Вертикален пресек на гробницата „Безистен“...

Аристократска гробница „Безистен“

Локалитетот „Безистен“ се наоѓа на околу 1 км југозападно од Прилепец. Тука се пронајдени извесен број камени секири, керамички садови и предмети од бронза, кои упатуваат на постоењето на населба од праисторијата, односно бронзеното време. На истиот локалитет се пронајдени и археолошки предмети од следните периоди, односно, надгробни стели, темели од објекти, како и монети од античката македонска држава и римското време, а констатирани се и фрагменти од мозаици.

Од археолошките истражувања засега остануваат само истражувањата кои ги вршел српскиот археолог Никола Вулиќ во 1928 година и објавениот труд на археологот Милован Кокиќ во 1929 година, кој исто така бил во археолошката експедиција на Никола Вулиќ.

Милован Кокиќ во 1929 година во своите белешки забележал дека од десната страна на влезот од селото има мала црквичка во која од „христијанското“ има само една икона, додека нејзините ѕидови вклучувајќи и една импровизирана камена трпеза се од стар архитектонски камен – од остатоци од столбови и профилиран и орнаментиран камен, а во нејзината капела е исправена мермерна плоча (52х30х7см) орнаментирана со две шишарки во полукруг.

Тогашната археолошка експедиција забележала во дворот кај селскиот полјак во Прилепец поголем број на печени цигли, од кои некои биле со должина и до 50 см и исшарени со прсти. Таму пронашле и една мермерна плоча (52х28х9см) орнаментирана со шишарки и со натпис:

ОYAΛEРIОN
ΛΛIANO
AETωN
ΔEРI
НСО
IOYΛ
КΛIM

На прашањето од каде му е плочата тој одговорил дека е „Извадена“ од „Безистенот“. Оваа плоча, како и другиот пронајден движен материјал, подоцна се пренесени во тогашниот „Музеј Јужне Србије“ во Скопје.

Милован Кокиќ вака го опишал „Безистенот“:

„Безистенот“ е опкружен со 90 см дебел ѕид, во кој се наоѓа големо количество на кршен мермер па и цели плочи. Влезот во некрополата се наоѓа од западна страна, каде што се откриени скалила од обработени плочи широки преку 1 м. Во овој простор исто така се пронајдени неколку големи мермерни плочи (110х60 см), кои по обработката потсетуваат на седишта налик на оние во античките театри.

Исто така, пронајден е и мермерен столб со должина од 2 метри, чиј базис се наоѓа на северната страна од надворешниот ѕид на „Безистенот“. Во непосредна близина, малку подлабоко во земјата, пронајден е мермерен фрагмент долг 1 метар на убаво орнаментиран фриз. Десно од влезот во главната гробница се пронајдени повеќе гробови, покриени со плочи, но во нив освен коски не е пронајден никаков гробен наод.

Влезот на гробницата преставува отвор со ширина од 2 метра, а подолу на 2.5 метри вертикално се наоѓа друга плоча со помал отвор кој е пробиен насила. Според кажувањата од селаните, тоа го направиле турски заптии кои доаѓале навечер, верувајќи дека во гробницата има големо богаство кое може да се земе само ноќе, бидејќи тогаш чуварот на богаството (големиот смок) спие (според предметите кои се пронајдени подоцна во гробницата најверојатно дивите копачи си заминале со богат плен). Гробницата преставува една голема соба долга 2.20 м. и широка 1.90 м., a висината на таванот варира од 2.15 м. и 1.85 м.

Подот, таванот и сите четири ѕидови се обложени со фино обработени плочи со големи димензии (плочите на таванот ја зафаќаат целата ширина од собата). Од левата и десната страна од ѕидот недостасуваат по една до две плочи, кои се искршени од турските заптии, најверојатно мислејќи дека од другата страна на ѕидот има просторија со богаство. Во средината се наоѓал саркофаг (1.20х0.96х0.15 м.) искршен и ограбен, малку поместен на север, во кој се наоѓаат само неколку коски и черепот од покојникот.
Источно од саркофагот имало два мермерни столбови од кој едниот бил искршен.

На средината од таванот стоел натпис:

ΒωΜΟΝ ΜΑΡΚΙΑΝ ΙΟΥΛΙΑΝ
ΠΑΡΜΕΝΙωΝ ΙΠΑΤΡΟΥ
ΥΙΟCΤΗΝ CΥΜΒΙΟΝ ΑΡΕΤΗCΕΝΕ

Во горниот лев агол на плочата стоел натпис:

ΑΙΟΥ ΔΙΑΘΗΚΗΙ(?) ΟΙ ΜΕΝΙ
ΠΟΥ ΚΛΗΡΟΝΟΜΟΙ ΚΡΑΤΗ
C ΜΕΝΙΠΠΟΙΦΥCH ΔE AΓP
IΠΠA KAI ANNAC KAI ΠAPΜ
ENIΔHC ΜΕΝΙΠΠΟΥΦΥCΕ
ΔE ΦIΥΛOΞENOY AMAPAIOC

Во гробницата од експедицијата во 1928 година се пронајдени:
Грло од црвен земјен сад убаво орнаментиран со палмети, грло од стаклен сад, покрај саркофагот е пронајдено сочувано парче од свилена ткаенина, златен брош со два украсни камења, бронзен минијатурен сатир, оловна фибула во форма на розета и еден месинген украс за врата, на кој е изработена глава на голобрадо момче со шлем со крилја на двете страни.

На еден од натписите на спомениците од аристократска гробница се споменуваат три имиња, Агрипа, Кратева и Ана, кои се поклопуваат со три исти имиња на натпис од античката населба Колобаиса, која егзистирала на просторот на кој денес се наоѓа манастирот „Успение на света Богородица“ – Трескавец. Тоа укажува на имиња на граѓани на градот кај Прилепец, кои ги посетувале храмовите, кои во античко време постоеле под култниот врв Залтоврв, северно од Прилеп.

Гробницата на локалитетот „Безистен“ била гробница на некоја аристократска личност од доцната антика, веројатно, некој старешина на тогашниот град кај Прилепец. Тоа е извесна потврда дека на овој простор и во доцната антика (5–6 век н.е.) постоела населба со градски карактеристики. Сите три натписи содржат имиња и поими кои имаат исклучително значење за разгатнување на одредени општествени врски и односи меѓу двата града Стибера кај Чепигово и градот со сеуште непознато име кај Прилепец. На првиот од натписите се споменуваат имињата Орест и Филоксен, за кои може, со голема веројатност, да се претпостави дека се истите угледни граѓани од античкиот град Стибера, кај селото Чепигово, чии бисти се чуваат во Музејот на Македонија.
На вториот споменик со натпис се среќава поимот „Македонијарх“, што укажува на некое лице со административна функција поврзана со Македонија, а на третиот се среќава поим кој укажува на градот Стибера, „Стиберајон буле“, и зборува за тоа дека собранието на Стибера подигнало споменик во чест на извесен Лисимах. Лисимах, веројатно, бил еден од заслужните жители, можеби старешина на населбата кај Прилепец.

Ако се земе фактот дека во негова чест споменик подигнало собранието на Стибера, може да се претпостави дека населбата кај Прилепец во римско време била под негова управа, односно, била коме на Стибера.

Во 2005 година неколкумина диви копачи, кон крајот на октомври, два-три дена „работеле“ на откривање на богатствата од античкиот период во локалитетот Безистен.

Силниот мотив по скриеното богатство ги натерало да донесат и багер за побрзо и поефикасно да стигнат до скапоценостите за кои претпоставувале дека се во некрополата, но успеале само да ги растурат големите мермерни блокови од конструкцијата, а седум од нив, од кои три со добро сочувани натписи со грчко писмо, подоцна се пренесени кај новоизградената црква „Свети Димитриј“ во Прилепец.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc