Колумна: „Авионско-митска трагедија“ објавена во весникот Дневник на 14 април 2001 година.
ДЕМИРХИСАРСКО-РЕКАНСКИ СИНДРОМ
„Сега дефинитивно е јасно и со висок степен на прецизност ќе може веќе да се одлачи, разлучи, одреди и дефинира како засебна сензација, како појава со префинето исцизелирана семантика, како сложен корпус од симптоми кој може, без грижа на совест, да се нарече “Демирхисарско-рекански синдром”. И тука ни нема друго, сакале или не ќе мораме да си признаеме, поправо на појавата да и го признаеме нејзиниот „биолошки егзистенцијализам“ (овој двочлен спој, или ти дихотомна синтагма, ако ви е поујгун, кој покажува висок степен на темелно незнаење, е позајмен од неверојатниот арсенал на еден од експонентите на појавата кого сега го нарекуваат „неговата екселенција“). Тој, именуваниот синдром, се изразува низ неколку ендемски одлики кои главно ја творат неговата морфологија: Имено, инфицираните, а можеби поточно ќе е- создателите на неговата етиологија, „страдаат“ од малформации кои го зафаќаат подрачјето на нивниот афективен (читај: емоционален) свет, но и искривувања на ниво на нивниот рационален (читај: сферата на супер егото) свет и живот. Притиснати, поточно поттикнати, од хоробата, тие индивидуи постојано се наоѓаат во горна пренапрегнатост, во состојба на целосна афектација, во утробата на вжештениот патос:
Се што говорат, на пример, говорат низ скандирање, сите нивни искази како да се партикули од оние револуционерни рецитали на Томета Момировски, ако се сеќавате.
Дури и најобичниот поздрав, еве нека биде „дал ти Бог добро“, ќе ви го плеснат со таков трогателен израз на суратот како тоа да ќе е изјава после која веднаш паѓа курата Општа теорија на релативитетот. А, да не слушне Препредениот, ако тоа е од поголемо значење, нешто во врска со некакви уметнички или државни работи (што му излегува на исто, оти нивните уметнички работи се во сферата на највисокиот државен интерес ), држете му се здраво: Тогаш има таква поза да заземат, како ерголем да се искриват, што ќе ве препалат и премрат, што здувот има да ви го пукнат, поособено кога со глас, соодветно наштелуван, ќе писнат ем провикнат. Дотолку повеќе што споевите, нивните метонимии им се чиста унерија, сто од стотен Фау-ефект (се мисли нс Брехтовиот ефект на зачудност ), се оксиморон до плеоназам. Еве мојава дребност, на пример, кога прв пат се судри со таа сензација остана зината, под целосна констернација остана, бидејќи никако не може да ги протолмачи дадените метафори ли, што ли, какви беа: „Авионско-митска трагедија“; „водата како сестра на слободата“; „обневидена географија“ и се така до недоглед. Или кога ќе почнат да се жалат на некакви демонски сили, на некакви хтонски битија кои се башареле во самиот врв на нивната партија, како во последниов случај, (за кого подолу ќе стане повеќе збор) тогаш не ти останува ништо друго освен усук да му ја фатиш, за да не се изматуфиш, за исцело да не се издуваш…
И тоа, што е едноставно неверојатно, им пие вода и се прикачува како чичка, како капина за скутина, небаре бутрак наоколу: Едни, после таквите небулози, стануваат амбасадори, а другите оттекар министри на културата, а допосле министри војни, што, се разбира, е појава од рационалистичка природа…
Туку да не го тапиме, да не му го зарамнуваме глансот, да не му ја абиме острицата на „свирепиот“, ами веднаш да преведеме што тоа сакаме да кажеме: Тие персоналитети, тие мурдати со висока акомодитативна способност, кои севезден дробат нешто околу каузата, околу „македонцките работи“, всушност коси кубат, млака пепел се потураат, од земи се акаат и бескрајно патетизираат се додека не дофатат соодветен метерис, згодна чука или ти, за намената прикладна, државничка позиција. И после лап, 11.000.000 ГМ (со зборови: единаесет милиони германски марки), ни повеќе, ни помалку, оти толку беше да му чинел напорот од погоре опишан, толку беше да си го процениле своето патриотско залагање, своето прчење, па козење околу татковинските ни „вопроси“. Види, жив ти здравјенце, ти го мислиш дека ти бил само долнопробен ликовен критичар кој заради својот сурат брадосан ем чикмосан, заради својата фаца аскетска, или од некои нам непознати причини, заталкал во сфери каде, јасно се покажа, дека ама ич не го бива, а поправо таа министерска појава со птичјо презиме ти била “тихотапец” во цокули. Поткован и знаен, плус алав и алчен од мерата згора. Ама и со соодветна грижа за поширокото му семејство, особено за милиот му дедо по жена, по жена домаќинка. (Се слуша наоколу дека тоа тој на деда си, поправо, му го плаќал стариот борч: откупнина за невестата, која на толку беше да ти била проценета. Што не ќе да е многу ако се земе предвид за кого е). За ваквите се вели дека се „кучиња на војната“, најдолен вид злодеи кои од ништо не се либат, што е, ако зрело се размисли, голема неправда и навреда соодветна сторена кон родот пчошки, кон тие “прекрасни суштества” од кои на верност кон господарот, кон домот, во човечиот случај кон татковината, треба да се учи.
Коментирај