Атанас Љутвиев е роден во 1885 година во Прилеп.
Основното образование го завршил во Прилеп, а потоа се запишал во Битолската гимназија. Во 1906 година бил назначен за учител во класното училиште во Петрич. За време на неговото учителствување во Петрич активно учествувал во културниот живот на градот. Во Петрич се приклучил кон ВМОРО и бил избран за член на околискиот комитет на организацијата. Потоа работел како учител во Ениџе Вардар, каде што во септември 1910 година бил уапсен за време на разоружителна акција на Младотурската управа.
Во учебната 1911/1912 година бил управник на интернатот во Солунската машка гимназија. Во 1912 година бил учител во училиштето во Прилеп. Во декември истата година, заедно со околу 45 видни прилепчани, бил поканет на прославата, организирана од српските власти во градот. За време на прославата, додека се наздравувало за победите на српската војска и за српскиот крал, Љутвиев гласно наздравил и за победите на сојузничките бугарски војски во Тракија. Тоа предизвикало гнев кај присутните офицери, кои користејќи ја приликата додека Љутвиев бил на орото, кое се развило во просторијата, го зграпчиле за рацете и го одвлекле во блиското училиште, каде што бил задавен и изгорен во училишната фурна.
Негов поголем брат бил револуционерот Владимир Љутвиев, а помалиот брат Илија Љутвиев исто така бил убиен од грчките власти во дворот на Солунската гимназија во 1912 година.
Коментирај