Блаже Конески е роден во селото Небрегово, на 19 декември 1921 година.
По завршувањето на основното образование, добил средношколска стипендија за учење во Кралската гимназија во Крагуевац (според некои извори, голема улога за тоа имаат и роднинските врски со србоманскиот војвода Глигор Соколовиќ). По завршувањето на Гимназијата, се запишал медицина на Белградскиот универзитет, но по една година се префрлил на Српски јазик и литература. Со започнувањето на Втората светска војна се префрлил на Универзитетот во Софија.
По дипломирањето, работел како професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Во 1945 година учествувал во составувањето на правописот на македонскиот литературен јазик. Блаже е втемелувач на македонистиката на Скопскиот универзитет и бил редактор на Речникот на Македонски јазик. Бил ректор на Универзитетот во Скопје (1958-1960); член на МАНУ и нејзин прв претседател (1967-1975); член на академиите во Загреб, Белград, Сараево, Чикаго, Лоѓ. Бил член на Македонскиот ПЕН центар, како и уредник на списанијата „Нов ден“ и „Македонски јазик“. Блаже е првиот претседател на ДПМ.
Автор е на книгите: „Земјата и љубовта“ (поезија, 1948); „Македонски правопис со правописен речник“, со Крум Тошев (1950); „Граматика на македонскиот литературен јазик“, прв дел (1952); „За македонскиот литературен јазик“ (1952); „Песни“ (1953); „Граматика на македонскиот литературен јазик“, втор дел (1954); „Везилка“ (поезија, 1955); „Лозје“ (раскази, 1955); „Речник на македонскиот јазик“ (1961); „Песни“ (1963); „Историја на македонскиот јазик“ (1965); „Речник на македонскиот јазик“, книга втора, редактирал (1965); „Речник на македонскиот јазик“, книга трета (1966); „Стерна“ (поезија, 1966); „Ракување“ (поема, 1969); „Јазикот на македонската народна поезија“ (1971); „Беседи и огледи“ (1972); „Записи“ (поезија, 1974); „Стари и нови песни“ (1979); „Места и мигови“ (поезија, 1981); „Чешмите“ (поезија, 1984); „Македонскиот 19-ти век, јазични и книжевно-историски прилози“ (1986); „Ликови и теми“ (есеи, 1987); „Послание“ (поезија, 1987); „Тиквешки зборник“ (студија, 1987); „Средба во рајот“ (поезија, 1988); „Црква“ (поезија, 1988); „Дневник по многу години“ (проза, 1988); „Златоврв“ (поезија, 1989); „Поезија (Константин Миладинов), читање на Блаже Конески“ (1989); „Сеизмограф“ (поезија, 1989); „Македонски места и теми“ (есеи, 1991); „Небесна река“ (песни и препеви, 1991); „Светот на легендатата и песната“ (есеи и прилози, 1993); „Црн овен“ (поезија, 1993).
Добитник е на наградите: „11 Октомври“, „Браќа Миладиновци“, „Ацо Шопов“, „Хердеровата“, „Његошевата“, АВНОЈ, „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, „Скендер Куленовиќ“, на Сојузот на писателите на СССР, за книжевен опус на „Мисла“, „Рациновото признание“, „13 Ноември“, Трето Ноемвриската награда на Општина Прилеп (1964 година) за поемата „Сончева колона“
Блаже Конески почина во Скопје на 7 декември 1993 година.
_____________________________________________________________________
3 ноември 1965 година
„Народен Глас“
ПРЕТПРАЗНИЧНО ИНТЕРВЈУ СО БЛАЖЕ КОНЕСКИ
„Желба ми е Прилеп да добие модерен Младински Дом и биста на Марко Цепенков…“
Богатата творечка актива на Блаже Конески, неговата дејност во областа на филологијата, неговите заложби при формирањето на македонскиот литературен јазик, во примената на изворниот јазик на творечко- литературен и преведувачки план, посебно неговата активност во поезијата и прозата за неговиот роден крај поради што Општина Прилеп му ја додели Трето ноемвриската награда. Пред овој трет ноември на Блаже Конески му се обративме со писмо и го эамоливме да ни даде одговори на неколку прашања.Еве ги прашањата и одговорите:
„Сончева колона“, за која минатата година ја добивте Трето ноемвриската награда, асоцира на еден познат настан од НОВ во Прилеп. Дали Вие лично го доживеавте тој настан?? Интересно би било за нашите помлади генерации да чујат и некои поединости кои, можеби би го надополниле кажаното во песната.
Јас не бев во Прилеп во деновите кога тоа се случи. Меѓу загинатите беше и мојот братучед Цане Соколоски, со кого како деца сме биле неразделни.
Кажете ни нешто од вашиот ученички живот?
Нижа гимназија учев во Прилеп, виша во Крагуевац. Најубави беа летата во Прилеп. Тогаш спонтано организиравме шаховски турнири во нашите куќи, Борка Талески не организираше во читачки групи. Навечер ќе водеше патот на Брдо и на Старото корзо. Една етапа ни беше берберницата на Тутета.
Во Крагуевац бев член на редакцијата на гимнаэиското списание “Подмладок”.
Се допишував со моите другари од Прилеп. Во тоа списание со мое посредство, се објави еден текст од Борка Талески и за првпат, еден расказ од Владо Малески.
Како гледате на повоениот развиток на град Прилеп?
Во Прилеп се чувствува, иницијатива, општествена и лична. Тоа е најважно за еден центар. Сметам дека таа иницијатива даде досега убави резултати во различни правци. Таа треба да се сочува.
Има ли нешто што посебно ве поврзува, со Прилеп?
Со Прилеп ме сврзуваат толку многу интимни нишки, што дури и во туѓи краишта се возбудувам кога ќе ми се стори дека некој предел ме потсетува на прилепскиот.
Што би сакале да видите во Прилеп, а сега го нема, независно од околностите во коишто сега се наоѓа комуната?
Еден модерен Младински дом, Биста на Марко Цепенков на некое убаво место.
Што ви е највпечатливо од богатото историско минато на Прилеп и прилепчани?
Она што е сврзано со Варош, со атмосферата на неговите споменици и легенди, со кои името на Прилеп эвучело надалеку.
Се зборува дека е Прилеп град на уметници. На што, според вас, се должи тоа, доколку се раэбира, таа констатација може да се земе за точна?
Точно е дека од Прилеп се излезени голем број ликовни уметници и дека некои од нив имаат забележано виден успех. Сум чул дека некои таа појава ја објаснуваат со благотворното дејство на прилепскиот хоризонт. Јас наоќам едно попросто објаснение.
Уште пред војната во Прилеп се формира група на уметници аматери.
Тоа беше дело на познатиот наставник по цртање во Прилепската гимназија Велебит Рендиќ, син на хрватскиот скулптор Иван Рендиќ.
Човек општителен и со личен шарм, Рендиќ пројави иницијатива која, како што може да се види сега, донесе многу поголеми реэултати, отколку што можело да се очекува во почетокот. Необично е важно да се потстакне во една средина вистинскиот интерес за извесна активност, да се загреат луѓето за неа. Мене ми е драго што на ова место ми се даде можност да го споменам името на Велебит Рендиќ, којшто беше и мој наставник.
Ваши најнови дела се „Историјата на Македонскиот јазик, за која добивте „Октомвриската награда“ и второто дополнето издание на стихозбирката „Везилка“. На што работите моментално?
Моментално вршам некои повеќе „текушти“ работи.
П. Поповски
Коментирај