Сале: Ние сме подготвени да свириме секаде каде што ќе не повикаат. Желни сме за свирка, и посакуваме презентација на нашиот готов материјал во сите поголеми градови во Македонија.

• А за албум?
Бане: Очекуваме наесен да влеземе во студио за да снимиме макси-сингл, со околу пет-шест песни.

д.с.м.

Нема Коментари

Коментирај