ЦРНОМУРЕСТИОТ БУНТОВНИК
Интервју со Рожерио Оливеира – Фудбалер на ФК Победа
19 мај 1999 година
„Скок“
Кога дојде во редовите на Победа, беше вистинска атракција. За првпат, во долгогодишната богата фудбалска историја на клубот, прилепската публика има(ше) можност да се восхитува на мајсториите на еден бразилски фудбалер.
Иако до пред три години беше доста анонимен за пошироката македонска јавност, денес претставува вистински „ноќен кошмар“ за противничките голмани. Со своите голови и одличните потези, за многу кратко време успеа да го сврти вниманието кон себе, со што, во моментов, е еден од најдобрите фудбалери во Првата македонска фудбалска лига.
Сигурно дека погодувате за кого станува збор: 24-годишниот интернационалец во Победа – Рожерио Оливеира.
Дресот на Победа првпат го облеков пред три години, во август 1996 година. Дојдов поради недоразбирањата, кои се појавија во Фоз до Игуасу, кој, всушност, не сакаше да го обнови 4-годишниот договор со мене, кој беше валиден до април 1996 година. Тука ме доведе мојот менаџер Одаир и со Победа потпишав 4-годишен професионален договор.
Каков беше патот пред да и пристапите на Победа, каде се настапувавте и какви беа вашите почетоци во фудбалската кариера?
- Својата фудбалска кариера ја почнав на 15 годишна возраст како пионер во екипата на Јувентус од Сао Паоло, која се натпреварува во Првата бразилска лига. На 16,5 години со екипата на Фоз до Игуасу, од истоимениот град, потпишав 4-годишен професионален договор.
Во тој период 6 месеци поминав во Коранчас од Сао Паоло, а потоа 6 месеци во Палмеирас, во втората вкипа. Истовремено бев и резерва за првата екипа која и тренирав. Потоа патот ме одведе во Парагвај, во Суад Америка, исто така на половина година. Тука всушност, беше и крајот на мојот прв професионален договор, по што се најдов во Македонија.
Дали на почетокот ви беше тешко да се прилагодите на условите што ги нуди Македонија?
-Секако дека не ми беше лесно да се адаптирам на новата средина. Дојдов во туѓа земја, за мене сосема непозната, а проблемите, нормално, беа,најмногу поради непознавањето на македонскиот јазик, како и исхраната, начинот на живеење и др.
Тоа за мене, практично, значеше нов живот. Но, сега, по изминати три години, се е поинаку. Најмногу сум задоволен од гостопримството на вашиот народ, кое, не случајно, е познато низ целиот свет. Кога ќе ги напуштам Прилеп и Македонија сигурно ќе понесам многу добри спомени.
Споменавте кога ќе го напуштите Прилеп. Па, до кога планирате да останете тука?
- Се додека не се појави некоја примамлива понуда за мене и за Победа, со што би биле задоволни и двете страни.
За таа цел бевте отстапен на белгиски Антверпен на шест месеци…
- Престојот во Беглија, иако краток, ми донесе и добри и лоши спомени. Добрите беа на почетокот, а лошите – на крајот.
Мислам дека одиграв добро на почетокот, кога бев и стрелец на неколку голови. За разлика од крајот, каде што, по лошите резултати на клубот, кој се бореше за „гол прволигашки опстанок“, беше сменет тренерот. За нов тренер на екипата беше поставен поранешниот југословенски голман Влатко Свилар, па во неговата концепција на игра немаше место за мене меѓу стандардните единаесетмина и
јас си заминав…
Дали тоа беше, причина повеќе да го изразите своето незадоволство, кон него, фрлајќи го дресот пред очите на претседателот на клубот?
- Сигурно дека овдешната јавност не е баш најдобро запозната со тој случај. Па, мислам дека ова би било најдобра прилика да го разјаснам целиот случај. Го игравме натпреварот против екипата на Стандард пред своја публика. Бодовите ни беа повеќе од потребни. При резултат 0:0, бев уфрлен во игра со цел да се засили нападот, за да можеме, евентуално, да постигнеме гол и да освоиме три значајни бодови. Но, тогаш се случи она – најлошото: од игра беше исклучен нашиот либеро. Во тој момент, нормално, како и секој друг тренер Свилар направи замена со цел да го зачува барем нерешениот резултат.
Направи замена, внесувајќи играч од одбраната, а само по 15-тина минути игра се одлучи да ме извади – токму мене. Потоа следуваше тој „гест“ од моја страна, кој беше поздравен од присутните на стадионот. Но, сиот мој револт беше поради фактот дека во тој период, поминат на теренот двапати ја погодив стативата и направив две асистенции за гол, кои моите соиграчи не успеаја да ги реализираат.
Мислам дека имаше многу послаби поединци од мене. По сето тоа, бев повикан од тренерот Свилар, кој ме прекоруваше дека не сум постапил професионално.
А, дали нетовата постапка беше на професионално ниво – пресудете самите!
Бевте на проба и во Црвена звезда, со која одигравте и неколку пријателски натпревари на подготовките во Шпанија…
- Точно така. Со „црвено-белите“, во подготвителниот период, одиграв
и неколку пријателски натпревари, меѓу кои и против славната Барселона. На сите тие натпревари го дадов својот максимум. Но, за жал, не постигнав гол. Доколку би се барала причина за тоа, секако дека на некој начин такво нешто и не ми беше овозможено, зашто тренерот Косановиќ игра со еден шпиц-играч, позиција на која што играм и јас, но, за жал, таму ми беше доделена улогата на полушпиц-играч.
Дали тоа беше причината Црвена звезда да се откаже од вас?
- Во комбинацијата со мене беа уште двајца фудбалери од југословенската лига, кои не беа во Шпанија, а кои Косановиќ ги познавал. Тука постоеше дилемата за кого да се одлучи. Но, мислам дека сета работа беше во тоа што директорот Џаиќ сакаше да бидам отстапен на шест месеци на проба, што не наиде на одобрување од управата на Победа, која сакаше целата работа да биде завршена 100% и да потпишам договор со белграѓаните, што мислам дека е и сосема исправно.
Дали има други понуди, и од кои екипи?
- Како што сум информиран од клубските простории, понуди има од Германија и Шпанија, а конкретно од кои клубови – не знам.
Всушност, тоа е работа на Победа. Но, едно е сигурно – до крајот на шампионатов ќе отанам во редовите на Победа, затоа што сум и потребен.
Веќе подолго време, во низ прилепската чаршија се шират разни верзии околу земањето на македонското државјанство. Колку има вистина во тоа?
- Доколку добијам конкретна понуда за такво нешто, со задоволство би ја прифатил. За секој играч е голема чест да игра во својата национална селекција. Но, познавајќи ги добро приликите, за мене место во бразилската репрезентација е несфатливо, па затоа, евентуалното играње за македонската репрезентација би го надополнил тоа. Покрај тоа, мислам дека и за репрезентацијата на Македонија да игра и еден Бразилец.
Годинава на Победа и се отвора, мала шанса да биде шампион. Дали би
можело да се случи такво нешто?
- Се ќе се решава во петте последни кола, каде што директните конкуренти за шампионската титула ќе решаваат меѓу себе. Нас не чекаат две тешки гостувања во Скопје (против Вардар и Слога) и, на крајот, на домашен терен играме со Силекс. Исто така, Исто така и Слога, Силекс и Вардар имаат тешки натпревари. Едноставно, ќе се чека грешка на противниците, а тој што ќе ја искористи дадената шанса – на крајот ќе биде и шампион!
Каков е квалитетот во нашата лига во споредба со онаа во Бразил?
- Во Македонија, за разлика од Бразил, се игра доста послаб фудбал. Мислам дека тоа се должи на неколку причини. Пред се, во македонскиот фудбал нема доволно добро судење, кое е еден од битните фактори за добар фудбал. Исто така, и условите за работа не се на високо ниво.
Не може да се тренира на истиот терен на кој се играат и првенствените натпревари. Но, мислам дека сето тоа е резултат на економската ситуација во која се наоѓа државата.
На првенствениот натпревар против Работнички, и на куп-натпреварот со Вардар во Прилеп, при постигнувањето на гол, под вашиот дрес забележавме маица со натпис „Стоп – НАТО“.
- Нормално, како и секој друг, и јас имам право да го искажам своето незадоволство околу НАТО-бомбардирањата. Мислам дека тоа што се прави не е добра работа. Мора еднаш засекогаш да се сфати дека политиката ги разделува луѓето, а спортот ги соединува. На најдобар можен начин тоа го покажаа Југословените на пријателскиот натпревар Партизан-АЕК, каде што беа собрани голем број приврзаници на најспоредната работа на светот – фудбалот, и покрај многубројните бомби кои во целост ја уништија нивната татковина.
И, на самиот крај, она неизбежното: Многумина, прилепската публика ја споредуваат со бразилската…
- Во многу нешта овдешната публика е слична со онаа во Бразил. Знае да направи вистинска атмосфера, а кога во Прилеп гостува екипа со висок рејтинг во македонскиот фудбал, како на пример Силекс, Вардар, Пелистер или пак Слога, тогаш е вистински – фудбалски празник.
Доста добро го познава фудбалот! Знае кога ни е најпотребна поддршката. Знае да го поздрави секој добар потег, како наш, така и на противничката екипа. Но, доколку играме слабо, не се воздржува да ги упати своите протести.
Во секој случај, тоа е добро. Со нејзина помош, немаме доживеано пораз во оваа натпреварувачка сезона, како во куп натпреварите, така и во првенствените. Мислам дека заслужува нешто повеќе, а тоа би било – во последното првенствено коло, против екипата на Силекс на Градскиот стадион „Гоце Делчев“, со победа над кратовчани да ја освоиме и шампионската титула!
– Доколку би дошле во таква позиција, сигурен сум дека тој натпревар би го следеле над 20.000 гледачи! Всушност, тоа би бил и меч на деценијата, што го посакуваат многумина. Да веруваме дека такво нешто – би можело да се случи, ни рече, на крајот, Рожерио Оливеира, кому големо хоби му е да ги тресе противничките мрежи, што го прави „жеден“ за постигнување барем на еден гол на натпревар…
Николче Ѓорѓиоски
Коментирај