Благоја Ристески - Платнар

Благоја Ристески – Платнар: „Љутвија и Секула“

Колумна: „Љутвија и Секула“ објавена во весникот Дневник на 10 март 2001 година.

„Шуркајќи низ немливите, отровна прашина полни, рафтови врз кои беше да се приплатиле и чемреат некои од моите “списователски сочиненија”, а по некој малузначен повод, или зарад суетата ненасита која, види белја, беше да се возлела да се возобнови, наидов на приказна што дамна беше да сум ја раскажал. По своето стилско устројство реалистична, како од стварноста тажна преземена, а по уверливоста наполно соодветна на дарбината од раскажувачот, на мојата велетрогателна и срцепарателна дарбина, приказната сака да ја опише повесната ситуација во која се наоѓа мојот народ, наспроти нивниот народ, низ откусок кој како од животот да доаѓа.

Поправо како животот сам да беше го ускладил таман така за да боли, да трогнува и да поместува од морничавата стварност во која беше да сме изумиле дека може да се сочувствува низ жртва, низ себеодрекување…

Накусо тоа ќе да е вака: Двајца врсници од младини, од најранине години, Љутвија и Секула, во некое село отаде Мечкин Камен приплатено, толку беше да се замилувале со љубов братска што кога настасале, до забрикување довјасале и си се спобратимиле. Еднаш в црква, еднаш в џамија побратими беше да се пееле и крвта, со лутоно ноже чакиче која беше да си ја пуштиле, си ја измешале како што од занзаман го прилега и како што на браќа, личнине побратими, им личи… Си врвеле така годињето, небаре грутка снегоа стркалано од чукуне подно букине, на плеќи им се товареле, а тие, врлине побратими ни да знаат: Ниту ден ги делел, ни ноќта ги лачела.

На косидба двете коси во истине ливаѓе, на вршидба два дории, двата коњи раванлии во еден врав грување.Во скудот дробнана топеница, скоравена царевница, со една лажица, од истана паница ја сркале, во обилство, кога благденеле, сешто благо се никуле и никој не почнувал дури другион не пофтел касај да загризе, душа да облажи. Оти благото, шеќерпаре, сочнана баклава, како поујгун да блажи на непцено од пријателот, побратимот, братот…

Туку што пустоно арно, од арно- поарно, по проклетство непоимно на кое ниту божјана сила не му достасува, на лошо излегува, злана худ во зло се мрси, замрсува: Еден ден, ден сведен, сред цутар, на ледина, на високо холмје, Љутвија, луто намерачен што, ете, Секула, од каршија, вивнат го гледа, атон беше да го боднал така, на голо вјавнат, без узди и тученине узенгии, без седло и срмени стрмени. А, атон азган и аздисан, од што пролеттна беше да го збрложила, од што сила нескротима са зимо беше да му се таложела, од недопица, сред една неодица, беше да го фрлил Љутвија тик на теме.

Писнал Секула, темно ми провикнал да се стресат планињено, утрињено да намовнат, а букине во корија да зашумат, тихом, тихом ми заплачат, тажаленка да заредат…

Од часот Љутвија вулогав се сторил, ниту раце му мрдале, ниту нозе му оделе, саде очине му шарале, очи полни вода блатна, матна вода- киселина…

И пак си врвеле годињено, на навивок се виеле, на сновалки се сновале, на кросноно се мотале, се ткаеле во шара темна и таговна. А, Секула до Љутвија, ни за трепет подалеку, ни за издив скраја: Од тврдоно дрво чамово количка му ујдисал за да може да го шета, рашенува по селоно и другаде, да го шета и нешто лепо да му пее…

И изметот саде тој му го правел, на домашните негови не им давал: Сам го хранел и му готвел манџи севозможни, сам го променувал и го крпел, сам го капел и одмивал и пред секоја наезда, која животта на вулогав му ја испречува, саде Секула застанувал. Не се оженил, куќа не закуќил, деца не изродил, пород личен кој ќе го топли и радува, оти зналел дека не бидува побратима, во труднана неола, сама да остави …

Сега велат, скаски кажуваат дека обајцата долговечни, долго живееле за унер селски и поука, за да видат селанине што ќе да е тоа љубов братска и на ум да застанат…

Прво Љутвија се упокоил, по недела време и Секула, оти знаел, завалија, дека и на тој век таму, што ти бил од овај век сал за троа поразличен, побратимот тешко да ќе можел да се суредува, да се пере, да се бричи, дотерува… Уште велат домаќини, видни луѓе, луѓе од доверба, дека и сега, кога е тревен или цутар, во јасно утро, ако се рашеташ низ горине отаде Мечкин Камен, ќе го чуеш Секула, небаре буљбуљ што разлева, како нешто милно му пее на брата си Љутвија. Така велат и тврде се колнат, пред Господа крст клаваат, пред Алаха темане удираат- кој како…

Ете, без намера која уму е јасна, а може да е со намера за душата исчислена, сред моине “списователски сочиненија” тоа го пронајдов и сега венеам и се туфкам, зере премислувам, домислувам и саноќ шестам: Повеста од погоре мора да го било да се збила, низ нашата предолга историја мора да се здало двајца луѓе по вера иноверци, по јазик уште поразлични, толку да се зближале, се здушиле, душине си ги измешале што и кога умреле, кога смртта похотлива во поход несопирлив им се приближила, во иста седмица умреле. Може да е ден за ден душа да пуштиле, се бидува…

Туку што мора многумина да ги било такви, илје- милје, числом недофатни, броем неброими, кои се (што имале во немаштијата на другега, ако е овој во неволја, без да офнат, се размислат, му го дарувале: И лебот, и лебецот насушен што е лебец подисушен, и виното комињарник- што е вино киселачка, ако треба и снагата, сета снага машка, цело тело во одбрана кога поводот така наложувал. Сега што, сега ете ни го Танушевце во кое се пропаѓа, во кое се пропаѓа до над теме и ништо не се гледа, безбили, за да не се денетиса која лудост ги принуди за така да се искасапат, да земат да се ништат за да пиштат по своите дури век ги држи, дури не ги спржи кијаметот кого сами си го местат…

Се рекло: глупоста нема сајбија, а лудоста тешко се повела. Исто како кај оној Зибери, кој се чинеше пеан и грамотен, згора за мошне мадар се држеше. Ете, тој, сматна душа сматна, за троа наклоност од своите гласачи во поголема пизма ги турка, белја грамадна, што е белја смртоносна. Молкни Насере, не туку дроби сешто, не ломоти што не го било, да би уста те болела. И другине што се стројат како млада пред првана постела, што гувеат, и тие нека молкнат, земја в уста. Страшно е тоа кое на најближните им го кроите, а пострашно и не било. Оти нема смрт по поволна,по пожелна од смрта од без илје милување. Смрт од сакање, од љубов братска, побратимска, како онаа на Љутвија и Секула, како што нема смрт поодбивна, смрт долна и залудна, од смртта од омраза.

Ако у Господа се клучевите од рајон небесен, во што тврде се сомневам, и во рајот и во Севишниот, тогаш мора да е да се у човека клучевине адски, во што ич не се сомневам и уште потврде верувам“.

Нема Коментари

Коментирај