1978: Блага Петреска Кондратенко – „Охрид Порти Отвара“; ПГП РТБ

Интервју со Блага Петреска: „Песната ја победи болката“

Интервју со Блага Петреска: „Песната ја победи болката“ во „Викенд“

8 мај 1999 година

ПЕСНАТА ЈА ПОБЕДИ БОЛКАТА

Блага Петреска. Жена-борец, мајка на две прекрасни и успешни деца, личност што плени со својот весел дух. Таа докажа дека, едноставно, Песната може сé. Кога судбината во еден миг си поигра со нејзиниот живот, токму со песната ја победи тагата, влезе во многу домови и ги освои срцата на својата публика.

Блага Петреска е родена во Прилеп, во музикално семејство со пет деца – три машки и две девојчиња. Сите пет деца свиреле на различен инструмент и учеле во нижото музичко училиште.
- Од трето одделение учев клавир. Додека децата од мое маало си играа (фотографија број 1), јас постојано вежбав клавир. Уште од мала сакав да бидам на сцената и мечтаев еден ден да станам позната пијанистка.
Додека бев во основно училиште, пеев на сите училишни приредби по желба на моите професори, кои кај мене го открија талентот за пеење. Во Прилеп ја освоив наградата за најдобар пејач-аматер и веќе на 14 години го здобив епитетот најдобра пејачка во градот. Од петте деца само јас требаше да одам на школување во средното музичко училиште во Скопје, но тоа не одговараше на буџетот на моите родители.

Волјата на професорите беше многу голема и тие ги убедија моите родители да одам во Скопје за да го школувам гласот. Во средното музичко училиште Блага продолжила да пее забавна музика. Нејзиниот талент го открил Александар Џамбазов. Во трета година во средното училиште (фотографија број 2), по негова препорака, настапила на фестивалот во Љубљана.
- На тој фестивал се натпреваруваа воени оркестри и пејачи-аматери од цела Југославија. Таму ја освоив првата награда, која денес би врeдeлa 5.000 ГМ. Моите родитела беа многу изненадени. Тоа беше мојот прв хонорар заработен со пеење. Но, кога се вратив во Скопје, професорот по соло-пеење ме истера од класата затоа што сум го школувала гласот, а сум настапила на фестивал за забавни мелодии. Потоа, со ургенции на директорот од средното музичко училиште, се вратив во класата на Коста Трпков и со одличен успех го завршив школувањето по соло-пеење.

Потоа, во 1966 година, се вратила во Прилеп и три години предавала клавир во музичко училиште. Паралелно со работата, завршила и педагошка академија, бидејќи во тоа време сè уште немало музичка академија. Во 1969 година повторно се вратила во Скопје, како што вели, разочарана од една голема љубов.
- Кога повторно дојдов во Скопје, се вработив во Операта и тогаш ја снимив првата сингл-плоча со Кочо Петровски за РТБ. Потоа следуваа настапите на Скопскиот фестивал во 1971 и во 1972 година и турнеите со најпопуларните југословенски пејачи. Во тој период го срeнaв Павел Контраденко – Павка, по потекло Украинец, по професија архитект (фотографија број 3).
Тој беше многу музикален – имаше завршено средно музичко училиште. Тогаш првпат почуствував дека некој толку многу се грижи за мене и дека некому многу му значам. Нашата љубов се раѓаше и се градеше чекор по чекор. Прво ме освои со својот карактер, а потоа и со изгледот. Во времето додека се забавував со Павка, ми понудија да ја играм Коштана (фотографија број 4).

Во 1973 година Блага и Павка ја крунисаа љубовта со брак (фотографија број 5). Прво се раѓа нивниот син Олег, а по две години ја добиваат и ќерката Оља.
- Се повлеков од сцената зашто сакав да бидам покрај моето семејство. Но, на Павка не му пречеше да продолжам да пеам (фотографија број 6) и затоа ја прифатив понудата да настапувам со професионалниот воен оркестар. Пеев заедно со покојната Сашка Петковска, Кирчо Поп Лазаров, Дарко Мијалковски, Јанко Узунов, со групата Мањифико. Во тоа време правевеме прекрасни концерти. Морам да кажам дека соработката со воениот оркестар ми помогна да направам добар репертоар. Благодарение на Ѓорѓи Димчевски, Блага ја снимила втората сингл-плоча, со која и се враќа на народната песна. Потоа снима уште многу песни, кои и ги отвораат портите кон странство. Следуваат турнеи низ Австралија и низ Америка (фотографија 7).
- За жал, додека бев на една турнеја во Канада, се случи најтешкиот ден во мојот живот. Точно во пресрет на новата 1983 година, само што пристигнав во Канада, ми соопштија дека – починал мојот сопруг. Таа, 1982 година, беше најуспешна во мојата кариера, а последните неколку години пред тој случај беа период на најсреќен семеен живот.

Соочувајќи се со најголемата трагедија во својот живот, таа продолжува да се бори, не се откажува од песната и го достигнува врвот на својата популарност.
- Во 1985 година беше фестивалот на македонската новосоздадена песна Валандово. На тој фестивал ја здобив својата најголема популарност. Повеќе не бев само една русокоса весела жена, туку моето име стана мошне познато. Новосоздадената македонска песна ми овозможи да се искачам на врвот и да ги покажам моите квалитети на вистински начин. Соработував со добри композитори, кои ми направија песни по мерка. Првата соработка ја остварив со Јанко Узунов, а во тој период ја снимив и првата касета за Македонската радио-телевизија. Ќе останам запаметена по тоа што бев нивни прв екслузивец. Потоа следуваше соработката со композиторите Милан Завков, Томислав Таневски, Мирослав Бушиновски, Драги Митев и со Григор Копров. Многупати освојував награди, а најмногу за интерпретација. Од 1992 година соработувам со композиторот Миле Барбаровски (фотографија број 8). Ја имав таа среќа да работам со добри автори и да добијам многу убави песни. Соработката со Барбаровски ми е особено драга, зашто ние сме и куќни пријатели. И приватно функционраме одлично, па можеби затоа е голем и успехот што го направивме на сцената.

Нејзините деца се веќе возрасни, а таа е пресреќна поради нивниот успех (фотографија број 9).
- Моите деца ми рекоа да не зборувам за нив, затоа што се веќе возрасни личности. Олег има 25 години и моментно се наоѓа на постдипломски студии во Келн, Германија. Многу ја сака виолината и определен е строго за класиката. Оља (23) пред два месеца дипломираше на факултетот за новинарство.

БЛАГА ПЕТРЕСКА – ДЕНЕС

- Јас сум многу среќна и задоволна мајка зашто меѓу мене и моите деца има огромна љубов и разбирање. Одговорноста на мајката е многу поголема кога ги воспитува децата сама. Можеби и затоа во текот на мојот живот се претворив во мравка и несебично и се предадов на работата, за да ги исполнам желбите на моите деца. Благодарение на Господ, успеав во тоа. Сепак, Блага не заборава да ја спомене песната со која ја победи најголемата тага во животот.
- И во оваа пригода ќе повторам дека „Песната може се“. Тоа се зборови на авторот на текстот на таа песна, кои никогаш нема да ги заборавам. Треба многу да се сака песната за да се издржи сето тоа што таа го носи. Со неа запознав многу луѓе, добив многу пријатели, влегов во многу домови. Добив огромна љубов од публиката. А тоа е најголема награда во мојата работа.

Соња Алексоска – Неделковска

Нема Коментари

Коментирај