Балканските војни 1912-1913
Првата балканска војна формално била започната од Кралството Црна Гора на 9 октомври 1912 година, а потоа на 18 октомври се приклучиле и останатите сојузници, што всушност се смета и за почеток на Првата балканска војна. Балканските сојузнички војски за релативно кратко време ја скршиле воената моќ на Отоманската империја, која била победена на сите фронтови и била принудена набргу да побара мир.
Македонските доброволци активно учествувале во Балканските војни. Во состав на бугарската војска се организирани во Македонско-одринското ополчение кое броело 14.670 војници. Ополчениците учествуваат во борбите на источниот фронт (Тракија) а во Втората балканска војна учествуваат во борбите со Српската војска кај Кочани и Брегалница.
Победата на сојузниците му ставило крај на петвековното османлиско владеење на Балканскиот полуостров. Поголемиот дел на Тракија, заедно со Источна Македонија, потпаднале под бугарска власт, Србија ги зазема Косово и Северозападна Македонија, Грција го освојува Епир, повеќе острови во Егејското море и Југозападна Македонија со Солун, а со Лондонскиот мировен договор, била создадена и независна Албанска држава со сеуште неутврдени граници.
Споровите за поделба на Македонија водат до растурање на Балканскиот сојуз и почеток на Втората балканска војна, која избувнала по само еден месец од завршувањета на Првата балканска војна.
На 28 јуни 1913 година, во војната против Бугарија се вклучила и Романија, со што романските војски се доближуваат до Софија при што Бугарија со потпишувањето на Букурешкиот мировен договор од 28 јули принудена на капитулација.
Учество на војници и жртви во двете Балкански војни:
Османлиското Царство:
Војници….570 000
Жртви……225 000
Бугарија:
Војници….366 000
Жртви……176 000
Србија:
Војници….190000
Жртви……91000
Црна Гора:
Војници….34 500
Жртви……10 000
Грција:
Војници….215 000
Жртви……52 000
Романија:
Војници….437 000
Жртви……4000
Со Букурешкиот мировен договор од 28 јули, Македонија била разделена меѓу завојуваните страни и на Балканот настапуваат големи демографски промени. Со завршувањето на Балканските војни, тензијата меѓу завојуваните страни доаѓа до израз со почетокот на Првата светска војна, а подоцна и со Втората Светска војна.
БОРБИТЕ НА БАБУНА
По поразот кај Куманово, а потоа на линијата Црн Врв-Кочани, Вардарската армија во хаос се повлекува на југ. Но, бидејќи немало гонење од страна на Србите, турската војска преку Орешани, Катланово и Сарамзалино непречено се спуштила во Велес.
Гледајќи го повлекувањето на војската, Зеки-паша, командант на Вардарската армија, дефинитивно ги согледува размерите на поразот во Кумановската битка. Затоа одлучува Петтиот корпус со сила да ја сопира војската што со возови бега од Скопје и Велес кон Солун, а потоа да организира прегрупирање на линијата Велес-Прилеп-Битола. Првата фаза на одбрана била Бабуна, каде што командантот на Вардарска армија сметал дека може подолго да ја задржи српската војска.
Турските позиции на линијата Плетвар – Козјак – село Крстец – караула Присад – планина Мукос, всушност се протегаат по гребенот на Бабуна, преку кој водат само два добри патишта и мал број козји патеки потполно неупотребливи за движење на артилерија и запреги.
Патиштата одат преку два превоја: преку Присад, во насока Велес -Прилеп, и преку Плетвар, во насока Криволак – Прилеп. Ширината на овој рововски фронт изнесувал 10 километри.
Според записите на српската војска, на Бабуна, како претходница на српските единици, дејствувале таканаречените македонски доброволечки чети, главно под команда на познати србомански војводи и српски официри.
На десната страна на Вардар дејствувала таканаречената четничка команда на чело со мајорот Војин Поповиќ, или војвода Вук, додека со целокупната акција на четничката војска раководела Врховната команда преку Разузнавачкиот сектор. Овие чети, особено дошле до израз во борбите на Мукос, каде што посебно се истакнала четата на Василије Трбиќ. Меѓутоа, според српски извори, четите на македонските доброволци недоволно плански биле користени во борбите, па дури ни како извидувачки и разузнавачки групи на теренот, затоа што дејствувале по специјални упатства на Врховната команда, односно не можеле оперативно да се користат од српските единици на теренот. Сепак, како што стои во документите, македонските чети доста успешно соработувале со делови од коњицата и пешадијата.
Според командантот на турската Западна војска, со одбраната на Бабуна всушност требало да се обезбеди време за подготвока на решавачката битка за одбрана на Битола.
Во секој случај, откако била забележана активност во реонот на македонските доброволци, особено околу селата Габровник и Сеникос, веднаш била упатена самостојната коњичка бригада на Мехмед Али – паша која требало да го обезбеди патот кон Десово. На трети ноември утрото започнала битката на Бабуна, но односот на силите бил драстично на страна на Србите. Турската војска на овој фронт имала само околу 15.000 војници а српската околу 50.000 војници.
Сепак кај караулата Присад турската војска прифатила жестока борба до последен човек. Истовремено започнуваат борби на целиот фронт на Бабуна, од Плетвар до село Дреноец. Во дводневните борби двете страни се бореле со невидена фанатичност. Србите биле принудени за секоја османлиска позиција да се борат гради в гради.
Македонските доброволечки чети под команда на Војин Поповиќ воделе жестока битка во реонот на селото Габровник. Штабот на Првата српска армија со дејствата раководел од Велес, па често примал противречни извештаи, кои оневозможувале темелно да се согледа ситуацијата на фронтот и да се донесат соодветни одлуки. Доказ за тоа е судирот кај селото Крстец.
БИТКАТА КАЈ КРСТЕЦ
Противнападот на турските сили кај селото Крстец почнува околу 19 часот од два правца. Иако нападите биле со огромна жестокост по секоја цена да се преземе позицијата над селото поради нејзиното пресудно значење во одбраната на Присадскиот превој, турските сили не успеале во тоа благодарејќи пред сè на невидениот фанатизам на Вториот српски пешадиски полк, кој претходно не добил наредба да изврши напад на турските сили во повлекување па останал да чека на позициите. По два часа борба од дистанца, почнуваат остри блиски борби.
Иако изгледало дека турската војска се враќа во старата борбена состојба, следното утро Кара Саид-паша предлага повлекување, но командантот на Вардарската армија, Зеки-паша не прифаќа. Сепак, според турскиот историчар Ибрахим Артуч, кога се спуштила ноќта, истоштената и гладна турска војска, која била при крај и со муницијата, почнала самоволно да се спушта по патот кон Прилеп и во молк да се повлекува кон Битола. Во борбите за Крстец на 3, 4 и 5 ноември, Србите, според српски изори, имале 53 загинати и 150 ранети војници и офицери, а според турски извори – 600 загинати. Турската војска, според турски извори, изгубила 3.000 војници.
БИТКИТЕ КАЈ АЛИНЦИ И БАКАРНО ГУМНО
Околу 13,30 часот, на петти ноември 1912 година, претходницата на Моравскиот коњички полк на мајор Велимир Весниќ влегува во Прилеп, но наместо да продолжи да ја гони турската војска што се повлекува кон Битола, се впушта во славење, со што е пропушетно да се одржи борбен контакт со турските сили.
По повлекувањето на турскиот Петти корпус на позициите кај Алинци, кои го одвојуваат полето околу Прилеп од Пелагонија, по барање на командандот на турската Западна армија, со противнапад да се поврати Прилеп, командатот на Вардарсклата армија е присилен, наспроти својата веќе издадена наредба за повлекување, да издаде нова наредба за противнапад.
Се разбира, никаков противнапад не бил можен, па војската по првиот обид се повлекува и останува на позициите кај Алинци чекајќи го ударот од српската војска на релативно добрата одбранбена линија која има добар преглед кон Прилепското поле речиси до Прилеп.
Сртовите над селото доминираат во просторот, и заедно со понискиот венец од ридови кај Бакарно гумно, го пресекуваат овој дел на Пелагонија речиси на половина. Српскиот напад на позициите кај Алинци, односно Бакарно гумно, одел преку три насоки:
Првата насока преку селата Галичани и Веселчани водела во Чепигово, давајќи можност да се блокира левото крило на турската армија. Втората насока водела од Прилеп кон селата Алинци и Тополчани, излегувајќи директно на централниот дел од фронтот на турските позиции, и третата насока преку западните падините на Селечка планина, преку селата Лагово и Руфци, излегувал на патот кон селото Канатларци, односно го блокирал десното крило на турската армија.
Сметајќи дека главните српски сили ќе нападнат во насока на патот Прилеп – Битола, командантот на Петтиот корпус, Кара Саид-паша, одлучува со најголема сила да го запоседне потегот од Бакарно Гумно до Алинци, со тоа што позициите западно од патот да ги брани 15-та Низамска дивизија, со околу 6.500 војници и 17 топови, а позициите источно од патот, 13-та Низамска дивизија со околу 6.300 војници. Дел од долината југозападно од Галичани бил доверен за одбрана на самостојната коњичка бригада, односно на околу 600 коњаници. Штабот на Петтиот корпус на 6 ноември околу 9 часот тргнал од Тополчани кон позициите кај Алинци.
Откако излегла на огнена линија, турската батерија околу 11 часот почнала со гранатирање на Дринската дивизија на оддалеченост од околу четири километри. Првиот плотун паднал во српски пушки потпрени во купола, значи додека српските војници не биле во борбена позиција, а потоа следувале нови плотуни од страна на другите турски батерии од позициите кај Алинци. Иако огнот на турската артилерија бил многу силен, загубите на српската сили биле незначителни поради гаѓањето од голема далечина. Меѓутоа, значаен бил моралниот ефект, затоа што единиците биле на отворен простор, во рамнина, па дошло до голема мешаница и паника а комората на четвртиот пешадиски полк на српската војска во хаос побегнала кон Прилеп, а со тоа се создала паника и кај останатите српски војници на позициите кај Баакарно гумно.
Српскиот генерал Павле Јуришиќ-Штурм, истиот оној што, како полковник, се разбира, го зазел Зебрњак со јуриш, сега, со цел да се ублажат загубите, и покрај паниката кај неговите единици, и под оган на турската артилерија, наредува по секоја цена да се заземат борбени позиции на отворено поле и да се покрива развивањето на Моравската дивизија. Сепак, и покрај развивањето на единиците во висина на борбените позиции на турската армија, српската војска е сопрена со силен пешадиска оган откај реката Беравица, од каде требало да се тргне во јуриш.
Во подготовката на јуришот учествувала целокупната артилерија на Дринската, Моравската и Коњичката девизија. Користејќи го дејствувањето на артилеријата, прв во напад тргнува Шестиот пешадиски полк, но биле буквално засипани од турски пешадиски и артилериски оган. Јуришот започнува околу 15 часот со настојување што побрзо да се влезе во одбранбениот распоред на турската војска. Првиот ред српски војници паѓа покосен од турскиот оган, но вториот продолжува да се движи, а потоа третиот и таканатаму. Гледајќи ја таквата фанатична упорност на српската војска, според српски извори, се разбира, турската војска не ја дочекува борбата гради в гради, туку почнува да се повлекува уште по првата фаза на јуришот. Повлекувањето било по патот кон Битола. Еден дел од турските сили, поточно Самостојната коњичка бригада, се повлекла преку Чепигово.
Кога виделе дека комплетната турска заштита отстапува кон Битола, српските полкови, кои биле најблиску до фронтовската линија, почнуваат гонење, но, иако речиси цело време трчале, не успеале навреме да стигнат во реонот на мостот на Црна Река, преку кој турските сили се повлекувале кон Битола. Кога се спуштила ноќта престанале пукотниците на целиот фронт. Српската артилерија не успеала да се премести на следните позиции за да може да го бие преминот преку мостот на Црна Река, каде што турските сили се натрупале чекајќи премин преку реката. Благодарејќи на ноќта успеале да се префрлат на другиот брег и да продолжат со отстапување кон Битола.
Во борбите кај Алинци српските загуби изнесувале 1.378 луѓе, а само 6. полк загубил 28 офицери и 1.000 војници. Турските загуби изнесувале 500 луѓе. Големата загуба кај српската војска е последица на недисциплината, слабото извидување, погрешното известување, непотребната парада во Прилеп и поради други слабости во српското командување.
СРПСКА ВЕРЗИЈА НА АЛИНСКАТА БИТКА И БИТКАТА НА БАКАРНО ГУМНО…
Резервниот потпоручник Станимир Лилиќ, носител на Караѓорѓева ѕвезда со меч за своето храбро војување на македонскиот фронт за време на Првата балканска војна, во своите спомени опишува неколку од најголемите и најкрвави битки на територијата на Македонија.
Според него, битката кај Бакарно гумно е една од битките кои, како што вели, никогаш нема да ги заборави: „Бакарно гумно, – пишува Лилиќ, – е рид од неколку стотина метри меѓу Прилеп и Битола на кој Турците имаат свое силно упориште…
…Кога на 24 октомври влеговме во Прилеп, пешадијата се задржа северно од градот за да се одмори. Прилепчани, љубезни и насмеани луѓе, ги колнеа Турците, велејќи дека одвај чекале да заминат од Македонија. Сите беа возбудени затоа што веруваа дека Турците засекогаш заминале од градот, но не знаеја дека на Бакарно гумна има силни турски сили кои се престројуваат повторно да влезат во градот. Битката со тие турски единици на Бакарно гумно траеше цели 11 часа, а разбивањето на турската линија се случи дури околу еден часот по полноќ. Мораше да се тргне на јуриш за конечно последните турски позиции да бидат пробиени и да се отвори пат за пробив кон Битола. Го поминавме Бакарно гумно и продолживме да го гониме непријателот низ Пелагонискоото поле кон Битола“, пишува Лилиќ.
Коментирај