План на средновековно подградие (шрафирано), црквите, ископуваните гробишта и тврдината на „Маркови Кули”...

Локалитетот „Маркови Кули“

Локалитетот „Маркови Кули“ е сместен во гранитно-планински комплекс. Богат е со културни слоеви од доцниот неолит до XIV век. Во природната целост формирана од четири врвови (Чардак, Крупник, Тапанче и Гребник), со неколку тераси, удолнини и седла, се наоѓаат остатоци од ѕидови и кули од еден исклучително голем тврдински комплекс. Според некои истражувања, Маркови Кули се вбројуваат, по просторот што го заземаат, меѓу петте најголеми тврдини на Балканскиот Полуостров.

Тврдината е организирана во три одбранбени појаси. Снабдувањето со вода, се вршело со изворска вода од две цистерни во вториот одбранбен бедем и цистерната во Кулата во третиот појас. Со вода од оваа цистерна се снабдувало и денешното подградие Варош. Кулите од тврдината се со различен облик во основата, квадратни, правоаголни, кружни, овални, капкообразни и неправилни. Од видните средновековни градежни објекти ги издвојуваме резиденцијата и станот на командантот на градот, под врвот Чардак. Поголеми делови од економски простории, штали и работилници во дворот. Најрепрезентативниот градежен објект од типот палата, североисточно од Главната порта, изграден во X век. На западните јужни тераси остатоци од феудални дворци и еднокорабна црква со пирг. Последната тврдинска фаза со надѕидани и проширени ѕидови која потекнува од времето на кралевите Волкашин и Марко.

Меѓу репрезентите на градежните објекти на тврдината се и комплексот на манастирот Св. Архангел Михаил. Под црквениот под, на еден ѕид е откриена композиција од XII в. Источно на површината на вертикално поставената карпа се најдени квалитетни фрески од средината на XI в. Под западниот дел на црквата се пронајдени делови од профана градба. Од средниот век потекнуваат и сликите на карпите под врвот Чардак. Најстарите остатоци потекнуваат од римско-македонските војни во III-II век пред Христос. Најстари културни слоеви од разни времиња досега се откриени на врвот Чардак, под палатата кај Главната порта. Мошне е богат хеленистичкиот слој со многубројни фрагменти од керамички садови и градежна керамика. Од тоа време мошне е репрезентативен системот од канали и јами за цедење на грозје и филтрирање на гроздов сок, ред гробови издлабени во карпа, од VI в.

Многубројни се трагите од куќи со издлабени лежишта за дрвени диреци, четвртести греди и колци од плет, со јами за жито, остатоци од печки, корита за перење, за месење на леб, негативи на рачни мелници, дибеци и друго. Тие остатоци од разни времиња се разликуваат по формата и употребата на дрвената граѓа. Се издвојуваат куќи со цоклиња издлабени во карпи и печки со форма на јами. Овие објекти се без хронолошка поткрепа на теренот и тешко е временски да се определат. За словенскиот период IV-VI век се врзуваат големата некропола во југоисточната страна и општественополитичкиот центар со трон од камен под седлото, во близината на зооглифот Слон. Посебно се значајни откритијата на многубројните големи јами за складирање на жито од XIII-XIV век и сегмент од солидно граден пат од камени плочи, широк 2,30 м, над кој е пронајдена калдрма од турскиот период. На ова место во втората половина на XIV век биле извршувани смртните казни со черечење, што било познато во средниот век, па и подоцна. По доаѓањето на Турците на ова место (1395) било организирано производство на железо и боени метали. Куќите се во облик на крушообразни земјанки. Познато е дека во системот на турските воени формации, како металурзи биле ангажирани Роми, па така ова место би бил првиот случај на подигање на ромска населба во нашата земја.

„Мечкина Дупка“, некропола од хеленистичкото време.

„Падарница“, некропола од римското време.

„Под Кули“, некропола од хеленистичкото време.

„Попадин Дол“, некропола од железното време.

„Свети Атанас“, осамен наод од римското време и средновековна населба со некропола.

„Света Варвара“, средновековна црква.

„Свети Врачи“, средновековна црква.

„Свети Димитриј“, осамен наод од римското време.

„Свети Ѓорѓиј“, средновековна црква.

„Свети Никола“, осамени наоди од римското време и средновековна црква со некропола. Во црквата и во нејзиниот двор има поголем број антички лапиди од мермер, и тоа: импост-капител, мено, ара со релјеф како база на чесната трпеза, дел од ара со претставени гирланди и глава од овен вградена во десниот довратник.

„Свети Петар“, осамен наод од римското време. Во северниот ѕид на црквата е вѕидан дел од надгробна плоча на која во горниот дел се гледа розета и под неа шест човечки фигури што стојат, релјефно претставени. Пред црквата лежи горен дел од поголема ара која на предната страна има делумно зачуван релјеф на кој се претставени двајца мажи и една жена простум, а десно од нив жена што седи.

„Свети Харалампиј“, осамен наод од римското време и средновековна црква.

„Светец“, некропола од бронзеното време. Во непосредната близина на манастирот „Свети Архангел Михаил“, од десната страна на патот кога се слегува кон Варош, под карпата со фреската на Свети Архангел е откриен гроб со урна, во која се наоѓале остатоци од кремирана жена.

„Сивастоец“, средновековна некропола.

„Слон“, населба од бронзеното време. Во подножјето а во непосредната близина на природната карпа во облик на слон се гледаат многубројни фрагменти од керамички садови.

„Ташачица“, населба и некропола од доцноантичкото време и средновековна населба.

„Црква 13“, осамен наод од римското време и средновековна црква со некропола.

„Црквите 14, 15, 16“, средновековни цркви.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc