Сателитска снимка од Чумово

Чумово

Чумово е потпланинско село, кое се наоѓа југоисточно од Прилеп.

Селото е од збиен тип и се дели на Долно и Горно маало. Сродните куќи се блиску една до друга.Помалите делови на селото носат родовски имиња: Писокалци, Џинговци и.т.н.
Водата за пиење се добива од два извори кои избиваат во самата населба. На планината источно од Чумово извира изворот Честак а во полето, на запад, извира изворот Шопур кој обично е сув три до четири години, потоа има вода една до две години, па повторно пресушува.

Поединечни делови од селскиот атар се нарекуваат : Корија, Честак, Ставројца, Табачица, Биро, Среде друм, Слатина,Шопур, Слива, Ристејца и Чучурка.
Чумово од Прилеп е оддалечено 12 километри, и до него се стигнува по регионалниот пат Прилеп-Витолиште, на 10-тиот километар се свртува лево и потоа се патува уште два километри по тампониран пат.

НАСЕЛЕНИЕ

Во „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година и според пребројувањето на машкото население од 1873 година, Чумово (Tchoumovo) е посочено како село со 15 домаќинства и 67 жители христијани.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македониja: Етнографиja и статистика“) от 1900 година, Чумово имало 80 жители христијани.

Во почетокот од 20 век, Чумово било егзархиско село. Според податоците на секретарот на Егзархијата, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Чумово имало 96 христијани егзархисти.

Останати пребројувања и пописи:
1921 година: 18 жители
1948 година: 31 жители
1961 година: 37 жители
1971 година: 34 жители
1991 година: 18 жители
2001 година: 10 жители
2002 година: 17 жители.

ИСТОРИЈА

На месноста Табачица која лежи према соседниот Прилепец, жителите наоѓале стари гробови, земјени лонци (земјени вршници) и ѕидови „со тули и вар“. Овие старини се од некогашна градска населба која лежела во соседниот Прилепец.
Според кажувањата селото Чумово се нарекувало Мало Молци.
Мало Молци се наоѓало 500 метри југозападно од денешното место, на местата наречени Лозишта и Корија.

„Во тоа село ватила чума и народот се изгубил а чумата отепала 90 невести. После тоа од друга населба дошле нови родови кои го оснивале Чумово на денешното место.
На земјиштето каде што лежело споменатото Мало молци се најдуваат парчиња ќерамиди.“

Над селото е црквата Св. Никола, изградена 1925 година изградена врз постара црква. До црквата е местото чумини гробишта. Таму до 1925 година биле околу 30 гробови со плочите во правец исток-запад, при градењето на црквата тие плочи се искористени за ѕидови. Денес крај црквата се и денешните селски гробиштата.

Пред крајот на турското владеење овде постоеле три чифлизи: два турски и „еден каурски“.
Сопствениците на чифлизите се викале: Мамут бег, Голосабјовци, Миноски, сите од Прилеп.
Христијанинот Мино го купил чифликот од турчин.
Селаните земјата ја откупиле до 1912 година.

Селска слава е Велигден, и се празнува третиот ден а домаќинствата си имаат и свои домашни слави.
Во минатото, на денот на селската слава се одржувал и селскиот панаѓур.
Црковна слава е Св. Никола – летен, Талалеј. Почната е да се слави од 2010 година, и на тој ден селото е посетено од повеќе стотици луѓе, кои потекнуваат од тука, како и од соседните села.

ЛИЧНОСТИ

Филип Божинов, деец на Македонската револуционерна организација, заробен во 1903 година, испратен на заточеништво во Дијар Бекир, убиен со бајонет во Мала Азија

Нема Коментари

Коментирај