Филипоски во старт над Костадиноски

„Малерозниот Папе“: Интервју со Блаже Филипоски

МАЛЕРОЗНИОТ ПАПЕ

Интервју со Блаже Филипоски – Фудбалер на ФК Победа

15 август 1995 година
„Скок“

Mеѓу фудбалските прволигаши, во третото поред државно првенство, (не)успешно се натпреваруваше и прилепска Победа.
Составот на тимот, кој стартуваше пред три години, годинава имаше доста измени во однос на „дебитантската“ година (натпреварувачка сезона 91/92), кога дресот со број три беше резервиран за, тогаш 27-годишниот Блаже Филипоски.

Онаму каде што беше топката, секогаш беше присутен и популарниот Папе. Задачата да се бори со најопасните напаѓачи – повторно му беше доверена на
искусниот Филипоски. Меѓутоа, со падот на формата на екипата, неговите игри отидоа во заборав. Впрочем, се беше во стилот на зборовите од прилепскиот љубител на фудбалот „овде се паметат само грешките, а одличните партии – се минлив дел“.
Ова „правило“ го знаат сите, особено „децата“ на прилепска Победа.

Ваквата теорема на многумина од нив им ја скуси кариерата…
Фудбалската абецеда Филипоски почна да ја учи на 13-годишна возраст, во 1978 година, кога неговите квалитети ги забележа искусниот тренерски лисец
Бранко Петкоски, кој го препорача малиот Папе на пионерскиот тим на Победа. Под диригентската палка на славниот Бикерез, тој навлезе во првите
фудбалски тајни, притоа успешно минувајќи ги сите селекции на клубот низ прекалените раце на искусните мајстори Ж.Ѓорѓиоски, Б.Петкоски,
М.Крстески, К.Анески… „Кршејќи“ ја буба-марата, на 16 години
Филипоски дебитираше против титовелешки Борец, играјќи заедно со фудбалските величини Т.Тодороски, Г.Манески, В.Сусулески, Ј.Магдески, Р.Глигороски
и др.

Многумина врсници му завидуваа и нему и на Марјан Стојкоски, но квалитетот што го поседуваа тие, исплива на површина.

Како што бидува, дебитирањето го паметат сите, но мечот со Борец, во срцето на Папе, остави врежана трага:

- Додека сум жив ќе ја паметам таа кобна 45 минута. Во еден дуел со центарфорот Бузалков го извлеков „подебелиот крај“.
Тој, со копачките, падна врз моето колено. „Добро упатените“ прилепски доктори ми велеа дека „се ќе биде во ред“, но ситуацијата се влошуваше. Се упатив во Крагуевац, кај д-р Буѓевац, кој ме советуваше под итно да се изврши хируршки зафат на менискусот, доколку и натаму сакам да другарувам со фудбалот. Ме обзеде страв од самата помисла за операција, па решив да го отслужам воениот рок, мислејќи дека раната сама ќе зарасне.

Што се случи потоа?

- За време на служење на воениот рок, во слободните мигови играв мал фудбал. Болките беа неиздржливи и, конечно, операцијата на менискусот беше неизбежна. Ме оперира во Херцег Нови, каде и го служев воениот рок. Потоа следеше терапија и рехабилитација во времетраење од пет месеци, по што болките, конечно, исчезнаа. Се вратив во Прилеп и четири години наизменично „патував“ меѓу клубовите 11 Октомври – Победа, за да во периодот 1986-1990 година, бидам стандарден во екипата на Победа, иако тренерите се менуваа како на филмска лента.

Зошто ја напушти Победа во натпреварувачката 91/92 година?

- Прилепскиот прволигаш го напуштив од две причини: прво, имав конкретна понуда од Саса, но раководството постави огромно обесштетување за мене.
Од друга страна, сакаа да ме задржат, но за некоја смешна сума. Претседателството мислеше дека со „децата“ на Победа ќе биде лесно за договор, иако се увезуваа играчи од страна за доста големи средства, а нивните квалитети беа скоро еднакви со нашите. Мислам дека настаните ќе имаат ваков развој, се додека не се обрне доволно внимание на пионерската и младинската школа, а дотогаш костурот на тимот ќе го сочинуваат „мешани“ играчи.

„ЛЕВУТКАТА РАБОТЕШЕ“

Во дресот на Победа, Филипоски играше како одбранбен играч, а неговите реализаторски способности, во ниту еден момент не беа искористени.
Овој пропуст го забележа ФК Варош, во чиј дрес Филипоски постигна 10 голови во една полусезона, а негова специјалност беа слободните удари.

По заминувањето од Победа му пристапи на второлигашот Варош?

- Токму така. Без обесштетување можев да заминам само во прилепските клубови, а јас се одлучив за второлигашот Варош. Кога бевме под „финансиска заштита“ на П.П.„Хар-Пром“, се беше одлично. Но,„љубовта“ траеше само во есенскиот дел, а потоа тешко се составуваше крај со крај. Годината, мината во нивните редови, беше успешна и задоволството – обострано.

МАКА СО КОСТАДИНОСКИ И ТОДОРОСКИ…

На бековите секогаш им се доверуваат задачи да им бидат „дежурни полицајци“ на најопасните напаѓачи.
Во оваа прилика, Филипоски „симнува капа“ пред Костадиноски, кој летово од Победа премина во штипска Брегалница, кој повеќе би сакал да го има како клубски другар, отколку како противник.
Вистинска напаст според него е и Сашо Тодороски (Силекс), кој е доста непредвидлив и луциден играч.

Влатко Димоски

Нема Коментари

Коментирај