Цане Настоски

Цане Настоски

Цане Настоски е роден во село Лабуниште, Струшко во 1921 година.

Повеќе од 30 години, односно, целиот работен актерски век Цане Настоски го помина на прилепската професионална драмска сцена. Член на Народниот театар во Прилеп стана кон крајот на 1949 година, по напуштањето, заедно со уште неколкумина свои колеги – аматери на прилепскиот Тутунски монопол.

Замина во пензија во 1980 година, на тој начин учествувајќи во сите фази од развојот на театарот во градот под Марковите кули.
Беше вклучен во целиот тековен репертоар, уживајќи репутација кај поширокиот круг гледачи како еден од најомилените комичари. Негова проштална ролја беше улогата на Јоле во пиесата „Клопче“ и со неа одбележа три децении плодна актерска дејност на сцената во Народниот театар во Прилеп (истата улога тој ја играше и две децении пред тоа). И по пензионирањето режисерите не заборавија на неговата посебна актерска персоналност.

Со својата дискретна актерска и лежерна комика, исполнета со свежи сокови црпени од животот спаѓаше во редот на оние актери што го „откриваат“ својот талент нешто малку побавно, но кои се мошне употребливи, корисни, амбициозни, скромни, а таквите артисти за гоастинските и другите режисери се поголема вредност и драгоценост, отколку таканаречените и самоповиканите „ѕвезди“.

Цане Настоски има реализирано околу 150 улоги. Позначајни му се улогите на Манулаќи во „Зона Замфирова“ од С. Сремац, Арсо во „Чорбаџи Теодос“ од В. Иљоски, Ластер во „Тутунскиот пат“ од Колдвел, Телегин во „Вујко Вања“ од Чехов и др. Во врвот на неговите најуспешни, а можеби и најуспешна ролја во целата негова кариера, е ликот на Пуљо во претставата „Хамлет од Мрдуша Долна“ од Иво Брешан, остварена како и сите други негови повпечатливи ролји со некоја посебна мекост и добрина, со внатрешно спокојство и питом хумор, со топлина и едноставност што оставаат силен впечаток. За ова свое остварување, Цане Настоски доби награда на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

Ќе остане забележано дека креациите на Настоски, независно од тоа што се лишени од некоја поголема атрактивност, сепак, ја носат карактеристиката на една темелност, која заедно со мошне сериозниот однос во работата, професионалното однесување кон секоја задача, му обезбедија реноме на драмски уметник кадарен подеднакво успешно да се снајде и во посложените и во епизодните ролји.

Нема Коментари

Коментирај