Автопортрет на Прилепскиот уметник Ангеле Иваноски.

Ангеле Иваноски

Ангеле Иваноски (Прилеп, 1913 – Скопје, 1987) – сликар и сценограф, претставник на неоимпресионизмот.

Ликовната кариера ја започнал како самоук сликар. Реализирал две самостојни изложби (Прилеп, 1941 и Скопје, 1961) и две изложби заедно со прилепскиот сликар Ѓорѓи Ачески (Битола, 1942 и Скопје, 1943). Бил учесник во НОБ. Како партизан, автор е на многу цртежи и скици со молив и туш и илустрирал повеќе изданија на весници. По ослободувањето завршил шестмесечен ликовен курс во новоотворената Художествена школа (Скопје, 1946) и работел како сликар-сценограф во Македонскиот народен театар, се до заминувањето во пензија (1946–1967).

Имал блиска соработка со сликарите Василие Поповиќ-Цицо и Томо Владимирски. Бил член на ДЛУМ (1951) и учествувал на неговите колективни изложби. Никогаш немал свое ателје. Сликал на отворен простор и во неговото сликарство доминира секојдневјето, посебно социјалната тематика: старата прилепска и скопска чаршија (казанџии, ковачи, самарџии, сарачи), прилепската саат-кула, митинзи, стариот скопски театар, Камениот мост, Скопје во времето на земјотресот и сл.

Се занимавал и со графика (1952–1987), посебно со мотиви од старото Скопје (графичка мапа посветена на Скопје). На неговата ретроспективна изложба по повод 50-годишната ликовна дејност (Скопје, 1985) биле изложени 90 слики во маслена техника, темпера и пастел, создавани од 1940 година, па дотогаш.

Нема Коментари

Коментирај