Драмата „Црне војвода“, од Марко Цепенков за првпат била објавена на страниците на софискиот весник „Автономна Македонија“ на И. Спирков во повеќе продолженија во 1903 година (во броевите од 13 до 25).
Драмата била подготвена на единствениот јазик, на кој Цепенков можел изворно да ги претстави своите дела пред јавноста: на мајчиниот прилепски говор, со поднасловот „Историска пиеса во пет акта од македонскиот живот на македонски говор.
Најверојатно драмата, таа била напишана токму во самото предвечерие на Илинденското востание и за време на востаничките акции во југозападните делови на Македонија. Објавена била кон крајот на септември, кога востаничките акции спласнале и востаниците биле поразени физички и духовно, а Македонците и понатаму останале под туѓинска власт.
„Во оваа драма СОДРЖИНСКОТО јадро го претставува судирот меѓу поробениот и поробувачот; меѓу обесправениот и обесправувачот; меѓу експлоатираниот и експлоататорот.
Во тој перманентен конфликт, Цепенков успешно го вградува жигосувањето на сето она што го карактеризира неограниченото самоволие на феудалците, како ‘рбет на османлиската власт” Ристо Стефановски: Театарот во Македонија).
Целосниот наслов на драмата на Цепенков е Црне Војвода, историска драма во пет чина.
Дејствијатаа се одигруваат во Прилеп, селата Вепрчани и Царевиќ и во месноста Рамна Бука, во гората.
Во неа се застапени 24 ликови и група селани: поп Цеко, попадијата негова, Хаџи Пано, Илија, Ѓорче, Коне, Спиро Црне, Митре, Мара, Ќучук Сулиман (Сулејман), Фејзо, Абдула, Алија, Ѓорѓија Лажот и др.
Првиот чин започнува во куќата на поп Цеко во Прилеп, во 1879 година.
Сцената претставува една одаја. Отспротива на вратата една послана постела и во постелата легнат поп Цеко болен, покриен до градите. На главата една црна ноќна калимјавка. Покрај главата на попот седи попадијата, а околу попот седат четири негови пријатели, дојдени за да го видат.
Драмата завршува со зборовите на Спиро Црне:
„Браос, Илија, браос, много си бил мајстор. Благодарам, ајде сеа да врвиме, оти Даут куртулиса колку за пакос, тој ќе кажи на конак и ќе тргни голема потера по нас. Треба да ватиме некое арно место, али да преврлимее мориоското.
Камче бре, Камче, ајде ти оди си в село и кажи му на Ристе Коџабашијата, да се радуат. От овде сега каде да одиме да отнесиме уште неколко трње што ни нарачаа пријателите.
После по снегов нечина да се седи овде по планињево, оти трагата ќе ни ја најдат по снего, ами да преврлиме во Бугарија али Србија.
Дај Боже здравје, напролет, ќе се враштаме да чистиме душманите Турци.“
Како што може да се види од насловот, драмата се однесува на четата на прославениот прилепски војвода Спиро Црне, која го ликвидирала познатиот злосторник Ќучук Сулејман, којј долго време ги измачувал селаните од прилепскиот крај.
Драмата требало да го подигне револуционерниот дух кај населението, бидејќи, според Цепенков, само со пушка, односно револуција можело да дојде до ослободување на Македонија.
Теророт врз македонското население не можел да мине неказнет. Озлогласениот Ќучук Сулејман со неговите помагачи биле ликвидирани од народните јунаци кои решиле да стават крај на неговите дотогаш неказнети злосторства што ги правел низ Прилепско.
Славчо Ковилоски: „Прилеп и прилепско во 19 век (културно – историски процеси)“, 2017 година
Коментирај