Благоја Ристески - Платнар

Благоја Ристески – Платнар: „Новинари“

Колумна: „Новинари“ објавена во весникот „Дневник“ на 27 април 2002 година.

ЈАВНОСТ

Има една сложена, а пред се исклучително важна тема која, откако повремено и со завиден неуспех се појавувам по новињево, ниту во размин, ниту како екскурз, не сум ја допрел.
По однос на неа збор не беше да сум промркорил, слово макар, од страв пусти да не би, небаре глочка, да им паднам в очи на предметните, та после да не видам кај да се вденам, која матна да ме куртули од нивната прецизност и сеприсутност.
Значи, станува збор за новинарите, за онаа скоро непрегледна врвулица умни луѓе (со малку, но големи исклучоци за кои овде, сосема извесно, ќе се говори), која постојано не држи на штрек, препалени, штукнати и стреволушени. Но, која, без ронка дволичност, е единствената сила голема што нам, на занемарливите краишници, ни го става на увид будалкштилукот на власта, злочестото дивеење нејзино, литоста на умот и и целосното отсуство на совест некаква.

Туку што и власта, иако тукуречи незабележиво, оти неа ама баш за ништо врвца не и пука, понапати на кумплунг ја шлајфува, на жешки жегли ја наденува и на други, соодветни, шилести направи и органи. И така, ако е по правина, новинарите се единствените кои некако, какогоде и понапати, успеваат да не куртулат од погром целосен со кој хиерархијата беше се намерачила да не слисти и поништи за да не снема, оти беше да сме и пречеле при спроведувањето на планот: Да се дообере се што на брање е подлежно, да се дооткорне искорен се што вредно и пожелно за да се заѕида во оние монструозни зданија, во средновековните кули на Водно. (Средновековни по својата клиничка претенциозност, направени според рецептите кои Великата историја на лудилото ги пропишува.)

Елем, со слово, без новинарите маф ќе да ни е работата и мачор протурен исходот. Тие се нашата караџа и стража пред глутницата алави лиоти пришрафени најгоре, ама баш најгоре, во владата и другаде каде ќе им се здаде…

Само што, како што обично бива со светлите приказни од нашата стварност, и овде беше да се наталожило ѓубре реаво, гној и спутум од бездарни изроди кои професијата беспризорно ја блатат. А за кои, недвосмислено, не треба ни слово да се поарчи ако не прават штети грамадни и во заблуди неразлучими не го фрлаат народот, кој сеуште недоволно е подготвен, во јавните работи, да го одлачува јадливото од каколот, измамата од правината…

Наприклад оној Латас, оној, според се, најголем резил од постоењето на македонското новинарство, па се до дниве денешни, кој такви замешатељства произведува што имела да те фати, вертиго недолечимо од превртливоста негова: Својата телевизиска кариера, колку за да си припомниме, ја почна како вжештен одветник на Милошевиќ, како негов безрезервен поданик, поддржувач и пропагатор. Љубовта кон големиот мајстор-крвник ја демонстрираше дури и со фрлање камења врз Американската амбасада во Скопје, значи и како негов јуришник, бојовник овдешен. За потоа, или во истовреме, да продолжи со редица недугави конструкции и лаги откривајќи божемни афери и неверојатни скандали, за да држи постојана напнатост меѓу себе и јавноста, поправо себе да се наложува како клучен душегрижник и етик беспримерен кој страв нема и од ништо не се либи. Но, всушност зад таа провидна маска бабарска се крие најдолниот вид на новинарство- потплатеното новинарство, кучешки сервилно кон “семоќниот” газда. Поточно газди, оти последното радикално свртување на именуваниот, кој од ортодоксен социјалист стана тежок вмровец, укажува токму на тоа: Плати, па имај ме. Фрли ми коска за да лаам во твојата авлија…
А, народот верува ли верува. Нешто слично се случува и во режимскит
е медиуми, со таа разлика што таму се е предвидливо, нема изненадувања, нема фауефекти: Се знае дека зад Љубета, кога ќе тргне во своите прочуени караѓоз походи, ќе бодина ергела камермани, фоторепортери и новинари.

Еве, на пример, кога братот наш роден ќе одлучи да си го посети вилаетот во Челопек кој, да сме начисто е идниот македонски Кумровец, владините новинари вилиците ќе си ги здробат за да ни го приближат исклучителниот настан, попатно цитирајќи го министерот кој мадро беше да се досетил и рекол: “Децата се нашата иднина!”(Мислите, не?) Очебијно не си го послушав мојот ангел-спасител кој лепо ме советуваше да се засолнам во злкатната кула на молчењето, таму негде меѓу јагликите и габите, крај водите гргорливи, во светот чист и светол.
(Авторот е писател)

Нема Коментари

Коментирај