Благоја Спиркоски – Џумерко е роден 1946 година во Прилеп од татко Киро и мајка Марија.
Во Народниот театар во Прилеп работи од 1966 година се до неговото пензионирање. Освен на театарската сцена настапувал со завиден успех и во поголем број на ТВ драми и серии, во радио драми и во играни филмови.
Забележително е неговото актерско остварување во ТВ серијата Солунски патрдии, играјќи ја ролјата на Итар Пејо Мариовецот, ролја која остави неизбришлива трага врз неговата личност. Освен на матичната сцена често гостувал и на сцените во Битола, Куманово, Штип, Велес, Струмица… Благоја Спиркоски е синоним за актерска популарност и омиленост кај публиката. Тој важи и за вонсериски талент со специфични актерски одлики кои несомнено придонесоа за неговото високо реноме на што се должи и неговата ангажираност во сложени сценски задачи.
Иако неговиот актерски опус опфаќа широк спектар на ролји од најразличен жанр во дела од светската класика и современа драматургија, сепак најзабележителни се неговите остварувања во делата од домашната драмска продукција. Во овој контекст некои од неговите најзначајни ролји се токму во дела на автори, како што се: Ристо Крле, Јордан Плевнеш, Миле Попоски, Благоја Ристески-Платнар, Блаже Миневски, Блаже Алексоски и др. Показателни за неговата актерска сензибилност и афинитет се и неговите креации во камерните театарски форми (Ибро Јаране), а неодминлив е и неговиот потфат за опробување на теренот на лизгавиот жанр на монодрамата. Така, ќе остане забележано дека во монодрамата “Аз, Марко” од Бошко Смаќоски, Спиркоски ќе го манифестира својот талент и усет за комичните нијанси и созвучја, но и за драмските моменти за кои тој е подеднакво благороден медиум како актерска индивидуалност. Често, неговите креации истовремено се и трагични и комични. На нему својствен начин тој особено води сметка за развојноста на ликот и ситуациите обликувајќи ги ролјите во актерски партитури кои се заокружени и докрај обмислени. Ако накусо треба да се сублимира неговиот учинок тоа е секако виртуозноста и бравурозноста кои секогаш наидуваат на воодоошевено прифаќање од страна на публиката и критиката. Останувајќи најчесто мртов ладен тој засмејува се окулу себе секогаш подготвен за трансформација и менување на ракурсот, подтекстот, приодот и редовно успешниот пласман на зборот, гестот, погледот… Добитник е на поголем број награди на МТФ во Прилеп.
На театарските игри „Војдан Чернодрински“ во 1985 година ја доби наградата за најдобра машка улога.
На 46-от по ред Македонски театарски фестивал Војдан Чернодрински (2011 г.), Благоја Спиркоски – Џумерко се закити со наградата за животно дело, заедно со другите двајца лауреати, режисерот Коле Ангеловски и актерот Трајче Иваноски.
По кратко боледување почина на 11 јуни 2015 година.
Филмографија:
1972: Истрел (Споредна улога)
1977: Пресуда (Споредна улога)
1980: Оловна бригада (Главна улога)
1984: Нели ти реков (Главна улога)
1985: Јазол (Споредна улога)
1987: Хај-фај (Споредна улога)
1994: Пред дождот (Споредна улога)
1999: Време, живот (Споредна улога)
2003: Едно од лицата на смртта (Актер)
2004: Како убив светец (Споредна улога)
Коментирај