Колумна: „Од умот не се делат“ објавена во весникот Дневник на 1 септември 2001 година.
АНГАЖМАН:
„Го минираа Арнаутите Лешочкиот Манастир, исцело, во погром, а мојава ништост дома, небаре стрина под кошула, небаре момиче под перниче, трае и чека за себе да чуе дека беше да сум си станал двоцевка, чивте р’ѓосано, да сум се пропедерил. Ако веќе дамна сите „мажи“ Македонци тоа не сме.
Од арни луѓе, луѓе грижовлии што ми грижа грижат по туѓоно олеле, што искорен се потресуваат, во афт паѓаат за туѓине маки и дејствие, за себе сешто беше да сум чул:
Дека сум ти бил, нит виден нит смерен, пуш и бекрија, оптучен мераклија што ми саден седи во ладнана меана, што ми песни пее со ѓупци чалгаџии, песни старзамански и комитски, срцепарателни и песни љубовни, та дури и срамотни, мрсни песни за очи да ти капат.
Дека, од што расипан до гол кокал, до белана коска карлична, беше да сум ти ги превртувал, што погрбечки, што помешечки, на крлач, на урез – која како, младине моми таман пропупени, таман замомени и подотворени, невевчиња- блудничиња незародени, незаредени, безмалу девствени и другана разна пола женска, плус по некоја волчица бесна и ламја огнофрлачка, ако ми се здало, ако сум дофател. Згора на тоа и башка од тој курварлак долен, беше да сум ти знаел разни марифети и потфати, боглук занаети, мурдарлаци, миракули:
Велат, така бев бил сум дочул, дека сум умеел да првнувам, да прпам, да се поткревам, да се накревам, сиреч да летам. Без пердув, без крила, така сал со голи раце, да се шетам по небескине ливаѓе, низ бавчине месечеви, по она над облака холмје, Горназемја да си се шпацирам и да не се секирам што светон дулу сред калиште, во пеплиште и блатиште се валка и како загуган талка по беспаќето на залудноста…
Тоа велат и од умот не се делат, та и згора додаваат маса ти скаски за мојот табиет и дарбиње, за неморалноста моја и големата левтерност, за моите лебдечки особини. Значи тоа сум чул од арни луѓе и дикатни што ми гајле берат за туѓоно офајде. Само не сум чул некој тврде да тврди, крст да клава и светана книга да бацува, дума макар да протура, подметнува, дека сум намќор, сурпет, прек и воинствен или хомосексуалец, што ќе рече по машкана пола далдисан. Такво нешто, за мене, до моиве уши начулени не беше да достасало се до колку вчера, кога при мене дојде еден сербес, од погоре потпишаните, и со глас кој исцело соодветствува на пригодата траурна, глас како од длабинине на темнана арана, ми вели, откако торжествено, без калезба, ми седна на трпеза:
- Тури една од слачната, од онаа за лек што ја пестиш…Не нечкај се, туку турај, скапернику!
Му турив една, па уште една и трета и откако четвртата в грло ја претури, да би се протурил, да би продрснал и жегоња да би го фатила, та откорнала, продолжи:
- Дојде глас до мене, абер темен, тер- абер, дека за тебе, по Скопјено и другаде долж и попреку жална ни Македонија, на големо се кажува оти си бил, преку дара и над мера, воинствен… Што зина, да му го потпрам и заздравам, што чудом се опчудуваш и стреволушуваш, што ти се чинеше, што ми мрско се лажеше, скапаницо, дека нема да те сетат, да ми те провалат и дибидус те откријат. Дека нема да ја узнаат твојата природа подзатскриена зад тоа што ми се градиш многу милозлив и душевен, на срце бубаќерест, а на мисла- добра мисла, се за арно и машала. Гледаат луѓено, помно ми те следат и зере здраво те толмачат, те исчитуваат и како што прилежи и им принадлежи, до наголо те прочитуваат. А и не ќе да е врло трудно, оти сам си се офираш по новињено и другаде, каде ќе ти се здаде. Некаков бунт сенароден заговараш упрекум власта наша мила, нешто како востание, макар отпор, та дури и пасивен и се такви некои комитски ујдурми. Ај, тоа нејсе, како да е, скраја да е, кога меѓу нас е, лесно ќе се погодиме, ако треба дури и власта ќе ја смениме на следните избори: Оваа за истата, ако е шуплива, за празната, ако е груба за мазната…
Само што, како што сведочат во тебе упатените, во твојот живот и сочиненија, беше истото да си го заговарал наспроти албанската кауза, еј! И против нив си барал да се сАсниме, да им се опчоганиме, мило за драго да им враќаме, за секој убит и прогнан, за секоја куќа запалена, за црква и манастир, за секое село разорено, за се потоморено, ама за се, без отстапление, без отпис и отпус, исто толку и нивно. Ајде сега, кога сме веќе тука, да те прашам кон што тоа води, кон кој круг пеколен: Тие плевна, ние пондила, тие куќа, ние куќиште со ѕидиште над три метра и други добра и чифлизи. Најмногу, пак, беше да си барал, од што, поправо, воинственоста твоја до крај станува провидна, ако тие еден ни заколат и ние најмалку толку нивни…Тури де, што туку си се здрвил како коледачка да беше си примил сред меката ти утроба, тури стипцо една, титизу прочут…И уште за последно да те прашам, еден вопрос да ти тупурдисам, ако така зардиме, демек тие еден, ние еден, пак тие еден, пак ние еден и се така без крај и конец, знаеш што ќе не чека, што на сомпоста ќе излези, а? Море знаеш, знаеш само што на недоветен нешто ми се гочиш: Сите ќе не снема, дал наши, дал нивни, ќе се дотребиме, ете тоа. Мир така не се гради, ниту до раат се стасува, за нив е нужно трпение како спасение и глава веднење и траење, ни оф, ни леле. Та што ако по некого и ни делнат, по некој младинец ни потоморат, чудно ми чудо, тоа ти е дел од ризикот на животот во нивна близина…Та затоа ти велам, поука и совет мадар и премадар вересија ти давам, запетлаја таа муцунка лајава, на бузите катанец удри, на јазикот – резе, за наскоро и ти да не паднеш болен…
Ми ја допи ракијата која бев саде за сведни си ја чувал, стана полн триумф и тетераво, кроце, кроце, нога за нога си замина. Од пред врата уште само ми подвикна: Шест-седумдесет, може нешто згора, убиени и тоа ми била некоја цифра!
Го минираа Арнаутите Лешочкиот Манастир, исцело, во погром, камен на камен од него не остана сосе иконостасот и олтарот, сосе Псалтирот вивнат, сосе се свето, проклетото племе диво. А мојава ништост дома, небаре стрина под кошула, небаре момиче под перниче, трае и чека за себе да чуе дека беше да сум си станал двоцевка, чивте рАѓосано, да сум се пропедерил.
Ако веќе дамна сите „мажи“ Македонци тоа не сме.
(Благоја Ристески – Платнар, АВТОРОТ Е ПИСАТЕЛ)
Коментирај