1917: Беловодица...

Беловодица

Беловодица се наоѓа во источниот дел на територијата на општина Прилеп, во горното сливно подрачје на реката Раец, односно под превојот Плетвар, во насока кон Градско. Селото е ридско, на надморска височина од 800 метри. Од Прилеп е оддалечено 17 км. Атарот е мошне голем и зафаќа простор од 18 км2.

Во атарот на Беловодица, во местата викани Грамадина и Селиште има римски некрополи.

Во годините кога било населено, селаните се занимавале со земјоделство и сточарство. Во почетокот на XIX век, „рајата, од мака“ станувала „исполџија“, но на крајот од тој век економски зајакнале, со заработка од сточарството и печалбата. Само Билиман бег од Прилеп задржал малку ниви, кои ги давал под „ќесим“.

Беловодичките ниви се наоѓаат во Преслоп и во долините на Бела Река и Раец. До Втората светска војна селото имало многу овоштарници, особено „круши мирисалки“, кои во Прилеп биле особено ценети и барани, а во турско време биле плаќани и по две пари за ока, потоа имале „грглешки, зимни јаболка, ореви, сливи, ѕенѕери, цреши…“. Во лето, на Беловодичката планина секоја година доаѓале и Власи.

Беловодичани оделе на „аргатлак“ во Тиквешијата и низ Пелагонија. Често се случувало некои да заминат на печалба во Романија и Америка. По ослободувањето од турското ропство, околу 30 беловодичани се вратиле од печалба во родното село, а многу од нив останале и никогаш не се вратиле назад во туѓина.

На падината над селото има „мајдан“ со плочи од сјаен шкрилец, кој се користел за покривање на куќите. Во сончеви денови, овој шкрилец силно свети. Недалеку од селото, на излезот во Раечката долина, се наоѓала старата железничка станица.

Беловодица, најверојатно, е формирано како село во почетокот на XVIII век, кога од месноста на средновековната Бела Водица (местото каде што Бела Река се влива во Раец, под Плетвар) населението пребегало заради појава на чума. Тоа биле фамилиите на Страшниковци, Аџиовци (слават Арангеловден) и Ангелевци (слават Петковден). Други стари фамилии во Беловодица се: Славевци, Бечовци (слават Петковден); Мојсовци, Фазлиовци (слават Арангеловден). За Фазлиовци се говори дека нивните дедовци биле „јабанџии“ и не се знае од каде дошле во Беловодица во средината на XVIII век. За Мијаковци и Кликушовци (слават Свети Никола) се раскажува дека се дојдени од Галичник, кај Дебар во почетокот на XIX век. Претците на Брсаковци дошле „на чифлик“ од Градешница, Мариовско, во средината на XIX век. И тие за домашна слава го имаат Свети Никола. И дедото на Чифчиовци дошол на чифлик од Крушевица, Мариовско, и тука формирал семејство. Тие за домашна слава го имаат Митровден. За Домазетовци (слават Свети Никола) не се знае од каде се дојдени во Беловодица во средината на XIX век.

Во Беловодица дојденци се следниве фамилии: Радобилци – Јован од Радобил дошол домазет кај Мојсовци околу 1870 година (слават Арангеловден); Ѓорѓевци – друг Јован од Живово дошол домазет кај Ангелевци во 1895 (слават Петковден); Китевци – Ордан од Фариш дошол домазет кај Страшниковци во 1900 година (слават Арангеловден); Кулевци – Борис од Мрзен дошол домазет кај Мојсовци во 1906 година (слават Арангеловден); Грбавечки – Стојан од Грбевци дошол домазет кај Ангелевци во 1906 година (слават Петковден); Цоцовци – Ѓорѓи од Гуѓаково дошол домазет кај Ангелевци во 1907 година (слават Петковден); Баба-Брезинкинци – Стојан од Царевиќ дошол домазет кај Ангелевци во 1910 година (слават Петковден); Кулевци – Пецо од Мрзен дошол домазет кај Ангелевци во 1895 година (слават Петковден); Марчевци – Трајче од Дуње дошол домазет кај Ангелевци во 1911 година (слават Петковден); Ристевци – Боше од Крушевица, Мариовско, дошол домазет кај Ангелевци во 1918 година (слават Петковден); Дуевци – Атанаско од Царевиќ дошол домазет кај Ангелевци во 1919 година (слават Петковден).

Во XIX век Беловодица било село во Прилепската каза на Османлиската империја. Во „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година и во која е дадена статистиката на машкото население од 1873 година, Беловодица фигурира два пати – еднаш како Белица (Bélitza), село во Прилепската каза со 19 домаќинства и 79 жители, и вторпат како Беловодица (Bélovoditza), село во Велешката каза со 40 домаќинства и 185 жители.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија: Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Беловодица имало 510 жители, сите христијани.

Во почетокот на ХХ век, населението на селото било под управа на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на Егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Беловодица имало 576 егзархисти.
При избувнувањето на Балканската војна, еден човек од Беловодица бил доброволец во Македонско-одринското ополчение.

Првата миграција на беловодичани се случила во периодот од 1875 до 1900 година, кога во Прилеп се иселиле Страшниковци (Здраве, Петре, Јовче и Коне – аргати и орачи), Аџиовци (Спире, Милан и Иле – аргати), Ангелевци (Костадин, Јован и Никола – аргати), Мијаковци (Нуне, Крсте, Тоше, Петре и Ѓоре – анџии, арпаџии, брашнари), Мојсовци (Мишко, Ѓорѓи, Мишко – дуќанџии). Во Битола се иселиле Мијаковци (Трајко – касап). Во Романија се иселиле Брсаковци, а во Америка неколку семејства од Ангелевци, Мијаковци, Страшниковци и Мојсовци.

На старото селиште Бела Водица, покрај патот се наоѓала црквата во чест на „Свети Никола“, која Германците во текот на Првата светска војна ја разурнале до темел, а каменот го употребиле за насип. Оваа црква била живописана во 1591 година, благодарение на ктиторството на поп Никола и Димитрија Миховик. Во ѕидовите на оваа црква имало и мермерни плочи со релјефи на мажи и жени и со грчки натписи. Денешната црква во чест на „Свети Никола“ претставува трикорабна градба со полукружна апсида на источната страна, која однадвор е расчленета со пет слепи ниши, а има и галерија на кат на западната страна. Подигната и живописана е во 1885 година. Покрај црквата се наоѓаат и селските гробишта.

Во непосредна близина на селото Беловодица се наоѓа манастирската црква во чест на „Свети Георгиј“, која е осветена на 27 јули 1980 година од Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски Гаврил, кој во тоа време бил администратор Преспанско-битолски.

Селскиот панаѓур се одржувал на Свети Талалеј, а храмова слава е Свети Никола. Во манастирската црква се богослужи на Свети Георгиј (зимен и летен), како и на празникот Свети Илија.

Според пописните листи, бројот на населението низ годините е следниов: 1948 = 511; 1954 = 461; 1961 = 356; 1971 = 182. Според пописот од 1981 година, во Беловодица имало 73 жители, во 1991 = 25, во 1994 бројот се намалил на само 18, а според пописот од 2002 година селото има само 24 жители, сите Македонци. Иселувањето на селото е вистинска штета, поради добрата аграрна структура на атарот на Беловодица. Во 2011 години, речиси по половина век, во семејството на Митре и Ангелина Трајкоски, се роди нов жител на Беловодица, малиот Андреј, кој повторно го донесе детскиот плач, радост и надеж за заживување на ова прекрасно село.

——————————————————————————

Бебешки плач ја разбуди четиридецениската меланхолија

Повеќето куќи во селото ги фатила пајажина. Од оџаците не ќури, што е знак дека во нив никој не живее. Но во куќата на Митре Трајкоски е живо. Пред четири месеци на Митре и на Ангелина им се роди синот Андреј. Тогаш, старците во Беловодица, по речиси четири децении меланхолија, повторно слушнаа детски плач.

РЕПОРТАЖА ОД БЕЛОВОДИЦА, ПРИЛЕПСКО

На околу 18 километри од Прилеп, под превојот Плетвар, во горниот дел од Тројачката котлина е селото Беловодица, во кое живеат 20 жители, од кои 15 се старци. Во семејството на Митре Трајкоски, кој домашното огниште го свил во семејната куќа со сопругата Ангелина, дојдена тука пред три години од Албанија, пред четири месеци се роди синот Андреј. Тогаш, старците во Беловодица, по речиси четири децении меланхолија, повторно слушнаа детски плач.

Повеќето куќи во селото ги фатила пајажина. Од оџаците не ќури, што е знак дека во нив никој не живее. Но во куќата на Митре е живо. Освен домаќинот и сопругата Ангелина, нé пречекаа неговите најблиски. Ни посакаа добредојде, среќни и радосни што сме отишле да ги видиме, да им ја честитаме радоста. Малиот Андреј спиеше, но кога ги слушна многубројните гласови, се разбуди, но не заплака.

Митре (53) работи во обезбедувањето на околниот рудник. Пред три години решил да се ожени. Среќата ја побарал во Албанија. Ангелина ја зел од Лежа, во близина на Тирана. Синот му е неизмерна радост.
- Се оженив со Ангелина и не погрешив. Барав и к’сметот го најдов кај неа. Вистинска домаќинка е. Се грижи за детето и за домот. Вредна е. Имаме љубов и разбирање, а многу ни помагаат пријателите. Само имаме проблем зиме, кога ќе паднат снегови – вели Митре.

Ангелина има 39 години. Потекнувала од семејство со осум деца. Вели дека е среќна тука. Полека се навикнала на животот во селото. Само и било малку студено. Во Лежа било потопло.

- Митре оди на работа, јас се грижам за куќата и за малиот. Не плаче многу. Еве, деновиве бевме и го вакциниравме, убаво поминавме. Сите се радуваат, сакаат да го гледаат, да ми помагаат – вели Ангелина.
Се израдуваа на посетата на прилепскиот градоначалник Марјан Ристески.

- Убаво што дојде да нé види. Тоа доволно говори дека се грижи за граѓаните во населените места. Ни донесе подароци за Андреј – додава Митре.

Градоначалникот Ристески се надева дека ќе се врати животот во ова населено место.

- Правиме сé што е во наша надлежност како општина да ги подобриме условите за живот на локалните жители. За малиот Андреј донесовме подарок играчка, топли алишта и ќе донираме 10 илјади денари – вели Ристески.

Во семејството Трајкоски се надеваат дека в година, ако даде Господ, ќе имаат братче или сестриче, да не биде Андреј сам. Да трчкаат децата низ дворот, кој го уредиле. И низ селото, за да им се радуваат сите.

Старите од Беловодица гостите ги дочекуваат пред портите. Велат селото живнувало само во лето или кога има гости во блискиот манастир. Тешко им е тука, раскажуваат, оддалечени повеќе километри од градот, особено во зима. Сепак, велат, убаво се чувствуваат, оти во селото е мирно и тивко, бидејќи е скриено во прегратките на Селечка и Дренска Планина, а прекрасна глетка се пружа кон врвот Козјак. Со Андреј очекуваат глетката напролет да биде уште поубава.

(Преземено од „Нова Македонија“, број 22413, вторник 25.10.2011)

Нема Коментари

Коментирај